Зошто руските патнички возови се толку бавни?

Кирил Шипицин/TASS
Често може да се слушне, како од Русин, така и од странец, дека руските возови во просек одат многу побавно одошто возовите во други земји. Се обидовме да дознаеме дали е навистина така.

Иако руските возови се познати по тоа што секогаш стасуваат навреме, ги бие лош глас дека се бавни во однос на возовите од другите европски земји.

На пример, максималната брзина на возовите на долги релации со електрични локомотиви во Русија се движи од 100 до 120 километри на час, ретко достигнувајќи 140 километри на час. Додека возовите на долги релации, на пример, во Германија, Шпанија, Франција и Турција често се квалификуваат како брзи возови со оглед на тоа дека достигнуваат брзина од 320 километри на час.

Најбрз воз во Русија е „Сапсан“ (Sapsan Siemens Velaro) кој ја поврзува Москва со Санкт Петербург и Нижни Новгород и се движи со брзина од „само“ 250 километри на час.

Па, зошто руските патнички возови се толку бавни? За тоа постојат неколку причини:

Бавни товарни возови

Една од причините е прочуената бавност на товарните возови кои често ги користат истите пруги како и патничките возови.

Теоретски, можно е да се забрзаат товарните возови, но тоа би барало големи инвестиции в инфраструктурата, што најверојатно би предизвикало поскапување на стоката која на тој начин се транспортира на јагленот, на пример.

За да се избегне оваа несакана последица, товарните возови остануваат бавни, а патничките возови, кои теоретски би можеле да се движат побрзо, се принудени својата брзина да ја прилагодат на редот на возење на бавните товарни возови.

„Тесни грла“

Уште едно нешто што ја намалува просечната брзина на патничките возови во Русија е проблемот со таканаречените „тесни грла“. Тоа се делници на пругите со слаб сообраќаен капацитет каде доаѓа до задушување и возовите мораат да чекаат на ред за да минат.

Најголемиот број вакви „тесни грла“ се наоѓаат по должината на Транссибирската магистрала, главната сообраќајна артерија во земјата.

„Во Русија на над 20% од железничките пруги минуваат 80% од товарниот сообраќај, а на останатите 80% од пруги минуваат само 20% од товарниот сообраќај“, вели раководителот на истражувачкото одделение за железнички сообраќај на Институтот за економија на природни монополи Владимир Савчук во интервју за весникот „Комерсант“.

Овој експерт исто така објаснува дека компанијата „Руски железници“ (државна компанија која управува со железничкиот сообраќај во Русија) е главно заинтересирана за развој на овие 20% од пругите, оставајќи го останатиот дел во лоша состојба.

Поради тоа доаѓа до намалување на просечната брзина како на товарниот, така и на патничкиот сообраќај во целина.

„Во нашата земја има мошне малку линии без јазли кои можат да примат брзи возови“, додава Софија Дорофеева, првата жена во Русија која е школуван машиновозач.

Премин на пазарна економија

Можеби звучи необично, но преминот од државно регулирана економија на слободен пазар, што во Русија се случи по распадот на СССР во 1991 година, исто така предизвика проблеми со возовите.

Железничкиот систем што е развиен во Советскиот Сојуз беше проектиран за да ги задоволи потребите на државно регулираната економија која не се потпираше на извоз. Кога Русија премина на пазарна економија, излезе дека во земјата има премногу товарни вагони (вкупно над милион, што е за околу 240.000 повеќе одошто е потребнo). Овие празни товарни вагони ја кочеа ефикасноста на железничката логистика која се обидуваше да се преориентира на увозните и на извозните потреби на новата руска економија.

Како што сè повеќе стока почна да заминува во странство, старата инфраструктура не успеваше да го даде истиот ефект, што доведе до побавни возови генерално, зашто товарните возови ги забавуваа и патничките.

Додека руските власти бараат начин да ги забрзаат возовите во земјата, нетрпеливите патници би можеле да најдат задоволство во слободното време што им го нуди бавното возење со руските возови.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња