Шест совети за евтино патување низ Сибир

Legion Media
Тргнав со мојата девојка на 40-дневно патување до Владивосток и попатно минав многу градови. Еве неколку совети кои настанаа врз основа на моето искуство од ова патување.

„Со оглед на тоа дека четири години минав работејќи и студирајќи во Русија, сфатив дека, освен Москва и Санкт Петербург, ги немам запознаено градовите од средишниот дел на земјата. Уште од детството Сибир за мене беше место од бајките, па затоа решив на крајот да го посетам. Тргнав со мојата девојка до Владивосток и попатно минав многу градови. Десет дена минав на Бајкалското езеро, а накусо ја посетив и Монголија. Еве неколку совети кои настанаа врз основа на моето искуство од ова патување. 

Прекрасен, разнолик, непрегледен: Сибир може да се опише само со придавки со изразито силно значење, а поаѓањето на пат по Транссибирската пруга е вистински предизвик дури и за искусните патници. Многумина веруваат дека ова патување е многу скапо. Но, ако добро се организирате, можете да патувате и за малку пари – потребни ви се од 1.0000 до 1300 долари за 30 дена, не сметајќи го трошоците за виза и за авионски билети до Русија.

Најпрво добро проучете сè за Сибир и внимателно изберете што навистина би сакале да видите и да правите. Можете да поминете време во интересни градови како што се Томск и Иркутск, да посетите диви предели, или, пак, да уживате во природата на брегот на Бајкалското езеро. Во Сибир секој може да најде нешто по свој вкус. Немојте да се потпирате само на туристичките брошури, ами побарајте повеќе информации и на Интернет (секако и на страниците на Russia Beyond). На пример, прекрасната Чарска пустина во поголемиот број проспекти не се ни споменува, иако до неа може лесно да се дојде.

Испланирајте го однапред доаѓањето на сите места што сакате да ги посетите и навреме купете билети за избраните дестинации. На тој начин ќе заштедите на време и ќе можете да ги искористите евентуалните попусти. На страницата на компанијата „Руски железници“ ќе ги најдете сите информации во врска со возниот ред, расположливите билети и цените. Со оглед на големата оддалеченост, возот е единствен начин за патувањата што мнозинството жители на Сибир може да си го дозволи, а во деловите сместени зад Урал билетите можат да се купат многу прано. Доколку сакате да стасате до оддалечените дестинации, морате однапред да резервирате место во воз. Треба да го знаете и следново: колку е пооддалечено местото, помалку има водичи. Затоа потрудете се да најдете водичи кои ќе ви бидат таму на располагање. За време на престојот во далечните краиште не впуштајте се во самостојни експедиции.Не брзајте. Сибир е огромен и разновиден. Не можете да го минете за кусо време. Би било добро да одвоите еден месец за ова патување, но може да трае и многу покусо или многу подолго, во зависност од вашите желби. Можеби не е во согласност со она што претходно ви го споменав, но имајте на ум дека можете и да го промените претходниот план – доколку некое место не ви се допаѓа, едноставно продолжете понатаму. Билетите за воз секогаш можете да ги замените, за разлика од авионските билети од категоријата „евтини“.

Иако „купето“ (втора класа) е многу поудобна од „плацкарт“ (трета класа), можете да заштедите доколку патувате во трета класа на „покуси“ дестинации, односно онаму каде патувањето трае 20-25 часа. Купе резервирајте за подолги патувања, кога дополнителната удобност и приватноста ќе ви помогнат да ги „наполните батериите“. Освен тоа, доколку патувате во трета класа ќе запознаете различни луѓе и ќе ја почувствувате вистинската атмосфера на Русија, со оглед на тоа дека туристи тука можат мошне ретко да се сретнат. 

Сместете се во хостел. Овој вид сместување во моментов е мошне популарен во Русија. Квалитетот на услугата е прилагоден на парите со кои располага патникот, па не очекувајте луксузни соби. Сепак, хостелите најчесто нудат сосема пристојно сместување, како и бесплатен појадок, а се наоѓаат на добри локации во близина на станици или во центарот на градот. Освен тоа, тука можете да добиете мошне корисни информации, а често се организираат и екскурзии или експедиции. Хостелите во најголем број се отворени релативно неодамна, така што нема да ги најдете во туристичките брошури. Затоа посетете ги страниците како што се hostelworld.com или booking.com. Секако, во советуваме однапред да резервирате соба, дури и на местата кои не привлекуваат голем број туристи, зашто во хостелите сè почесто се сместуваат Руси кои патуваат по работа и бараат евтино сместување.

Во големите градови задолжително навратете во некоја менза која на руски се нарекува „столоваја“. Тоа се ресторани со самопослужување и често се многу подобар избор од рестораните, зашто можете да уживате во најдобрите јадења на руската, а особено на сибирската кујна по мошне пристапни цени.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња