Десетте најдобри плажи во Русија (ФОТОГРАФИИ)

Андреј Данилович/Getty Images
Што велите за плажа со поглед на планини? А со скриени лагуни, или место за организирање журки? Ви предлагаме список со најдобрите јавни плажи со „Сино знаменце“ и бесплатен влез.

1. Килибарна плажа, Калининградска област

Плажата на населбата Јантарни („Килибарен“) во Калининградската област на брегот на Балтичкото море е првата во Русија што доби „Сино знаменце“, т.е. меѓународен сертификат за плажи и марини со висок квалитет. Тоа беше во 2016 година, а сега Јантарни има дури две плажи со „Сино знаменце“, една до друга. Едната е Централна, другата е Килибарна.

Тоа се широки плажи со ситен снежнобел песок, добра инфраструктура и борова шума околу нив. Ова место не е многу блиску до Калининград (48 км, т.е. околу еден час возење), па затоа тука нема гужва и секогаш можете да најдете место. На плажата не се продаваат пченка ниту хот-дог, туку остриги, а по бура мештаните го „шпартаат“ брегот во потрага по килибар.

2. Градини на морињата, Геленџик

Живописниот град Геленџик се наоѓа во Краснодарскиот крај, на брегот на Црното море. Тукашните лагуни се познати по плажите со камчиња кои многу личат на италијанските: тиркизно море, стрмни карпи, планини и миризливи борови. Една од најдобрите е „Градини на морињата“. Не е голема, но е убаво уредена и има фантастичен поглед на лагуната и планините. Влезот е бесплатен, а посетителите имаат на располагање лежалки, кафе-бар, SUP-даски и морски екскурзии. Оваа плажа се смета за почиста и помирна од централните плажи на Геленџик, а нејзиниот плиток дел е подолги.

3. Ривиера, Сочи

Најдобрата и една од најпопуларните плажи во Сочи (Краснодарски крај) е истовремено и место каде што се организираат забави, каде што луѓето одат да се релаксираат на снежнобели лежалки и да уживаат во зајдисонцето.

Во 2020 година оваа плажа во централниот реон на Сочи доби статус на најдобар архитектонски објект во Краснодарскиот крај благодарение на проектот за сеопфатна реконструкција на Архитектонското биро ab2. По реновирањето, ова место стана најатрактивно во градот. Сега комплексот плажи „Ривиера“ опфаќа пријатно зелено паркче, фитнес-зона, детско игралиште, парк со јажиња, амфитеатар и десетици ресторани со панорамски поглед.

4. Провлак Бељаус, Оленевка

Поради снежнобелата плажа и тиркизната вода, за ова место на Крим често се вели дека е „Кримски Малдиви“. Другите плажи на Крим немаат толку проѕирна вода. Провлакот го дели Црното море од езерото Донузлав и е долг 10 километри! Овде е тивко, нема многу посетители и нема никаква инфраструктура, па луѓето често доаѓаат со шатори. Но затоа во близина на плажата има цела туристичка населба со хотели и ресторани.

Провлакот има и историско значење. Тука се урнатините од древни грчки и скитски населби кои може бесплатно да се истражат за време на паузата од сончање и пливање.

5. Баунти, Севастопол

Плажата Баунти или Александрина лагуна (официјално име) се наоѓа на ‘ртот Фиолент на југозападниот брег на Крим. Тоа е дива плажа, луѓето не доаѓаат тука заради комфорот и инфраструктурата, туку заради „инстаграмската позадина“. Лагуната ја красат карпи кои се издигнуваат од водата во височина, како и јахтите закотвени во неа. Многумина доаѓаат овде преку водата само за да се искапат.

Има неколку патеки кои се спуштаат кон плажата, а и тие се диви. Тоа значи дека на плажа треба да одите со удобни обувки. И речиси веднаш започнува длабокото, така што многумина со задоволство скокаат во водата од карпите.

6. Генералски плажи, Керч

Друго име е „Брегот на илјада лагуни“. Оваа живописна плажа е долга 12 километри. Се протега од Керч на брегот на Азовското Море. Карпите со невообичаена форма формираат лагуни. Една од нив е карпата во вид на капија, и тоа е популарна „инстаграм-локација“. Овде сакаат да доаѓаат поклониците на самотнички одмор во шатор, како и љубителите на јогата и езотеризмот. Морето не е длабоко и водата се загрева побрзо отколку во Црното море. На Генералските плажи можете да се капете дури и во мај.

7. Роза Хутор, Сочи

Ова е исто така позната плажа во Сочи. Поврзана е со истоименото планинско одморалиште и се наоѓа во Олимпискиот парк спроти стадионот „Фишт“. Најдобар начин да го завршите денот по целодневен престој во планина е да го дочекате зајдисонцето овде.

Плажата е покриена со крупни камчиња, но насекаде има дрвени патеки. Гостите ги фалат удобните лежалки и чистотата. Покрај стандардните услуги, достапен е и специјален понтон за нуркање, изнајмување опрема за нуркање и опрема за SUP-сурфање.

8. Масандровска плажа, Јалта

Најпопуларната и најдобро уредена плажа на Јалта веќе неколку години по ред го добива сертификатот „Сино знаменце“. Се наоѓа во центарот на градот, на седум минути пеш од пристаништето.

Плажата ја има сета потребна инфраструктура, од кабини за преслекување до тушеви, а згора на тоа има и кабинет за масажа. Овде во утринските часови се одржуваат часови по јога. Навечер Масандровската плажа се претвора во големо кафуле под отворено небо бидејќи се изнесуваат маси и се поставуваат во близина на водата.

9. Стаклена плажа, Владивосток

Во близина на Владивосток, на брегот на Усурискиот залив, има плажа слична на калифорниската во Националниот парк Мекеричер. Се нарекува „стаклена“ затоа што наместо песок има парчиња стакло и камења кои морската вода ги измазнила, па на сонце светат како скапоцени камења!

Историјатот на плажата не е толку магичен како нејзиниот изглед. Некогаш во близина имало градска депонија каде се фрлале стари садови, стакло и керамички плочки. Сето тоа тогаш долго време се наоѓало во водата, за морето на крајот да го исфрли на брегот во вид на сјајни и измазнети камчиња. Сега пливањето на оваа плажа е безбедно, има тоалети, газебо, маси и куќички за одмор.

10. Азурен брег, Евпаторија

Епаторија на западот на Крим има околу 70 плажи, а Азурниот брег е сигурно една од најдобрите. Ситниот бел песок, белите бунгалови, отворениот простор и чистата територија е она по што се издвојува плажата. Можете да изнајмите катамаран или да се занимавате со некој воден спорт.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња