Покрај познатиот московски Кремљ на Црвениот плоштад, има уште еден во главниот град на Русија. Се наоѓа надвор од центарот на градот во станбениот кварт Измајлово.
Од далечина изгледа како култна руска народна градба, небаре оживеала од словенските бајки. Високи ѕидови од бел камен, шарени покриви, дрвени тремови и одаи - тешко е да се поверува, но целиот овој сјај е изграден дури на почетокот на 2000-тите.
Искрено кажано, ова не е вистински кремљ, туку вештачки. Целата изградена структура е инспирирана од руските бајки и легенди. Сепак, тоа не ги намалува неговите заслуги во очите на многу туристи и жители на градот.
А главното изненадување ги чека посетителите внатре: Кремљот Измајлово првично беше замислен како културно-забавен комплекс со музеи, вернисаж и работилници, каде посетителите можат да се занимаваат со руски занаети. Да, таму навистина има неколку музеи (на пример, музеј посветен на лебот или музеј посветен на вотката). Има и занаетчиски галерии со сувенири и мајсторски курсеви, а има и прилично голем простор каде уметниците ги продаваат своите дела. Но, сето тоа останува во сенка на главната атракција на Измајловскиот Кремљ - битпазарот и пазарот на стари работи.
Буквално на секое достапно ќоше има старински предмети за продажба. Парадоксално, опкружени со древни руски урбани пејзажи, можете да ги најдете најголемите колекции на советски артефакти. Веројатно ниеден друг пазар нема толку бисти на Владимир Ленин и олимписки мечки Мишка од 1980 година!
На влезот, веднаш на земја, се продаваат стари чанти и куфери кои изгледаат како да ја преживеале револуцијата од 1917 година. Помеѓу нив наидувате на часовници, пластични кукли и, се разбира, бескрајни порцелански садови - накратко, сè за што луѓето чекаа редици, а денес собира прашина во нивните ормари.
Качувајќи се по скалите, можете да видите како, точно под кулите со фрески, стотици луѓе поставуваат маси и седат на пластични столчиња, промовирајќи ја својата роба. Има цел павилјон со винили, што ниту еден музички ентузијаст нема да го пропушти. Сакате советска верзија на „Аба“ или „Битлси“? Или можеби ретка снимка од групата „Квин“? Колекционерите имаат и советски рок-музичари, снимки од оркестри на класична музика и светски поп хитови.
Внатре во дрвените одаи има долги маси, едвај покриени со стари весници. Таму се продаваат лични предмети: женски козметички чанти, внимателно извезени салфетки со тантела и домашни мониста. Помеѓу „забите“ на ѕидовите на Кремљ на најобични врвки се обесени секаков вид облека и сето тоа изгледа грандиозно. Замислете некој да ја закачи својата облека да се суши во средновековен замок!
Сепак, тука има и вистински антиквитети за познавачите: статуетки од накит, стари вретена и играчки од ткаенина, кои дефинитивно се стари најмалку половина век. Има и копии (а можеби и не само копии) на монети од различни епохи. Формално, стариот дел на пазарот е одделен од „болвјата“ страна со дрвен мост, и всушност само шетате од киоск до киоск додека барате некои необични работи.
Меѓу лежерните талкачи-московјани и туристи има вистински колекционери - тие имаат свои омилени места каде што наоѓаат нови предмети. Нумизматичарите ги опкружуваат шаторите со монети и ја бараат посакуваната реткост. Љубителите на ретки советски играчки со нетрпение бараат нови реткости. Цените во овој случај се предмет на пазарење. Некој ќе земе цела торба стар накит за 20 евра, додека некој ќе плати 2000 евра за стара машина за шиење.
Пазарот во Измајловскиот Кремљ работи за време на викендите од 9 до 17 часот. Меѓутоа, според зборовите на професионалците, ако навистина сакате да најдете нешто вредно, најдобро е да стигнете таму веднаш кога ќе се отвори. Се разбира, не сте должни да купувате ништо и едноставно можете да талкате и да му се восхитувате на овој музеј на антиката меѓу ѕидините на рускиот замок!
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче