Чукотка е најголемиот и најслабонаселен регион на североистокот од Русија, кој преку морето се граничи со САД. Замислете на територија од неколку европски земји живеа само 50 илјади луѓе, при што од едно до друго село може да се стаса само со хеликоптер или со теренско возило. Поголемиот дел од Чукотка се наоѓа зад поларникот. Затоа не може да се каже дека климата тука е пријатна. Туристите доаѓаат тука за лично да ја доживеат убавината на пејзажите во тундрата, да видат бели и кафеави мечки, да ги набљудуваат моржовите, со еден збор, да ја испробаат својата цврстина во условите на дивата природа. На едно вакво местo, исто толку убаво, исто толку ненаселено, неодамна се појави првиот глампинг (гламурозен камп). И изгледа мошне необично!
Туристичкиот центар „Умка“ (така на Чукотка се нарекуваат белите мечки) се наоѓа меѓу селата Лаврентиј и Лорино околу 100 километри јужно од поларникот. Исто толку е оддалечен од најисточната точка на Русија, ‘ртот Дежнев. Отворен е во септември 2021 година и откако ги прими првите туристи (група од Австрија и од Германија) мораше да биде затворен во текот на зимата и на пролетта, вели неговиот основач Максим Крупења. Следните гости беа на почетокот на август 2022 година, а тоа беа учесници на експедицијата реализирана во рамките на фестивалот „Берингов мореуз“, посветен на развојот на туризмот на Чукотка. Максим е дел од оние локални жители кои со голем ентузијазам се впуштија во потфатот за развој на туризмот во овие краишта.
„Цел живот сум војник и преминав да служам на Чукотка со цел што порано да одам во пензија (тука годината на служба се смета како две поради суровите услови). Знаев дека тука ниту за туристите не постои комфорно сместување. Сакав да докажам дека врвна услуга постои дури и на крајот од светот“, објаснува тој. Кога во 2009 година Максим заминал во пензија, решил да се пријави за бесплатно земјиште во рамките на програмата „Далекоисточен хектар“ (подетално за оваа програма имаме пишувано на други места) и да организира глампинг.
Зел кредит и купил шест геодезиски куполи од производител на Алтај, од кои пет се станбени, а шестата е трпезарија и дневна соба.
Туристичкиот центар е предвиден за 12 лица, но по потреба можат да се сместат до 20 гости. Во секоја купола има по еден брачен и два единечни кревети, како и еден кревет на кат, закачалки за облека и неколку штекери. Куполите имаат печки на гас и на дрва. Едниот ѕид е со проѕирен поглед на планинската река и на врвовите покриени со снег дури и налето.
Замислено е гостите на „Умка“ да се хранат во заедничката купола: вработените во глампингот тука на голема скара подготвуваат риба, месо, супи, варат кафе. Надвор печат раженчиња. Посложените јадења (фарширани шницли, салати со мајонез и каши и прилози од зеленчук) се подготвуваат во селото Лаврентија. Санитарната зона е направена од дрвени куќички кои се наоѓаат одвоено, а имаат еколошки тоалет и туш. Водата од планинската река со носи во бојлерот, а по користењето истекува во септичка јама, кадешто се прочистува, се филтрира и потоа се испушта прочистена.
Ќе помислите дека тука и нема што да се прави, зашто каква забава би можело да има во дивина? Но, всушност не е така. На само 10 минути пеш се наоѓаат топлите извори „чукотскиот Баден-Баден’ кои содржат слабо радиоактивен гас радон (се користи како моќно лековито средство за цел спектар заболувања). Во советско време покрај овие извори се наоѓаа пионерски камп и хотел, но денес од нив се останати само карабини. Сепак, тука и понатаму доаѓаат жителите на најблиските населени места и туристички групи. Максим смета дека освен туристите кои сакаат да престојуваат подолго време, во глампингот можат да преноќат и оние што ги посетуваат овие извори.
На 20 минути возење од глампингот се наоѓа најголемото национално село Лорино на брегот на Беринговото море, каде туристите доаѓаат за да се запознаат со културата и со секојдневието на чукотскиот народ. Тука се одржуваат прослави, спортски игри, годишната морска регата „Берингија“ со традиционални рачно направени чамци.
Максим сонува за тоа глампингот да се префрли на еколошки чиста енергија. Целта на сето тоа е да се намали негативното влијание на човековата дејност во околината, зашто иако во тундрата нема луѓе, тука има многу живот. Во тундрата растат ретки билки (мов, џуџести грмушки, лишај, јагел) и живеат диви животни: мечки, арктички верверици, а исто така има и мошне чисти реки. Сето тоа треба да се зачува.
„Имаме објект кој е одвоен од индустриско напојување“, вели тој. „Моментално туристичкиот центар користи генератор на дизелгориво, што го носиме од селото, а јас би сакал сето тоа да биде со хидротурбини, тука да направиме еден вид миниелектрани“. Тој исто така има идеја да постави ветерници, зашто на Чукотка има доволно силни ветрови, па зошто да не ги „скротиме“?
Уште минатата година мислел дека глампингот ќе функционира само налето, но сега се откажал од идејата да ги демонтира конструкциите. Овие куполи веќе имаат издржано бурен ветар, а печките прилично добро го загреваат просторот. Сега би сакал да провери како глампингот ќе ја преживее зимата.
Освен тоа, Максим се труди да уреди уште едно место во заливот Лаврентија, во реонот на заливот Безимјани. Овој пат за научниците што доаѓаат да ја проучуваат арктичката клима и морските животни. Овој центар во целост би требало да користи еколошки извори на енергија.
Порано си мислел дека ќе ја дочека пензијата и оти ќе замине во централниот дел на Русија, но не успеал целосно да го напушти Северот. Денес поголем дел од годината минува во Калининград, но често се враќа на Чукотка. Дури и во најзападната точка на Русија не може да престане да мисли на неа. Планира да создаде и глампинг во чукотски стил, со традиционални јаранги (шатори на номадите) каде би работеле локалните жители. Така сака да ја шири љубовта кон својата сакана Чукотка.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче