Да тргнеме од југот кон северот. Најјужната точка на Русија е во Република Дагестан на 41 степен северна географска ширина исто како Рим, Чикаго, Барселона и Истанбул. А, најјужен руски град е Дербент на 42 степен северна географска ширина.
Замислете, Њујорк е појужно од цела Русија, зашто се наоѓа на 40 степен северна географска ширина (СГШ). Исто како и Мадрид (Шпанија), додека Пекинг (Кина) и Филаделфија (САД), на пример, на 39 паралела. Сан Франциско (САД) е на 37, а Токио (Јапонија) дури на 35 напоредник.
Таканаречениот руски југ се наоѓа на 43-45 степен географска ширина. Градовите Сочи, Грозни и Владикавказ (како и далекоисточниот Владивосток) се на 43 степен СГШ, исто како и Фиренца, Тоскана и Сиена (Италија), и како Алмати (Казахстан), Варна (Бугарија) и Сапоро на островот Хокаидо (Јапонија).
На 44 паралела се црноморските летувалишта Севастопољ, Анапа и Новоросијск, а исто така и кавкаскиот Пјатигорск. Во САД на оваа ширина се наоѓа Минеаполис, кој таму се доживува како северен град. На 45 напоредник е Краснодар на југот од Русија, исто како и канадските градови Монтреал и Отава.
Сиетл (САД) и Будимпешта (Унгарија) се на 47 степен СГШ, исто како и рускиот Ростов на Дон, додека на 48 паралела се европските престолнини Париз (Франција) и Виена (Австрија), како и руските градови Волгоград, Хабаровск и Биробиџан (главниот град на Еврејската автономна област на рускиот Далечен Исток).
Интересно е што најсеверната точка на САД (ако не се смета Алјаска) се наоѓа на 49 степен СГШ. Со други зборови, целата останата Русија е посеверно од наведените градови. Комсомољск на Амур, Белгород и Благовешченск се сместени на 50 степен северна географска ширина, исто како Брисел (Белгија).
Само малку посеверно, на 51 паралела, се наоѓаат Лондон и Оксфорд (Англија), Кардиф (Велс), Дрезден (Германија) и Антверпен (Белгија). Исто како и руските градови Курск, Воронеж, Саратов и Оренбург, кој се граничи со Казахстан. Покрај тоа, на иста ширина се главните градови на неколку руски републики: Горно-Алтајск (Република Алтај), Улан Уде (Република Бурјатија), Кизил (Република Тува).
Москва има над 10 милиони жители и таа е најсеверната таква урбана агломерација на светот. Се наоѓа на 55 степен северна географска ширина. Од поголемите руски градови на иста ширина се Казањ, Чељабинск и Новосибирск, а во светот тоа се Копенхаген (Данска), Глазгов и Единбург (Шкотска), Клајпеда (Литванија) и Томпсон (Канада).
Велики Новгород, Тобољск и Перм се на 58 степен, исто како Џуно, главниот град на Алјаска.
Санкт Петербург е на 59 паралела, како и Стокхолм (Шведска), Осло (Норвешка) и Талин (Естонија). На иста географска ширина се руските градови Вологда и Магадан. На 60 напоредник се Нижневратовск, Велики Устјуг и Хелсинки (Финска), а на 64 Архангељск и Рејкјавик (Исланд).
Сега започнува она најинтересното! Цела Русија го пресекува 66 напоредник, односно северниот поларен круг. Единствениот град во светот кој се наоѓа непосредно на северниот поларен круг е Салехард во Русија. Во САД овој 66 напоредник минува низ Алјаска (на пример езерото Селавик) и низ цела Канада, како и низ Нурботен, северна област на Шведска, островот Гримсеј на Исланд и островот Викинген во Норвешка. Покрај тоа, поларниот круг ја сече и пистата на финскиот аеродром Рованиеми.
Најголемиот град на светот над поларниот круг е Мурманск во Русија. Тој се наоѓа на 68 паралела. А, најсеверните градови на Русија, Нориљск и чукотскиот Певек, се наоѓаат на 69 степен северна географска ширина, исто како и норвешкиот град Тромсе.
Најсеверното населено место во Русија е Диксон во Краснојарскиот крај. Тоа се наоѓа на 73 степен СГШ, а два степени појужно е најсеверниот град на САД Уткиагвик на Алјаска.
Најсеверната точка на руското копно е на арктичкиот архипелаг Земјата на Франц Јосиф, на 81 степен северна географска ширина. На истата паралела е и воената база Норд на Гернланд (Данска). Канада ги има надминато сите во врска со ова прашање. Имено, најсеверната точка на светот кадешто престојуваат луѓе е канадската воена база и метеоролошкиот центар на островот Елсмир, 82 степен северна географска ширина. Понатаму нема ништо, само Северниот пол!
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче