Ориентален Петербург: делови од Кина и Египет, Магреб и Тибет во руската северна престолнина

Трендот на ориентализмот, кој од Европа пристигна во Русија на почетокот на XVIII век, беше отелотворен во Петербург со подемот на руската грандиозност.

За жителите на „најевропскиот“ град во Русија, Истокот отсекогаш бил обвиен со превезот на романтиката и мистериозноста. Меѓутоа, малкумина имаа можност навистина да ги посетат тие далечни краишта. Сликите од далечните, туѓи култури ја поттикнуваа имагинацијата на љубителите на егзотиката, па оние што имаа средства за тоа ги вткајуваа своите соништа во архитектонските форми на фасадите и префинетите ентериери. А со текот на времето, благодарение на напорите на локалните национални заедници и развојот на пријателски односи меѓу народите, во градот почнаа да се појавуваат и други острови на Далечниот и Блискиот Исток.

Кинескиот дворец во Ораниенбаум

Ораниенбаум е една од приградските резиденции на династијата Романови. Од 1762 до 1768 година италијанскиот архитект Антонио Риналди по желба на Екатерина II овде го изградил Кинескиот дворец. Надворешноста на зградата го одразува западноевропскиот рококо стил, но некои од ентериерите се направени во кинески стил популарен во тоа време.

Ориенталните мотиви се лесно препознатливи меѓу орнаментите во кабинетот со стаклени мониста: неговите ѕидови се декорирани со дванаесет паноа извезени со мониста и свила во стил кој ја имитира кинеската средновековна уметност.

Додека Малиот и Големиот кинески кабинет изгледаат како да се целосно пренесени од далекоисточната земја. Декоративните дрвени паноа претставуваат сцени од традиционалниот живот на Кинезите, а околу прозорците чуваат стража змејови.

Големата корална синагога

Кон средината на 50-тите години на XIX век царот Александар II ги ублажил одредбите на законот со кој се забранува населување на Евреи во престолнината. Еврејската заедница почнала брзо да расте, а со тоа и бројот на домови за молитва. Во 1869 година, царот им дозволил на петербуршките Евреи да изградат синагога наместо дом за молитва. Поминале уште десет години додека општината да собере пари и најде место за изградба. Изградбата исто така траела 10 години, од 1883 до 1893 година.

Својот изглед синагогата му го должи на архитектонскиот критичар Васили Стасов, кој инспирацијата ја нашол во берлинската синагога изградена во арапско-маварски стил според проектот на еврејскиот архитект Кноблаух.

Се смета дека во Европа еврејските општини граделе синагоги по примерот на маварските како потсетник на ерата на процутот на еврејската култура во муслиманска Шпанија.

Дацан Гунзечојнеј  

Најсеверниот будистички храм во светот е изграден во Петербург благодарение на претставникот на XIII Далај Лама во Русија, бурјатскиот лама Агван Доржиев. Во 1908 година, по воспоставувањето дипломатски односи меѓу Русија и Тибет, тој добил дозвола од царските власти да изгради будистички храм во престолнината.

Како пример е избран тибетскиот соборен храм „дукан“, со тоа што архитектите го редизајнирале неговиот изглед под влијание на скандинавскиот стил на Арт Нуво, кој во тоа време бил модерен. Пари за изградбата донирале Доржиев, XIII Далај Лама и будистите од Бурјатија и Калмикија. Храмот бил осветен во 1915 година.

За време на Граѓанската војна во Русија (1918-1923), храмот бил разрушен, а во 1920-тите и 1930-тите бил предаден на употреба од Тибетанско-монголската комисија во СССР. Меѓутоа, во 1938 година храмот бил ликвидиран, ламите уапсени, а зградата ѝ припаднала на државата. Дури на почетокот на 1990-тите на зградата ѝ беше вратена  првобитната религиозна намена.

Сфингите на кејовите

Во Петербург може да се набројат речиси триесетина сфинги. Најстарите и најпознатите „престојуваат“ на Универзитетскиот кеј, спроти Академијата за уметности. Тоа се оригинални египетски скулптури изработени од розов гранит, направени во XIV век п.н.е за да го красат храмот на Аменхотеп III. Биле донесени во главниот град на Русија во 1832 година и поставени во 1834 година.

Според урбаната легенда, ако предолго се загледате во очите на сфингите, може да го изгубите умот. За нивната лоша репутација придонело и тоа што на кејот со сфингите, како што се зборувало меѓу луѓето, биле пронаоѓани тела на удавени луѓе од целиот низводен тек на реката Нева.

Меѓу преостанатите петербуршки сфинги се издвојуваат две мрачни скулптури на Михаил Шемјакин, кои прават споменик на жртвите на политичките репресии во СССР. Поставени се спроти злогласниот затвор „Крстови“ во кој издржуваа казна политички затвореници.

Фигурите се поделени по должина на две половини. Кон станбените блокови се свртени профилите на убави девојки со откриени гради, а кон затворот се свртени профилите на черепите. Овој метод ја симболизира трагедијата на поделениот народ: едни живееле во незнаење, а други страдале од диктатура.

Кинеската градина на пријателството

Градината е создадена во 2003 година на Литејниот проспект. Тоа беше подарок за Петербург од Шангај по повод 300-годишнината на градот. Скверот преставува минијатурна копија на шангајската „Градина на радоста“. Негови централни мотиви се Пагодата на пријателството и Ѕидот на деветте змејови кои ги „бркаат лошите духови“.

Според кинеското верување, ако застанете под ѕидот и девет пати го изговорите во себе зборот „успех“, работите во вашиот живот ќе тргнат на подобро.

Градината е украсена и со скулптури и камења од езерото Таиху во јужна Кина кои претставуваат планински венци. Напролет, кога во градината цветаат црешите, таа станува привлечно место за фотографирање на жителите и посетителите на градот.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња