Чукотка – земја на вистинските луѓе

Уелен е најисточната населба во Русија и во Евроазија. Иако е едно од најизолираните населени места на планетава, Уелен е вистински уметнички центар, прочуен по мајсторите на уметничка резба во коска.

Уелен е најисточната населба во Русија и во Евроазија. Иако е едно од најизолираните населени места на планетава, Уелен е вистински уметнички центар, прочуен по мајсторите на уметничка резба во коска.

Чукотка е крајниот североисточен регион на Русија и на Евроазија, едно од најизолираните подрачја на светот. Малобројните локални жители живеат во мали населби, кои се раштркани низ огромната тундра која налето е преполна со светли бои и со мириси, а назима тоне во бескрајните ноќи и во снегот, во страшните арктички ветрови и во мистичната поларна светлина.

Чукотка е најоддалечениот, најнепристапниот, најсуровиот и најмалку истражениот регион во Русија. Тука човек се чувствува како зрнце песок во молчалива снежна пустина. Можеби затоа староседелците на Чукотка, Чукчите, себеси се нарекуваат „лигуо раветлуан“ („лыгъо равэтлъан“), што во превод значи „вистински луѓе“, исто како што сакаат називот „Чукотка“ да го интерпретираат како „Земја во која живеат вистинските луѓе“(„Мир настоящих людей“).

Ако дојдете тука, ќе имате можност да уживате во ветровите што дуваат од два океана, да ја запознаете флората и фауната на Арктикот, да ги видите загадочните споменици на древните жители на Чукотка и од еден континент да набљудувате друг.

Место каде се среќаваат два океана

Порта за влез во северното царство: знак на еден од ретките патишта на Чукотка кој ви кажува дека токму тука ќе преминете на Северниот поларен круг.

Кога ќе дојдете на Чукотка...

  • Ќе бидете на крајната североисточна точка на Евроазискиот континент;
  • Ќе можете да застанете на точката каде се вкрстуваат 180 меридијан и Сверниот поларен круг;
  • Додека стоите на еден, ќе можете да видите друг континент;
  • Ќе почувствувате што е тоа поларна ноќ и поларен ден;
  • Ќе бидете на место каде се сретнуваат два океана;
  • Ќе можете да ја набљудувате поларната светлина.

Чукотскиот автономен округ е најсевероисточното подрачје во Русија и Евроазија. Чукотка е поголема од која било европска држава – нејзината површина изнесува 721.5 илјади квадратни километри. Во исто време, овој регион е најмалку населен во Русија. На огромното пространство на Чукотскиот автономен округ живеат само 50 илјади луѓе, од нив половината се таканаречените малобројни народи на Северот.

Чукотка изгледа како клин забиен помеѓу Северниот леден океан и Пацификот. Кога ќе дојдете до 'Ртот на Дежњов (најисточната копнена точка во Русија), од лева страна ќе го видите морето на Северниот леден океан, а од десната – Пацификот. Пред вас ќе биде друг континент – Северна Америка, а зад вас бескрајната тундра на североисточна Евроазија.

Чукотка воедно е и единствениот регион во Русија кој истовремено се наоѓа на двете полутопки. Постојат само две места на планетава каде 180 меридијан, кој ја дели источната и западната хемисфера, поминува на копно: тоа се Чукотка и пацифичките острови Фиџи.

Свет на необичната арктичка природа: чукотски годишни времиња

Чукотската зима завршува дури во јуни. Сепак, постојат места на кои снегот никогаш во целост не се топи, дури ни за време на краткото поларно лето.

Чукотка е тундра. Огромните ридести пространства покриени со џуџести дрвја покриени со мов (минијатурни брези, врби и други дрвја кои ползат по земјата) и трева. Во текот на краткото поларно лето тундрата буквално се претвора во разнобоен тепих кој кипи од светли бои и е со мирис на арктички бобинки, печурки и цвеќиња. Сепак, на некои места дури и налето се задржува снег.

Арктички биодиверзитет

Голем дел од територијата на Чукотка се наоѓа над Поларниот круг. И покрај суровата клима (просечната годишна температура тука варира од -4,1 до -14°С), природата на Чукотка плени со својата разновидност: околу 1.300 видови билки, од арктички мов и лишаи до тајги со дрвја стари и по неколку века, над 400 видови риба и 220 видови птици. Многу животни што живеат на Чукотка се ставени на Црвената листа на Руската Федерација. Меѓу нив се белата мечка, снежната овца, нарвалот, грбавиот кит, китот-перјак, сеј-китот, сивиот и синиот кит и други. Геотермалните извори се дом за многу билки и животни.

Првиот снег паѓа кон крајот на октомври, кога ќе помине периодот на дождовите и на маглите. Во тоа време Чукотка тоне во долга зимска поларна ноќ, кога сончевата светлина се гледа само неколку часа во текот на денот. Чукотското приморје спаѓа во најневеројатните подрачја во Русија. Рекордните удари на ветрот тука достигнуваат до 80 метри во минута (288 километри на час). Ако дојдете на ова место назима ќе соберете многу впечатоци. Во ова доба од годината може да се набљудува поларната светлина – природна појава со неповторлива убавина.

Во овие краишта кратката пролет доаѓа дури кон крајот на јуни. Тогаш наносите од снег дебели по неколку метри започнуваат полека да се топат, правејќи длабоки бари и претворајќи ја тундрата непрооден мокар лавиринт над кој се слушаат илјадници птици, кој штотуку стасале од југ. Само во јули и во август тука е присутно раскошното и миризливо поларно лето.

Животната филозофија на локалното население

Чукчи, староседелци на Чукотка, изведуваат народен танц на морскиот брег.

Кога ќе дојдете на Чукотка, ќе се сретнете со мноштво појави кои на прв поглед не се вообичаени и разбирливи.

На пример, сите врати се отвораат навнатре, а не нанадвор. Тука зимата трае 9 месеци и често куќите се покриени со снег до покривот. Поради тоа вратат мора да се отвора од внатрешната страна, за жителите наутро да можат да излезат од куќата и да ископаат тунел во снегот. Доколку вратат би се отворала од надворешната страна, тие не би можеле да излезат од куќата.

Градот Анадир, престолнината на Чукотка. Овој пријатен мал град е единственото место во округот каде во текот на целата година може да се стаса со авион од другите делови на Русија.

Островот Врангел

На територијата на Чукотскиот автономен округ се наоѓа островот Врангел – вистински бисер на Арктикот и природен резерват кој уште се нарекува и „породилиште“ за бели мечки. Ниту една островска територија на Арктикот не може да се спореди со островот Врангел по нивото на биодиверзитет. Тој во оваа смисла не најбогат од целиот Канадски арктички архипелаг.

Карактеристично е и тоа што при пресретнување на врата тука секогаш предност има оној што влегува. Надвор е секогаш ладно, и затоа најпрво треба да му се даде предност на човекот однадвор да влезе во загреаната просторија, па потоа да се излезе надвор.

Чукчите и Ескимите се автохтони жители на Чукотка. Тоа се луѓе со мошне весел дух и се радуваат на секој празник. Секоја зима тука се одржуваат трки со кучешки и со еленски запреги. Налето на брегот на Беринговиот мореуз се одржува фестивалот „Берингија“. На оваа манифестација настапуваат фолклорни ансамбли од разни краишта на Чукотка, мајсторите на народните занаети ги покажуваат своите производи, а спортските екипи се натпреваруваат во националните спортови. Кон крајот на летото во Анадир, престолнината на Чукотка, се одржува фолклорниот фестивал на автохтоното население „Ергав“.

Современо опремениот Музеј на градот Анадир нуди уникатен увид во сите аспекти на животот на Крајниот Север.

Во текот на летото ќе имате уникатна можност да видите вистински лов на китови. Староседелците на Чукотка со особена почит се однесуваат кон светот што ги опкружува. Кога ќе го извлечат убиениот кит на брегот, тие задолжително отсекуваат еден дел и го фрлаат назад во морето, со надеж дека китот повторно ќе се роди и ќе им се врати на луѓето.

Загатките на древната Чукотка: храм од коски од кит и луѓе-печурки

Островот Итигран – загадочно древно светилиште на Крајниот Север.

Како да се стаса

Од Москва до градот Анадир, престолнината на Чукотка, може да се дојде само со авион. Патот по Чукотка е отежнат, зашто нема патишта, така што од едно до друго место може да се патува само со авион или со хеликоптер. Налето до некое соседно село може да се дојде и по морски пат.

За да ги посетите сите населени места на Чукотка потребна ви е специјална дозвола од Федералната служба за безбедност, со оглед на близината на руско-американската граница.

Ако се решите да дојдете на Чукотка, ви препорачуваме да користите услуги на некоја туристичка агенција и да патувате со организирана група.

На југоистокот на Чукотка, на островот Итигран (Ыттыгран), се наоѓа Алејата на китовите, еден од најзагадочните споменици на арктичката култура. На островот каде никој никогаш не живеел, на простор од околу 500 метри се протегаат два реда огромни ребра и черепи на грендландски китови, зариени во земјата. Висината на ребрата достигнува речиси 5 метри.

Необично е тоа што коските тука се донесени од други места. Од алејата се дели „пат“ поплочен со камен. Тој води кон еден мал тркалезен плоштад кој е направен од прстени од камења и во чиј центар се наоѓа древно огниште со пепел. Научниците сметаат дека тоа било светилиште на древните Ескими. Интересно е тоа што современите Ескими не знаат зошто служат овие столбови, иако со големо внимание и почит се однесуваат кон гробовите и кон остатоците од живеалиштата на своите предци. Алејата на китовите не се споменува во нивните усни преданија.

Пегтимелските петроглифи се уште еден сочуван споменик од древните Ескими. Тоа се цртежи врежани во карпи на висина од 20 до 30 метри. Стари се околу 2 илјади години. На нив се прикажани сцени од лов на древните луѓе, како и несфатливи човеколики суштества со глава со облик на печурка. Научниците сè уште се обидуваат да одгатнат што сакале да прикажат древните Ескими со тоа: некои ги споредуваат цртежите со приказите на древните Маи и ги поврзуваат со користењето на халуциногени печурки. Други, пак, во тоа гледаат одраз на контакти на древните Ескими со вонземски цивилизации.

Анадирската црква и споменикот на Николај Чудотворецот.

Фотографии: Андреј Степанов / stan-d-art.ru.stan-d-art.ru.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња