Од каде на Далечниот Исток на Русија езеро Џек Лондон?

Во оддалечените краишта на Далечниот Исток, каде што порано имало логори на ГУЛАГ, едно езеро го доби името по американски писател. Каква е неговата врска со ова место?

Ова езеро со неверојатна убавина, со недопрена природа и егзотични пејзажи кои го опкружуваат, се смета за едно од чудата на природата во Русија. Во мирната површина на водата се огледуваат шумите и планините кои како да стражарат околу езерото. Езерото Џек Лондон е долго 10 километри и потсетува на норвешки фјорд. Ретките патници кои наминуваат во овие предели имаат можност да видат еден од најромантичните пејзажи на целиот Далечен Исток. Меѓутоа, неговата историја содржи мрачни страници.

Како е откриено езерото? 

Во Магаданската област на истокот на Русија сè уште има места со кои човекот не завладеал. Суровата клима носи многу студени зими, додека лете температурата ретко надминува +12℃. Во раниот советски период, во потрага по природни ресурси, група геолози беше испратена на ова место за да го истражи теренот.

Во 1932 година, на планинскиот венец Аначак на надморска височина од 803 метри геолозите открија ново езеро. Му дадоа име по американскиот писател Џек Лондон. А во 1975 година, целиот национален парк беше именуван по него.

Преубава легенда за преубаво езеро

Најраспространетата легенда за настанокот на овој топоним вели дека геолозите, кога стигнале до езерото, на неговиот брег го пронашле романот на Џек Лондон „Мартин Идн“. Навистина звучи романтично, но не многу убедливо. Дали писателот навистина имал некаква врска со ова место?

Најблиску што Џек Лондон се доближил до езерото било кога на крајот на 19 век работел како морнар во Беринговото море и покрај брегот на Јапонија. Потоа 1904-1905 година бил воен дописник од Руско-јапонската војна.

Протагонистот на неговиот роман „Мартин Иден“ е сиромашен работник и морнар. Лондон ја напишал книгата 1909 година по враќањето од потрагата по злато што го однела на Алјаска.

Така што се чини дека поврзаноста е премногу слаба или воопшто не постои. Малку е веројатно дека некој донел книга на езерото напишана од Лондон пред некоја експедиција воопшто да го истражи ова далечно место.

Меѓутоа, легендата стана неверојатно популарна меѓу локалното население и денес постои дури и забавен обичај: луѓето кои стигнуваат до езерото на брегот оставаат примерок од „Мартин Идн“, за да може некој друг што ќе дојде да го пронајде. На тој начин легендата оживеа.

Поубедлива приказна за називот на езерото 

Лондон пишува за сиромашните луѓе и работниците кои се борат и ги совладуваат тешките услови и ги комбинира своите заплети со реалистични прикази на нивните страдања и авантури. Поради тоа делата на Лондон беа многу блиски до советската идеологија и во таа смисла можеа да се споредат со Максим Горки (Лондон го читал Горки и многу го ценел).

Покрај тоа, Лондон негувал наклонетост кон комунизмот и ги читал книгите на Карл Маркс. Во Советскиот Сојуз романите на Лондон беа омилени и интензивно беа преведувани и објавувани во 1920-тите.

Како и децата, романтичари и љубители на литературата, советските авантуристи, патници и истражувачи ги читаа книгите на американскиот автор со голема почит. Еден од страсните обожаватели на писателот беше геологот Јуриј Билибин. Во 1928 година тој ја предводи првата експедиција до реката Колима, областа во која започнува златна треска.

Билибин веројатно се чувствувал малку како Лондон на Алјаска, но тој не бил првиот што предложил едно место во регионот да биде именувано по американски писател. Во 1932 година, колега на Билибин, геологот Петар Скорњаков (уште еден љубител на делата на Лондон), предложил ова езеро да го носи името на Џек Лондон.

Несреќната страна на приказната е што долината на реката Колима, каде што подоцна е откриено езерото Џек Лондон, асоцира на само една работа: ГУЛАГ. Билибин бил инженер во логорот „Даљстрој“ кој примал затвореници од Далечниот Исток.

Овој дел на ГУЛАГ требаше да ја развива експлоатацијата на природните ресурси и рударството, како и да се занимава со изградба на инфраструктура. Затворениците работеа во нехумани услови и во сурова клима. Без соодветна опрема, тие мораа да бараат злато со голи раце во студената вода на локалните реки.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња