Седум факти за новата супермагистрала М11 која ги спојува Москва и Санкт Петербург

Одморалиште и бензинска станица на автопатот М11 Москва-Санкт Петербург

Одморалиште и бензинска станица на автопатот М11 Москва-Санкт Петербург

Алексеј Куденко/Sputnik
Магистралниот автопат М11, еден од најголемите сообраќајни проекти во последниве две децении, сега е отворен за оние кои сакаат БРЗО да патуваат помеѓу двата најголеми руски града. Ви ги презентираме најважните податоци за оваа сообраќајница.

1. Новиот автопат помеѓу Москва и Санкт Петербург е долг 669 километри, а минува низ Московската, Тверската, Новгородската и Ленинградската област. Го доби називот „Нева“ во чест на реката која тече низ Санкт Петербург. Ова е еден од најголемите инфраструктурни проекти во современата руска историја. Проценетата вредност изнесува 520 милијарди рубли (8.1 милијарди американски долари). Проектот е финансиран од државата заедно со приватни инвеститори. За споредба, неодамна изградениот Кримски мост преку Керченскиот мореуз чинеше 228 милијарди рубли (3.8 милијарди американски долари), односно помалку од оваа магистрала.

2. Сообраќајот помеѓу Москва и Санкт Петербург е преоптоварен, така што старата бесплатна магистрала М10 не беше доволна. Сега транзитниот сообраќај ќе биде пренасочуван на М11, а локалниот на М10. Според официјалните лица, благодарение на автопатот М11 бројот на сообраќајни незгоди на линијата Москва-Санкт Петербург ќе биде двократно намален. Се очекува до 2030 година овој број да се намали за 3 до 5 пати.

Снимка од воздух на јазол со наплатни рампи на автопатот Москва-Санкт Петербург

3. Една од најважните предност на новата магистрала е фактот што таа може да се мине за 5 до 6 часа (на старата М10 потребни беа околу 10 часа за да се стигне до кој било град. Во зимскиот период брзината е ограничена на 110 километри на час, а напролет ќе биде подигната на 130 километри на час.

4. На автопатот М11 се наплатува патарина. Во работни денови цената изнесува 1.820 рубли (18.4 американски долари), а за викенд 2.020 рубли (31.5 долари). Цената ќе биде помала за автомобилите кои имаат транспондери (1.331 рубља во работни денови и 1.494 рубљи за викенд). Новиот автопат ќе биде добра алтернатива за оние кои од Москва до Санкт Петербург и назад не сакаат да патуваат со воз, и ќе биде поевтина од брзиот воз Сапсан доколку во автомобилот се возат најмалку двајца патници. Да не зборуваме за останатите предности од патувањето со сопствен превоз!

Наплатна рампа на автопатот М11

5. Предноста е и во тоа што на автопатот М11 нема да има застој. Оваа сообраќајница не минува низ густо населени градови и има соодветни јазли. На различни делници има четири, шест, осум, па дури и десет ленти (секоја од нив е широка 3.75 метри). Една делница од патот сè уште се гради. Станува збор за обиколницата околу градот Твер долга 59 километри, која неодамна беше вклучена во проектот.

Бензинска станица на Гаспромнефт на автопатот М11 Москва-Санкт Петербург.

6. Изградбата на автопатот М11 беше започната во 2010 година, но постојано се одложуваше. Јавноста своевремено протестираше поради сечењето шума низ која требаше да минува автопатот, така што властите мораа да се занимаат со ова прашање. Беше планирано проектот да се заврши до почетокот на Светското првенство во фудбал во 2018 година, но поради вредните археолошки ископини на оваа траса, изградбата беше одложена за есента 2019 година.

7. Уште во 2003 година Владимир Путин рече дека ја поддржува изградбата на автопатот М11, зашто овој инфраструктурен проект е важен за земјата и за нејзината економија. „Овој автопат ќе придонесе за развој на регионот низ кој минува, а тоа ќе го забрза нивниот економски развој и ќе ги направи подостапни...“, изјави тој на свеченото отворање. Рускиот претседател официјално го отвори автопатот на 27 ноември 2019 година, а учествуваше и во пробното возење, уживајќи во амбиентот на новиот автопат од својата лимузина Аурус.

***

Новиот автопат е дел од поголем инфраструктурен проект – Меѓународниот сообраќаен коридор помеѓу Европа и западна Кина. Овој меѓународен проект е започнат кон средината на минатата деценија поради сè поголемиот промет на стока помеѓу Кина и Европската Унија. Така се појави идеја да се направи сообраќајница долга 8.500 километри и да се отвори нова линија за транспорт на стока од Кина во Европа преку Казахстан и Русија.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња