Според капацитетот најголемата електрана во Русија се наоѓа во Хакасија, на реката Енисеј. Нејзината брана висока 242 метри се смета за една од највисоките на светот. Оваа хидроцентрала се градеше цели 37 години: од 1963 до 2000 година, но првиот хидроагрегат беше пуштен во употреба веќе во 1978 година. Конструкцијата на браната, проектирана од ленинградски инженери, се покажа како сигурна: хидроцентралата се наоѓа во зона на сеизмичка активност и мора да биде во состојба да издржи исклучително силни потреси. Се зборува дека при изградбата е употребена количина бетон доволна за изградба на пат од Москва до Владивосток. Испуштањето на водата во Елисеј изгледа многу ефектно и претставува своевидна локална атракција.
На банкнотата од 10 рубли е прикажана единствената хидроцентрала во градот Дивногорск во Краснојарскиот крај. Краснојарската хидроцентрала се градеше од 1955 до 1971 година и се смета за втора по моќност во Русија (во моментот на отворањето беше најголемата на светот). Отворањето на хидроцентралата значително влијаеше на температурата на водата во тој регион на Енисеј, па реката престана да замрзнува дури и во суровата сибирска зима.
На ова место се наоѓа единствениот бродски лифт во Русија. Бродот (мало бротче или голема баржа) се сместува на специјална платформа на шини и се транспортира нагоре како на жичница.
Тоа изгледа навистина импресивно.
Изградбата на хидроцентрала во близина на Волгоград беше еден од „големите градежни потфати на комунизмот“. Имено, на овој проект секојдневно работеа 30 илјади луѓе. Кога се отвори, тоа беше најголемата електрана на светот.
Преку горниот дел на браната водат пат за автомобили и железничка пруга, при што денес тоа се најкратките патишта што ги поврзуваат реоните на Поволожјето. Со цел да се компензира штетата која на екологијата ѝ ја предизвикува хидроцентралата, на ова место е организирано големо мрестилиште на есетра.
Волшката хидроцентрала е интересна и од уметничка гледна точка: украсена е со монументален мозаик и пано во стилот на советското монументално сликарство.
Првата хидроцентрала на светот изградена на вечен мраз се наоѓа во Јакутија на реката Виљуј. Благодарение на неа, во тој реон почна експлоатација на наоѓалиштата на дијаманти кои советските геолози ги пронајдоа далеку од цивилизацијата.
Ниту еден друг вид на енергија, освен енергијата на водата, не можеше да се користи за работа во тие краишта. Изградбата беше многу комплицирана: без патишта, населби, на вечен мраз и на студ од -60 степени Целзиусови. А сепак во средината на 70-тите години сите агрегати беа пуштени во употреба. Денес во населбата на градителите на хидроцентралата живеат околу 4000 луѓе. Подоцна, во Русија беа изградени и други хидроцентрали на вечен мраз.
Најмоќната хидроцентрала на вечен мраз е Колимската. Се наоѓа на 500 километри од Магадан и произведува околу 75% од електричната енергија во регионот. Нејзината изградба беше планирана уште во 30-тите години од минатиот век, но тогаш беше оценето дека станува збор за прескап потфат. Дефинитивно проектот беше усвоен 1970 година, а изградбата беше официјално завршена дури во 2007 година. Имено, поради комплицираната почва и суровата клима, градителите наидоа на бројни тешкотии. Пред изградбата на хидроцентралата, на тоа место немаше ништо, а најблискиот пат беше оддалечен 40 километри. Денес во реонот на хидроцентралата се наоѓа населба со две илјади жители.
Зградата на Рибинската хидроцентралата (изградбата траеше од 1935 до 1955 година) и нејзините водени преводници денес се сметаат за споменици на архитектурата. Електраната се наоѓа во градот Рибинск на Волга.
За време на неговата изградба беа поплавени околу 10% од Јарославската област, вклучувајќи шуми, земјоделски имоти и куќи. Покрај малите села, во поплавената зона се најде и стариот трговски град Молога, кој од време на време изнурнува од водата, откривајќи остатоци од темели и улици.
Оваа хидроцентрала во Дагестан е најмоќната на Северен Кавказ. Изградена е во 70-тите во тесна и многу стрмна клисура, а нејзината брана се смета за втора по висина во земјата. Градбата на тиркизната река Сулак изгледа многу живописно и привлекува голем број туристи.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче