Никој го нема она што го имаат Русите: Осум уникатни географски појави

Getty Images
Русија не може да се пофали со места каде преовладуваат палми и птиците фламинго, но и таа има географски локалитети од кои запира здивот.

Погледнете дали нешто од ова ви е познато

1. Најголемиот активен вулкан во Евроазија

Да, тој се наоѓа во Русија. Но, тоа не значи дека луѓето во Русија често ги посетуваат вулканите. Поголемиот дел од Русите никогаш не виделе вулкан. Стратовулканот Кључевски е висок 4.750 метри и е мошне активен. Тоа е убав, стрмен и симетричен конус. Внесен е во списокот на светско наследство на УНЕСКО. Се наоѓа во Уст-Камчатскиот реон. Од 1697 година на ова подрачје редовно паѓа дожд од истопена лава и пепел. Луѓе само неколку пати се имаат качено на врвот зашто постои опасност од неочекувано исфрлање лава што во минатото предизвикало смртни случаи. Автохтоните племиња сметаат дека оваа планина е свето место. Оттука, како што тие веруваат, настанал светот.

2. Езеро на пет ката

На Баренцовото море близу Колскиот полуостров се наоѓа островот Килдин. Во него се крие езерото Могиљное. Тоа е сè уште енигма за научниците и се смета дека во име на науката треба да му биде даден посебен заштитен статус.

Езерото е длабоко само 17 метри, но е познато по тоа што има пет одделни слоеви вода и во секој од нив постојат посебни услови кои го дефинираат обликот на животот. Горниот слој е составен од шест метри чиста вода. Во него живеат слатководни риби и организми. Под него, на четвртиот кат, водата е малку солена, така што во неа живеат повеќе морски видови, меѓу кои медузи и ракови. Неколку метри пониско присуството на морски видови е уште поголемо. Научниците често ги третираат како „заробеници“ на езерото Могиљное зашто тие имаат дојдено тука од Баренцовото море. Потоа следи слој црвена вода. Бојата ја има добиено од милијардите црвени бактерии кои дејствуваат како еден вид тампон-зона. Таа ги штити горните слоеви од деструктивниот слој под споменатото ниво. Долниот дел е полн со отровен водород сулфид. Во него живеат само бактерии кои можат да преживеат без кислород.

Канцеларијата на Светскиот фонд за заштита на природата (WWF) во Русија обрнува внимание на тоа дека потребно да се даде посебен заштитен статус на езерото Могиљное покрај статусот на федерален резерват што веќе го има. Научниците веќе 200 години се обидуваат да ги објаснат појавите во ова езеро, но сè уште постојат многу тајни.

3. Вкупната територија на руски резервати и национални паркови е голема колку Франција

Во Русија постојат 70 резервати, 49 огромни национални паркови и 103 резервати на природата, што изнесува 4% од територијата на Руската Федерација. Каде и да се најдете во Русија, секогаш некаде во близина постојат територии со природа која како да не е од овој свет.

4. Најголемата бара на светот

Некој ќе каже дека тоа не е за фалење, но само замислете дека станува збор за 55.000 квадратни километри. Тоа е бара чија територија е за 20% поголема од Швајцарија.

Васјуганската бара се наоѓа во Западен Сибир помеѓу реките Об и Иртиш. Таа е важен слатководен ресурс. Во оваа бара живеат многу природни видови. Тоа не е популарна туристичка дестинација иако барата е прилично плитка, но на многумина веројатно ќе им биде интересно да ја посетат.

5. Најстарата планина на светот

Најстариот планински венец на светот е Барбетон во Јужна Африка. Тој е стар околу 3.6 милијарди години. Но, кога станува збор за посебни планини (независно од големите планински венци), тогаш руската планина Карандаш (во превод „Молив“) е рекордер со неверојатни 4.2 милијарди години. Ако се има предвид дека нашава планета е стара 4.6 милијарди години, тогаш тоа е нешто фантастично. Кога станува збор за Уралските планини, тие, генерално гледано, се нешто постари од 350 милиони години.

Возраста на оваа планина не е нејзина единствена занимливост. Карандаш речиси во целина е составена од израндит, сосема неоргански камен, главно во црна боја и со голема густина. Определени научници сметаат дека оваа супстанца е од вознемско потекло.

6. Најголемата тајга на светот

Доколку ги бараме најголемите шумски површини, тогаш тоа се тропските шуми на Амазон чија површина изнесува 5.5 милиони квадратни километри. Но, тајгата, покрај океанот, е и понатаму најголем биом на светот. Најголеми тајги се Источносибирската и Канадската. Тешко е да се измерат зашто различно се третира тајгата во Русија и во Северна Америка, каде терминот бореална шума се користи за дел покриен со шума, а тајгата е непристапна и неплодна територија на север.

Сибирската тајга има површина од речиси 15.5 милиони квадратни километри. Се простира од тундрата на север до умерените мешовити пуми на југот од Русија. Се граничи со Монголија и со Кина. Опфаќа 8% од вкупното копно на планетата. Флората и фауната на тајгата се необични по прилагодливоста – издржуваат температура од +40 степени налето до -62 степени Целзиусови назима.

Источносибирската тајга според видовите билки и животни е најблиска на континентална Америка со која некогаш била поврзана преку Беринговиот копнен мост.

Воедно, Западен Сибир е место и каде се наоѓа најголемата рамнина на светот.

7. Најдлабокото езеро на светот

Бајкал се наоѓа некаде помеѓу Јужен Сибир и Монголија. Тоа е најдлабокото езеро на светот, а воедно е и најголем слатководен резервоар – содржи вкупно 23 кубни километри вода.

Сите најголеми реки на светот – од Амазон до Ганг – би требало да течат една година за да го наполнат Бајкал. Бајкалскиот басен содржи околу 300 реки.

Ова древно езеро се излива во реката Ангара која се влева во Енисеј, а тој, пак, тече на север кон Арктикот. Бајкал, како и Атлантскиот океан, секоја година се шири за неколку сантиметри поради постепените тектонски придвижувања.

Бајкал послужи како појдовна точка за подводно проучување на неутронот – во ова езеро е спуштен првиот подводен неутронски телескоп на светот. Тој е наменет за проучување на космичките процеси и за трагање по нови честици, а меѓу нив и оние кои многу личат на легендарната темна материја. Бајкалскиот длабоководен неутронски телескоп е дел од повеќенаменската лабораторија на ова езеро и е дел од глобалната мрежа на неутронски телескопи Џи-Ен-Ен.

8. Русија е единствената земја на светот која се граничи со 12 мориња и со 16 земји

Русија се граничи со 12 мориња од три океански басени. Тоа се Балтичко, Црно, Азовско, Баренцово, Бело, Карско, Лаптевско, Чукотско, Источносибирско, Охотско и Берингово море. На овој список го нема Каспиското море, зашто тоа е всушност езеро.

Со оглед на сето тоа, необичен е фактот што Русија речиси нема излез на пристаништа во кои водата не замрзнува во текот на цела година. Русија поседува огромни морски ресурси, но ситуацијата со трговските патишта би можела да биде и подобра, дури и во Тихиот океан каде бродот веднаш се најдува во јапонските територијални води веднаш штом го напушти пристаништето.

И во одбранбена смисла ситуацијата не е едноставна со оглед на тоа што Русија се граничи со 16 земји, што е двојно повеќе од Кина.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња