Секој што ќе дојде во Москва се труди да го посети Црвениот плоштад, особено ако тоа му е прва посета. Тука до 1930 година одеше трамвај, а сега целиот плоштад е резервиран само за пешаци. Од влезот на Црвениот плоштад кај Историскиот музеј до Кремљовскиот кеј на другата страна има нешто повеќе од 700 метри. Тоа значи дека 15-20 минути можете да пешачите од крај до крај без брзање, патем правејќи селфи пред Мавзолејот, Спаската кула, трговскиот центар ГУМ и соборниот храм „Св. Василиј Блажени“.
Од Црвениот плоштад можете да влезете во улицата „Никољскаја“, која е и пешачка зона и е една од најубаво украсените и најблескавите улици во Москва. Таа е многу добро осветлена и ноќе со илјадници фенери, така што дури и лете тука владее атмосфера како за Божик или Нова Година.
Овде на секој чекор „демнат“ кафулиња и ресторани, како и историски зданија како поранешната Ферејнова аптека и псевдоготската Московска печатница (сега во таа зграда е сместен Историско-архивскиот институт). Патем, поради таа печатница целата улица „Никољскаја“ некогаш била полна со продавачи на книги.
Преку улицата „Никољскаја“ доаѓате до Лубјанскиот плоштад. Кога ќе поминете под сводот, ќе се најдете на улицата „Третјаковски проезд“, која исто така е резервирана за пешаци. Ако одите до крај, ќе стигнете до театарот „Болшој“ и познатата продавница „Детски свет“ („Детский мир“), чиј покрив служи како одлична палуба за набљудување.
Името на улицата „Арбат“ стана толку вообичаено што сега во речиси секој руски град жителите за својата главна пешачка улица велат „нашиот Арбат“. Московската „Арбат“ е долга малку повеќе од еден километар, а погодно е и тоа што има метро станица и на почетокот и на крајот на улицата.
Во минатото „Арбат“ беше полна со улични уметници, музичари и киосци каде што се продаваа сувенири, шапки-ушанки и матрјошки со ликовите на Ленин и Сталин. Сега сувенирите се преселени во продавниците во централниот дел на улицата, така што има повеќе простор за пешаци.
На „Арбат“ има многу знаменитости. Сите зданија се историски. Овде има музеи на многу познати личности (меѓу другите, и на Александар Пушкин). „Арбат“ го има и историскиот Театар „Вахтангов“, ресторани за сечиј вкус и „Ѕидот на Цој“ - една од најинтересните дестинации на московскиот „андерграунд“, каде што обожавателите на поранешната група „Кино“ и нејзиниот солист ги оставаат своите потписи. На една од раскрсниците кои излегуваат на „Арбат“ се наоѓа уникатен споменик на руската авангарда - куќата во вид на цилиндар на архитектот Константин Мелиников.
Московјаните често ја нарекуваат оваа улица „Стар Арбат“, бидејќи во 1930-тите, во рамките на Сталиновата Генерална реконструкција на Москва се појави уште една улица која официјално се вика „Нов Арбат“. За разлика од тесниот „стар“ Арбат со својата пешачка атмосфера, Нов Арбат е голема градска сообраќајница. Долго време се викаше „Проспект Калинин“, па така и денес го нарекуваат многу московјани кои пораснале во времето на СССР.
Views of Moscow
Константин Кокошкин/Global Look PressЗадолжителна „ставка“ за време на престојот во Москва за многумина е и посетата на Третјаковската галерија, каде што се чуваат најпознатите дела на руското сликарство, како што е, на пример, сликата на Иљја Репин „Иван Грозни и неговиот син Иван на 16 ноември 1581 година“ (народот скратено ја вика „Иван Грозни го убива својот син“).
Овде можете да видите 15 сликарски симболи на Русија од XIX век, ако имате само еден час време на располагање. По прошетката по салите на Третјаковка човек треба да земе малку свеж воздух.
Улицата „Лаврушински Переулок“ покрај галеријата е исто така пешачка зона. Тука можете без брзање да прошетате до кејот „Водоодводен канал“, да се напиете префинето раф кафе во еден од кафе-баровите во паркот „Шмељов“, а потоа да ја преминете улицата „Болшаја Ординка“ и да влезете во улицата „Климентовски переулок“ која буквално е преполна со мали ресторани со отворени тераси.
Тука вреди да се влезе во Климентовскиот храм, една од најубавите цркви во градот. (Патем, треба да пробате и дали Мековите хамбургери се разликуваат од хамбургерите на синџирот за брза храна „Вкусно и точка“ кој се отвори наместо „Мекдоналдс“).
Views of Moscow
Константин Кокошкин/Global Look PressЗа љубителите на долгите прошетки, низ самиот центар на Москва поминува патека долга 8 километри. Можете да тргнете од метро станицата „Воробјови Гори“, каде што има жичарница преку реката Москва, и понатаму на кејовите има убави патеки за пешачење, трчање и возење велосипед.
Градски терен за танц во паркот „Горки“.
Агенција „Москва“Дури и московските снобови сакаат да се прошетаат низ овој крај, покрај „Нескучни сад“ и паркот „Горки“, каде што шетачите наминуваат да се напијат кафе или вино и да посетат фестивал што моментално е во тек, или Музејот на современа уметност „Гараж“, а потоа да продолжат по кејот покрај паркот „Музеон“ со многу фонтани и клупи за седење.
Може да застанете и во Нова Третјаковка. Таму се изложени дела на руското сликарство од ХХ век, меѓу кои има и слики од Казимир Малевич.
А можете да ја продолжиме прошетката и да поминете преку пешачкиот „Патријаршиски мост“, па долж новиот Дом на културата „ГЭС-2“ и фамозната скулптура „Голема глина бр. 4“. Таа долга прошетка можете да ја завршите во храмот „Христос Спасител“.
Од неодамна пешачка зона стана и улицата „Шкољнаја“. Се наоѓа во близина на центарот, на истокот на Москва.
За разлика од новите висококатници во околните деловни центри, на оваа улица има претежно еднокатни згради и тој контраст е многу ефектен. Тука порано се наоѓала Рогошка Јамска Слобода („кочијашка населба“). Во XIX век оваа улица била еден од патиштата што воделе во градот и тука отседнувале бројни трговци со своите товари. Некои стари зданија сè уште ги имаат карактеристичните капии за коњски коли. Патем, до XVIII век улицата се викала „Тележнаја“ (од зборот „телега“ – запрежна кола), потоа станала „Прва Рогошка“, и дури во советско време „Шкољнаја“.
Доколку сакате да ја доживеете вистинската старовремска атмосфера на поранешна Москва, задолжително посетете го Спасо-Андрониковиот манастир. Тој е многу блиску. Во него се наоѓа Спаскиот храмот, една од најстарите цркви во Москва, каде што се зачувани фрагменти од фрески на средновековниот иконописец Андреј Рубљов. Во манастирот има и Музеј на староруска уметност.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче