1. Тврдината е подигната на Зајачкиот остров на реката Нева. Темелите се поставени на 27 мај 1703 година како центар на новата престолнина на Петар Први. Дента кога започнале работите на Петропавловската тврдина се празнува како роденден на Санкт Петербург.
2. Преданието вели дека на островот имало многу диви зајаци. Еден дури скокнал на чизмата на рускиот цар Петар Први кога тој излегол од чамецот и зачекорил на островот. Постои и зајачки споменик на вода во близина на Јовановскиот мост кој го поврзува островот со брегот на реката. Многумина фрлаат парички на овој споменик, верувајќи дека тоа ќе им донесе среќа.
3. Петар Велики сакал да покаже дека на Санкт Петербург му е судено да стана најважен град во Русија и со својата архитектура да ја засени дури и Москва. Еден од неговите амбициозни проекти бил Храмот на светите апостоли Петар и Павле подигнат во самата тврдина. Изградбата на храмот започнала во 1712 година и траела 21 година.
4. Храмот е висок 122.5 метри. Тоа била најголема градба во Русија до 1952 година кога во Москва на Котељничкиот кеј беше подигната зграда висока 176 метри. Храмот на светите апостоли Петар и Павле и денес е највисоката православна црква во светот.
5. Храмот два века служел како императорска гробница. Во него сè уште се чуваат посмртните останки на речиси сите руски императори, почнувајќи од Петар Велики.
6. Тврдината секогаш била подготвена за битка, но никогаш не учествувала во ниту една. За волја на вистината, во Втората светска војна била интензивно бомбардирана и тогаш храмот бил сериозно оштетен.
7. Петропавловската тврдина е користена како главен политички затвор во Русија. Меѓу неговите прочуени затвореници биле и Алексеј, синот на Петар Велики, и членовите на руската Привремена влада, свргната во болшевичката револуција во 1917 година. Во тврдината дури се и стрелани некои членови на семејството Романови.
8. Болшевиците во 1925 година сакаа да ја урнат Петропавловската тврдина и на нејзино место да изградат стадион за фудбалскиот клуб Зенит. За среќа, се откажале од својата варварска намера.
9. Од дваесеттите години на минатиот век служи како музеј. Освен тоа, во неа биле сместени две важни организации. Едната е Санктпетербуршката ковачница за пари, а другата е тајната Гасно-динамична лабораторија која дала огромен придонес за развојот на советските воени и космички технологии. Ковачницата за пари и денес се наоѓа таму, додека лабораторијата одамна е отстранета, а во нејзините простории сега се наоѓа Музејот на космонаутиката и на ракетната техника.
10. Во тврдината се наоѓа и еден од најнеобичните споменици на Санкт Петербург - скулптура на Петар Велики со огромно тело и со мала глава. Вајарот направил точна копија на царевото лице, користејќи ја посмртната маска.
11. Секој ден напладне со пукање од артилериско оружје во тврдината се означува точното време. Се пука со школска муниција само од еден топ, но секогаш се полни и уште еден за да биде подготвен доколку главниот случајно откаже. Во оваа церемонија учествуваат угледни гости на Санкт Петербург. На пример, во 2003 година од топот пукаше принцот Чарлс.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче