Како малото парче руска земја Медвежје-Сањково се изгуби во Белорусија

Google Maps
Медвежје-Сањково во Белорусија е уште една руска ексклава, но, за разлика од Калининград, нејзината судбина е помалку среќна.

Ретко кој слушнал за две руски села кои се наоѓаат издвоено од главниот дел на земјата: Сањково и Медвежје. Изгубена во белоруските шуми и мочуришта, оваа руска земја ретко ја посетуваат луѓе од Русија или од Белорусија.

Потеклото на овие две населби денес тешко може да се утврди. Различни верзии различно го опишуваат текот на настаните, но сé се сведува на едно: неколкумина Руси го купиле ова парче земја за да се населат на него.

По Втората светска војна населбите беа отсечени од остатокот на руската територија кога појасот земја што ги поврзува со матицата официјално ѝ припадна на Белоруската Советска Република. Оваа промена тогаш немаше никакво реално влијание врз локалното население, затоа што Русија и Белорусија беа делови на иста земја – Советскиот Сојуз.

Со години тоа беше многу компактна населба: имаше колективна фарма, клуб, продавница и гробишта. Сите жители носеа едно од четирите најчести презимиња во овој крај: Добродеј, Песенко, Молчанов или Справцев.

„Нашето село имаше една улица. Куќите се наоѓаа од левата и десната страна. Сите живеевме како едно семејство. Никогаш не ги заклучувавме вратите, сите куќи секогаш беа отворени“, вели Антонина Добродеј, бивша жителка на оваа ексклава во интервју за Sputnik.by.

Меѓутоа, набргу оваа сложна заедница мораше да се пресели.

Чернобилската катастрофа

Кога на 26 април 1986 година дојде до несреќа во нуклеарната централа во Чернобил, радиоактивниот отпад од експлозијата контаминираше големи површини на Украина, Русија и Белорусија. Селата Сањково и Медвежје, кои се наоѓаа во близина на границите на овие три земји, мораа да бидат евакуирани заради безбедност.

Антонина Добродеј тогаш имала само шест години, но се сеќава дека на луѓето им биле одземени кравите, затоа што било опасно да се консумира нивното млеко. Целиот реон е означен како „забранета зона“, а неговите жители мораа да бидат преселени.

Денес

Со оглед на тоа дека двете села се напуштени, куќите во нив полека пропаѓаа. Денес во овој крај не живее никој, затоа што и понатаму се смета дека почвата е загадена и опасна по здравјето.

Ексклавата сепак може да се посети, но треба да се набави дозвола од белоруските власти, во која се наведува причината за посетата, затоа што руската територија е опкружена со белоруски шуми кои не можат да се заобиколат.  

Некогашните жители на селото понекогаш доаѓаат да ги посетат гробовите на своите предци. Локалниот претставник на белоруските власти Владимир Мамлуков ги предупредува посетителите да не берат печурки или плодови, затоа што се сé уште штетни за луѓето.

Тој вели дека со себе секогаш носи пасош ако сака да ја помине границата и да влезе на територијата на руската ексклава, но никогаш не видел руските власти да го контролираат тоа.

Мамлуков додава дека порано тука имало столб кој ја обележувал оваа област како руската територија, но дека сега повеќе го нема. Меѓутоа, официјално оваа мала територија во Белорусија сé уште ѝ припаѓа на Русија.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња