Десет најмлади градови во Русија

Legion Media
Речиси сите населби во Русија имаат долга историја. Новите градови се голема реткост, па затоа ви направивме краток преглед на нив.

1. Инополис, Татарстан

Инополис

Руската „Силиконска долина“ - така медиумите го нарекуваат Инополис, гратче оддалечено 40 километри од Казањ, главниот град на Татарстан. Гратчето е изградено 2012-2015 година за ИТ-стручњаци. Покрај станбени згради, тука има и универзитет, деловен центар со претставништва на најголемите руски компании, коворкинг-простор и сé што е потребно за живот. На мала територија (малку повеќе од 2 квадратни километри) живеат и работат околу 4000 луѓе, но улиците се прилично пусти, бидејќи мештаните комуницираат преку социјалните мрежи и работат од дома, а за излегување ги користат услугите на такси без возачи, кои потполно бесплатно ги нуди компанијата „Јандекс“. Можете да дознаете повеќе за овој необичен град овде.

2. Кудрово, Ленинградска област

Кудрово

Тука се наоѓа зградата со најголем број станови во земјата (а можеби и во светот). Станбениот објект има 35 влеза и 3708 станови. Во Русија таквите градби се нарекуваат „човечки мравјалници“. Порано на ова место имало село, во советско време било претворено во колхоз, а потоа тука почнало да се гради. Станбената населба на Санкт Петербург веќе беше толку голема во 2018 година што ѝ беше доделена статус на град. И тука уште се гради. Во новоформираниот град засега живеат 50 000 луѓе.

3. Мурино, Ленинградска област

Мурино

Статусот на град во 2019 година доби и Мурино, исто така предградие на Санкт Петербург. До неодамна тоа беше населба со објекти уште од царскиот период, но сето тоа беше урнато и на тоа место почнаа да се градат повеќекатници. Бројот на жители рапидно расте. Населбата во 2002 година имаше 5000 жители, а новооснованиот град веќе има околу 80000.

4. Магас, Ингушетија

Магас

Магас има 13600 жители. Тој е главен град на Ингушетија, најмалата република на Руската Федерација. Изградбата започна во 1994 година. До 1993 година целата оваа територија беше дел од Чеченско-Ингушката Република, чиј главен град беше Грозни. По поделбата на Чеченија и Ингушетија, се појави потреба вториот ентитет да добие сопствен главен град во кој ќе бидат сместени административните институции. Најголемиот град Назрањ веќе беше стеснат поради густата изградба, па беше одлучено на само неколку километри од него да се изгради Магас. Новиот град го доби името по античката држава Аланија, во која живееле предците на Ингушите и другите кавкаски народи.

5. Град Московски, Москва

Московски

Москва е толку голема што некои нејзини региони исто така имаат  статус на град. До 2004 година Московски беше обична населба на југозападот на главниот град, а потоа во него започна интензивна изградба на станбени квартови, така што се создаде сосема нов град. Тој стана дел од Москва во 2012 година, но не го загуби својот статус. Во Московски сега живеат околу 60000 луѓе.

6. Кукмор, Татарстан

Кукмор

Старата населба Кукмор, оддалечена 120 километри од Казањ, во 2017 година доби статус на град, бидејќи бројот на жители во неа достигна речиси 18000. Кукмор е популарна туристичка дестинација во Татарстан. Тука се прават модерни садови и валенки со народни орнаменти. Покрај тоа, ова место е исто така популарен ски-центар.

7. Губкински, Јамал

Губкински

Губкински е основан 1986 година во исклучително тешки услови среде шумската тундра на Јамал како населба за луѓе вработени во индустријата за нафта и гас, но веќе во 1996 година Губкински доби статус на град. Најблиската железничка станица е оддалечена 16 километри, а најблискиот аеродром речиси 200 километри. Па сепак, во овој град сега живеат речиси 30000 луѓе. Ова е еден од најмладите градови во Русија, не само според датумот на неговото основање, туку и според возраста на неговите жители. Просечната возраст на жителите на Губкински е 29 години. Покрај тоа, овде постои многу интересен Музеј на развојот на Северот.

8. Михајловск, Ставрополски крај

Михајловск

Старото село Шпаковско на југот на Русија во 1999 година доби нов статус и стариот историски назив на овој крај. Во меѓувреме, толку многу се прошири што фактички се граничи со Ставропол и се доживува како негов сателит. Становите и куќите се многу поевтини во овој град. Градот продолжува да добива нови жители и сè уште расте. Во Михајловск денес живеат над 95000 жители.

Курчалој

9. Курчалој, Чеченија

Курчалој

Новиот град, оддалечен 40 километри од Грозни, никна од истоименото село во 2019 година. Овде интензивно се градат нови станбени четврти, училишта и спортски терени, а бројот на жители расте. Во 1990 година во Курчалој живееја помалку од 10000 луѓе, а денес градот има над 27000 жители.

10. Агидељ, Башкирија

Овој млад руски град е оддалечен 200 километри од Уфа, главниот град на Башкортостан. Агидељ на почетокот, т.е. во 1980 година, беше изграден како населба за работниците на Башкирската нуклеарна централа, за во 1991 година да добие статус на град. Нуклеарната електрана никогаш не беше завршена, па затоа жителите постепено го напуштаат градот поради недоволен број работни места. Овде во 1998 година живееја 20000 луѓе, а денес се останати само 14000.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња