Како да се добие фан-карта за мундијалот во Русија?

Александар Демјанчук / ТАСС
Виза, бесплатен превоз и пропусница за стадионот - во Русија се отворија првите центри за издавање на Fan ID за гостите на Купот на конфедерации во 2017 и за Светското првенство во 2018.

Во Русија се отвораат центри за регистрација и издавање на карти на навивачи (Fan ID) за оние кои планираат да ги посетат натпреварите за Купот на конфедерации 2017 и за Светското првенство 2018. Првите од нив ги отворија вратите на 7 декември во Москва, Санкт Петербург, Сочи и во Казањ.

Може ли да се оди на натпревар без фан-карта?

Не, без неа нема да ви дозволат да влезете на стадионот, дури и ако со билетите ви сè во ред. Тоа е персонална пластична картичка за гледачи, која содржи лични информации: име, слика, податоци од пасошот и контакти. Тие се потребни и за децата. Колку гледачи – толку картички. Но, фан-карта не може да се добие пред да се купи билет. Прво билет, потоа карта - само по овој редослед.

Какви предности дава Fan ID?

Покрај другото, Fan ID заменува виза за странците и дава право на бесплатен превоз. Со него може да се премине границата на РФ и да се патува со јавен превоз меѓу градовите-учесници во турнирите и во самите градови. При тоа право на бесплатно патување останува, дури и ако се вратени билетите за натпреварите.

PhotoXpressPhotoXpress

Како да се добие?

Постојат три начини: да се оформи поштенска испорака до местото на престој, да се добие во центар за издавање или да се добие директно на стадионот.

И така, вие веќе сте си купиле билет. Следниот чекор е да поднесете барање за вашата Fan ID. Дури откако ќе биде одобрена, ќе може да ја добиете. Апликацијата се оформува на веб-страницата или непосредно во центарот за издавање (но, тогаш ќе треба да се оди два пати).

Откако ќе ја пополните пријавата очекувајте потврда со СМС или преку електронска пошта. Потребно е да добиете две пораки: првата е за тоа дека барањето е примено, втората за нејзиното одобрување или неодобрување. Организаторите ветуваат барањето да биде разгледано во рок од 72 часа.

Кога ќе ја добиете втората потврда, можете да добиете Fan ID на посочената адреса. Самиот процес на добивање ќе потрае неколку минути. Најважно е да имате документ за идентификација (не е задолжително да е оној со кој се купени билети). За деца до 14 години тоа е оригинален извод од матична книга на родените.

Fan ID може да ја подигне и друг човек (роднина, пријател) со полномошно. Во овој случај треба да носите со себе копија на документот за идентификација на ополномоштувачот, полномошното и документ со кој се потврдува личноста на ополномоштениот.

Што да правам ако имам неколку билети?

Не треба да се издава Fan ID за секој билет. Тоа важи за целиот период на турнирите за сите натпревари, па доволно е Fan ID да биде „прикачена“ само на еден од билетите.

Но, фан-картите за Купот на конфедерации 2017 и за Светското првенство 2018 ќе бидат различни, бидејќи и самите настани се различни, без оглед на тоа што и двата се одржуваат во Русија. Сепак, постапката за издавање останува иста.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња