Добре дојдовте во Гус Хрустални: Домот на рускиот кристал (ФОТО)

Сергей Бобылев/TASS
Сè во градот Гус Хрустални има врска со кристалното стакло: голема фабрика, централниот пазар, па дури и една црква.

Кристалот отсекогаш бил на листата на желби на секое советско семејство. Бил многу скап и се сметал за предмет на луксуз. И многу семејства и ден-денес го ценат и го чуваат. Најомилен во Русија беше кристалот од градот Гус Хрустални (денес со 60000 жители).

Повеќе од 250 години во градот се произведуваат кристални дизајнирани чаши, декантери и вазни! Погледнете како денес изгледа „кристалниот туризам“.

Зошто рускиот кристал е толку познат?

Во 1756 година индустријалецот Аким Маљцов изградил фабрика на бреговите на реката Гус. Тука имало многу песок, вода и дрво потребни за производство на стакло, а било и добра локација во близина на градовите од Златниот прстен. Неговите потомци продолжиле да го развиваат бизнисот по него.

Споменикот на Аким Маљцов

Гускиот кристал станал светски познат кон средината на XIX век, и тоа по еден трагичен настан. Во 1828 година сопственикот на фабриката Иван Маљцов (внук на Аким Маљцов) бил на служба во руската дипломатска мисија во Персија, на чие чело се наоѓал писателот Александар Грибоедов. Маљцов бил единствениот преживеан по нападот на бунтовниците врз дипломатите. Во знак на извинување, шахот на Персија му одобрил на Маљцов бесцаринска трговија со кристал и наскоро производите од кристално стакло од фабриката од Гус стигнале и во други земји и стекнале меѓународна слава.

За време на советската ера, фабриката во Гус Хрустални беше национализирана, но и понатаму беше главен производител во градот. Секој гостин е добредојден да го посети ова место и да се запознае како функционира фабриката денес.

Како настанува кристалот

Денес фабриката за кристал вработува околу стотина луѓе, вклучувајќи дизајнери, занаетчии и работници за полирање. Нивната работа е исклучително физички напорна.

Сите овие вазни и декантери се дуваат со помош на метална цевка на температура од 1250 степени Целзиусови. Замислете само колку е топло таму! И додека кристалот е сè уште еластичен, мајсторите со помош на инструменти му ја даваат посакуваната форма.

Поединечни парчиња - фигурини, коњи и цвеќиња – се „печат“ во посебни калапи. Потоа предметите се испраќаат на калење и полирање.

Другите мајстори ги прават фасетите, идниот цртеж и продолжуваат со финалната обработка.

„Овде токму на работното место ги обучуваме мајсторите, но практично немаме проток на кадар, бидејќи тие не сакаат ни да се пензионираат“, објаснува водичот за време на обиколката на фабриката.

За да се добие обоен предмет, во стаклената маса се додаваат различни хемиски елементи. Сината се добива со додавање на кобалт, виолетовата со додавање на манган, црвената со селен, а лилата со додавање на неодимиум. Најскапите предмети се со розова боја бидејќи го содржат реткиот елемент ербиум.

Фабриката произведува предмети во серии и по нарачка. Најоригиналните дела се изложени во музејот на фабриката, меѓу нив е и прасица со 15 прасиња, крава во сарафан, кокошници и многу други необични работи. Се разбира, сето тоа не може да се смести во една мала соба. Затоа поголемиот дел од гускиот кристал од различни епохи е изложен – а тоа навистина е нешто уникатно - во поранешната блиска црква.

Храм на кристалот

Најпрвин, тешко е да се поверува дека оваа величествена градба од црвени тули всушност била православна црква. Каде ѝ се куполите? Каде ѝ е камбанаријата? Пред сто години ги имала сите овие карактеристики. Во деведесеттите години на XIX век сопственикот на фабриката, Јуриј Нечаев-Маљцов, решил до фабриката да изгради православна црква, која по форма би наликувала на европска базилика, но би била уредена во традиционален руски стил. Проектот го изработиле архитектот Леонтиј Беноа и сликарот Виктор Васнецов.

Црквата „Св. Георгиј“

Црквата „Свети Георгиј“ добила ентериер инспириран од базилика, традиционална руска камбанарија и неоруски стил на архитектура, поради што наликувала на големите болјарски куќи. Во средината на дваесеттите години болшевиците ја претвориле црквата во кино, додека камбанаријата, куполите, олтарот и другите верски обележја биле отстранети. Во 1983 година беше одлучено таму да биде сместен музеј, бидејќи фабриката не можеше да прими поголем број експонати. Така, православната црква беше претворена во храм на кристалот. Сепак, во црквата се зачувани мозаикот во олтарниот простор, сликата „Последниот суд“ од Васнецов и еден од дванаесетте кристални свеќници.

Денес во музејот се сместени над 2000 уникатни предмети од стакло и кристал. Има вазни какви што Гус Хрустални порано праќал во Персија, агитациски кристал со болшевички слогани, како и креативни дела од современи мајстори.

Куќите на Маљцов  

Работата во фабриката била многу тешка, но Маљцови нуделе, како што би рекле денес, импресивен пакет поволности. Најважната поволност биле становите во нови куќи од тули. Таквата понуда и условите за живот во тоа време биле речиси невозможни за обичните работници. Вкупно 425 вакви куќи биле изградени во втората половина на XIX век, но само 247 од нив се сочувани до денес. Сите тие се прогласени за објекти на културното наследство на градот и негов препознатлив симбол.

Железничката станица

Секоја куќа е поделена на неколку апартмани, а сопствениците имаат и мал двор. „На пример, нашата куќа има само седум стана, секој со сопствено греење “, вели една станарка. Меѓутоа, овие куќи не можат да се менуваат при реновирање, туку сопствениците мора да ги почитуваат условите кои се поставуваат за споменици на архитектурата. Сепак, становите во овие куќи многу ретко се продаваат, а доколку се појават на пазарот, веднаш се продаваат. Затоа што многу луѓе би сакале да живеат тука.

Уште кристал!  

Тешко е да се замисли стар руски град без пазарна зграда. Центарот на Гус Хрустални е преполн со типични градби од средината на XIX век со елегантни столбови и тераси, а тука е и официјалната продавница на фабриката за кристал. Цената на обична кристална чаша тука се движи од околу 2000 рубли (околу 35 евра) па нагоре. „Нашите производи можете да ги разликувате од копиите на следниов начин“, објаснува продавачот. „Прво, фабриката произведува само класичен кристал, а не стакло, и второ, тоа е многу скап кристал, бидејќи се прави рачно“.

Меѓутоа, ако копнеете за кристал а средствата ви се ограничени, постои уште една опција. Во градот има уште десетина фабрики за стакло. Тие произведуваат свеќници, садови, сувенири и техничко индустриско стакло. Сето тоа и многу повеќе можете да го видите на најголемиот пазар за стакло, кој покрај локални производи нуди и стаклени предмети од цела Русија и странство.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња