Одговорните функционери го претставија проектот за развој на најпосетениот зимски скијачки центар во Русија. Одморалиштето е сместено во населеното место Шерегеш во Кемеровската област (3.870 километри источно од Москва), а познато е по масовните спустови во бикини, соопштува The Siberian Times.
Проектот за реновирање на туристичката и сообраќајната инфраструктура на одморалиштето е вреден 131 милион американски долари и беше претставен на Санктпетербуршкиот меѓународен економски форум 2016. Примарните инвеститори ќе ги обезбедат раководството на Кемеровската област и Федералниот центар за финансирање проекти.
Авторите на проектот сакаат Шерегеш да стане привлечен за туристите во текот на целата година и планираат да го усогласат нивото на услугите со светските стандарди. Сега во текот на летото туристичкиот центар е искористен само 30%, а скијачката сезона трае од октомври до мај.
„Денес приватниците вложуваат во Шерегеш многу повеќе средства одошто примарните инвеститори, кои ветуваат, но малку преземаат, па згора на тоа и одолговлекуваат“, коментира раководителот на туристичкиот центар Шерегеш Вјачеслав Анисимов. Соред него, одморалиштето било долго време во сенката на Олимпијадата од 2014 година во Сочи (1.600 километри од Москва). На пример, според официјалните податоци, инвестициите во развојот на олимпискиот скијачки кластер „Краснаја Пољана“ и изградбата на железничката пруга до овој комплекс чинеле 23 милијарди американски долари.
Според податоците што ги изнесуваат организаторите, Шерегеш секоја година го посетуваат милион туристи, а најголем број од нив се државјани на Русија, иако има и туристи од Германија, од Шпанија, од Венецуела и од Литванија. Авторот на проектот очекува дека овој калстер, кога ќе биде реновиран до 2021 година, ќе прима околу еден и пол милион гости годишно.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче