Оружје за војна и за лов: руска рогатина

Слика од слободни извори
Рогатина е вид масивно копје што го користеле старите Словени. Таа на Русите им овозможила да ги населат шумските пространства и да им се спротивстават на опасностите што ги демнат во природата, а била и ефикасно оружје за борба против непријателите.

Рогатина е исконско словенско оружје кое на Европа практично ѝ било непознато. Нешто слично правеле само Викинзите, соседи и стари непријатели на Словените. Рогатина може да се спореди со копјето, со тоа што од него се разликува според големината и според тежината. Врвот на обичното копје ретко бил потежок од 400 грама, додека челичниот врв на рогатината (кој се нарекувал рожон) можел да тежи и до еден килограм. Рожонот бил долг околу половина метар, при што две третини од овој метален врв биле широко сечило во облик на дафинов лист заострен од двете страни. Врвот на рогатината бил дебел околу еден и пол сантиметар. Тој фактички изгледал како моќен бодеж кој се прицврстува за масивна дршка со должина колку што е висок човекот. Рогатината можела да се користи за прободување и за сечење глави и екстремитети на непријателските војници, а раните кои ги нанесувала биле особено длабоки и широки.Press photoPress photo

Ова убиствено оружје старите Словени го користеле за лов на мечки. Еден удар со рогатината бил доволен за на овој силен ѕвер да му нанесе смртоносна рана. Под сечилото било прицврстено попречно парче метал. Мечката инстинктивно со шепите се нафрлала на овој попречен шилец и така самата себеси си го забивала врвот на рогатината во телото. Оттука и потекнува руската изрека „оди на рожон“ (на македонски: оди со глава низ ѕид) која и денес се користи, што значи непромислено и непотребно изложување на опасност.

Рогатината на Русите им овозможила да ги населат шумските пространства и да се спротивстават на опасностите во природата, а била и ефикасно оружје против непријателите. Летописите раскажуваат за рогатините што руските воени дружини ги користеле на почетокот од 12 век. Сто години подоцна монголско-татарската наезда го означила почетокот на новата епоха во развојот на руското ладно оружје, но излегло дека обликот на рогатината е толку ефикасен што тој е зачуван во текот на следните пет века. Рогатината главно ја користела пешадијата.

Летописците во повеќе пригоди пишувале за тоа како руските војници ја користеле рогатината. Сепак, ова моќно оружје не го спасило кнезот на Нижни Новгород од тешкиот пораз на реката Пјана во 1377 година. Имено, никој не го очекувал нападот на татарската војска, па затоа многумина војници на кнезот биле пијани и дури не ни стасале да ги стават сечилата на дршките. Летописите исто така пишуваат и за тоа дека руската војска вооружена со рогатини во 1444 година успешно го одбранила Рјазањ од нападите на Татарите. Русите ја користеле рогатината како борбено средство сè до крајот на 17 век.

Богатите војници можеле себеси да си дозволат посебно вредно и декорирано оружје. Вистинско ремек-дело на староруските мајстори за оружје е рогатината на кнезот Борис Тверски, искована на почетокот од 15 век. На делот што се користи за прицврстување на сечилото за дршката се наоѓа мајсторски изработена гравура во сребро. Ковачот преку овој украсен елемент успеал да ја пренесе целата приказна за подвигот на предокот на сопственикот на оружјето, кнезот Михаил, и за неговата трагична смрт од раката на Татарите. Во архивите на Оружејната палата во Кремљ се пронајдени описи на свечените рогатини на царевите Иван Грозни и Борис Годунов. Тие, како еден од симболите на царската власт, биле носени во посебно свечени пригоди во поворката зад царот.

По реформите на Петар Велики, главен модел на ладно оружје во пешадијата на руската војска станал бајонетот. Но, рогатината и понатаму се користела како оружје за лов. Руските селани сè до почетокот на 20 век оделе со неа во лов на мечки. И не само селаните. Една од омилените забави на императорот Александар Втори (1818-1881) била лов на мечки со рогатина. Царот кој бил физички силен не се плашел да влезе во пресметка со господарот на шумата. Сведок на една ваква битка бил Ото фон Бизмарк, кој во тоа време бил амбасадор на Прусија во Русија. Во овој необичен вид забава уживал и грофот Лев Николаевич Толстој, кој во една пригода за малку ќе загинел во канџите на разгневениот ѕвер.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња