Викинг подготвува јадење
Anastasia SemenovichМногу е лесно да се стаса до викиншката реалност. Прво во набиен воз Санкт Петербург - Виборг (136 километри од Санкт Петербург). Потоа со автобус кон Светогорск до станицата помеѓу езерото Петровски и реката Вуокса. И ете ја тврдината Сваргас. Гранитни камења, мрачни „викинзи“ со долги бради, арсенал, секири, ножеви и метални елеци. Ковачница и камен кујна, шпорет за леб, а наоколу пасат кози. Како што е редот има чувар - лошо куче на кое не е пожелно да му се доближувате. Струја, гас и други благодати на цивилизацијата тука нема.
„Тука ме нарекуваат Голинг. Живеам тука од 5 години (самата тврдина била изградена пред 10 години) - раскажува локалниот ковач, кој всушност се вика Александар Русаков. - Се започна едноставно: патувавме оттука со еден познаник, решивме да застанеме на ова интересно место. Се бореа со мечеви, вртеа секири. Потоа почнав да доаѓам. Тука има некоја убава, посебна енергија“.
Александар, кој живее во Виборг, има семејство и дете – „сè е како и кај другите“, вели тој. Но, целото слободно време тој го поминува во Сваргас. Животот на средниот век отсекогаш го привлекувал, а освен тоа во тврдината прави многу предмети за секојдневниот живот - рачки за врати, мали железни предмети. Со своите раце тука создаваат предмети од кожа, слични на оние кои се користеле во X век, дури и храната што се готви, е иста – „викиншка каша“. Сваргас не добива никакви дотации од државата - сите приходи се од приватни лица, дури изградбата се вршела со сопствени сили, без наемни работници. Во Сваргас постојано живеат 30 лица, од кои дел во тврдината.
Истовремено Сваргас не ги сака т.н. „реконструктори“ (група луѓе кои се занимаваат со реконструкција на одредени историски периоди). „Реконструкторите често се обидуваат да добијат пари од нешто што не знаат - вели Александар Николаев, менаџер на проектот. - Тоа е движење на макетници и бутафористи. Викинзите всушност не носеле шлемови со рогови, а и воопшто, оваа ера е многу митологизирана“.
Жителите на Сваргас сакаат „да се свесни за себе“ и да им ја раскажат историјата на децата, тука канат ученици од блиските училишта со професорите по историја. Според зборовите на Николаев за него „сè започна“ како „голем песочник за деца“. Неговиот син Егор имал 7 години, кога тој интересирајќи се за историјата на викинзите и раниот среден век, решил да создаде тврдина. Во 2008 година се запознава со авторот на класификацијата на оружјето во раниот Среден Век, професор Кирпичников, и оттогаш „Сваргас“ се оддалечува од движењето на реконструкторите и станува лик и место за живот на неговите жители.
Професорот Кирпичников станува почесен конунг на Сваргас и е консултант на тврдината по прашањата за веродостојноста на битови. „Се обидовме дури и повторно да го изведеме производството на железо од мочуришна руда - додава Николаев. - Тоа се покажа многу тешко, но работиме на ова прашање“.
Заедно со пристигнатата група туристи тргнуваме кон арсеналот. Таму, меѓу студените камени ѕидови, на светлината од свеќи чуварот Волдемар покажува секири, мечеви "како на Каролините", објаснува како треба да изгледа елекот (и појаснува дека во филмовите нив ги прикажуваат неточно).
„Викинзите ги решавале прашањата со дуел. Двајца излегувале зад портата, а се враќал еден - вели Волдемар. - Сака ли некој да излезе на дуел со нашиот ковач? Не сакате ли? Правилно, всушност“. Да се бори со ковачот дури на шега не посака никој.
Пред заминувањето нè нахранија обилно со „викиншка каша“ со хељда и зеленчук. Во тоа време жителите на Сваргас ги ковале монети на посебен масивен струг, кој личеше на средство за мачење и во исто време на симулатор.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче