Изгорена земја, прав, жешко сонце и светло сини руски камиони: овие слики се доволни за да ги натераат срцата на обожавателите на автомобилските трки да почнат да бијат забрзано. Во јануари сè ќе се повтори: на Дакар-2017 екипата „КАМАЗ-Мастер“, која успеа да ги реши проблемите со финансирањето, ќе испрати 4 екипажа.
Традиционалниот рели-маратон Дакар ќе се одржи од 2 до 14 јануари во Аргентина, Боливија и Парагвај. „Сината армада“ оди во Јужна Америка за победа: 13 титули на Дакар ја обврзуваат да се постават повисоки цели. Тимот исто така нема трпение да се реваншира за пропуштената победа за време на минатата трка.
Press photo
Октомври е „најжешкото“ време во автоцентарот на КАМАЗ во градот Набережние Челни (1.064 километри од Москва). До тргнувањето на камионите останува сосема малку време, затоа механичарите, инженерите и спортистите работат деноноќно. „КАМАЗ-мастер“ е единствениот тим во кој натпреварувачите работат со клучевите заедно со механичарите. Ваквото искуство е многу важно во „борбени“ услови. Ако се појават проблеми кај специјалните станици, пилотите можат да го сменат секој детаљ, а понекогаш и да го направат од материјали што им се при рака.
Нема многу време за доработки: на 13 ноември машините ја напуштаат работилницата во Набережние Челни и тргнуваат кон Франција. На пристаниште Авр тимовите треба да поминат низ технички проверки. „Борбената“ техника се пломбира, за да не може никој да прави промени, и се товари на фериботот. До Јужна Америка камионите патуваат околу 20 дена.
По испраќањето на машините пилотите не заминуваат на одмор: им претстојат интензивни курсеви по англиски јазик, бројни маркетиншки настани и долги часови работа во спортската сала.
Фитнес-подготовката често е клучна за исходот на трката: во високите фази победуваат најистрајните. „На височина од 4.500 метри недостасува кислород, затоа дури и здрав човек во такви услови страда од главоболка. Да управуваш со машината со голема брзина кога главата буквално ти прска, е невозможно“, вели шампионот на Дакар-2015 Ајрат Мардеев.
За да се прилагодат, екипи уште цела година во Набережние Челни тренираат со специјални маски, кои ја зголемуваат содржината на кислородот во вдишаниот воздух. На почетокот спортистите дури и спијат со нив.
Press photo
Како и во секој друг спорт, и во трките со камиони е тешко да се победува ако имаш прекумерна тежина. Аjрат Мардеев признава дека сака да си касне и дури имал и неколку вишок килограми. Но, откажувањето од вечерата и напорните тренинзи во спортската сала му помогнале да се справи со нив.
За време на трките е спротивното - вечерата е единствениот комплетен оброк. Пред трката не треба да се јаде многу, затоа појадокот е многу лесен. На пат пилотите пијат само вода, која им се дава со помош на специјална цевка споена со термос со мраз. Поради жештина пијат многу за да не дехидрираат.
Тимот ја носи храната со себе: момците не можат без традиционалните руски супи кои организаторите на релито Дакар не ги нудат. Покрај тоа тимот „КАМАЗ-Мастер“ има традиција - во денот за одмор се вари пилаф. Казан и дрва секогаш можат да се најдат во еден од сервисните камиони.
Press photo
Има уште една традиција од која ниту еден член на тимот не се откажува. Во кабината на секој автомобил може да се најде колекција маскоти кои блиските ги подаруваат на пилотите, на помошниците и на механичарите. Обично тоа се мали меки играчки.
Затоа, пак, бројот на машината – „500“, има лоша слава меѓу натпреварувачите. Велат дека двете нули никогаш не донеле среќа никому: постојано се случуваат некакви несреќи и незгоди. Овие нули вршат притисок врз спортистите.
Овој пат со овој број ќе стартува главниот ривал на „КАМАЗ-Мастер“ - Холанѓанецот Жерар де Рој. Во целата историја на Дакар само Владимир Чагин го освоил натпреварот со тој број. Ова се случи во 2011 година, по што седумкратниот шампион на Дакар го најави крајот на спортската кариера.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче