„Ш-Тандем“ – необичен јуришен авион направен во СССР кон крајот на 1930-тите

ANUBYSVIDEO / youtube
Овој оригинален авион со митралез во делот на опашката имаше неколку недостатоци во конструкцијата кои ја запечатија неговата тажна судбина.

Паралелно со работата над оклопен јуришен авион, во СССР во средината на 1930-тите се работеше и на создавање на брзи лесни јуришни двоседи, направени врз база на извидувачки авиони.

Како што соопштува Airwar.ru, на 5 декември 1937 година првпат полета експерименталниот лесен јуришен авион „Ш-Тандем“ (познат и како Ш-МАИ, МАИ-3 и „МАИ-Тандем“) на конструкторот П. Грушин. Таа прва варијанта беше едносед, направен во училишните работилници на Московскиот воздухопловен институт. Со авионот управуваше познатиот пробен пилот П. М. Стефановски.

Московски воздухопловен институт, 1935.

Проектиран како двосед, овој јуришен авион имаше многу оригинална конструкција која беше замислена така што ќе обезбеди стабилност на масата распоредена по надолжната оска.

Тежиштето беше поместено кон опашката, што му овозможи на Грушин да постави митралез во задниот дел на авионот.

Првично беше планирано во авионот да се стави мотор со воздушно ладење М-88, но тој сè уште не беше завршен, па најпрвин беше ставен мотор М-87, а потоа М-87А.

Конструкцијата на авионот беше направена од дрво, првенствено од бакелитна шперплоча.

До 8 јануари 1939 година беше извршено прелиминарно тестирање на летот на варијантата со еден пилот, без оружје, со мотор А-87. Беше постигната прилично голема максимална брзина, во рамките на техничките карактеристики на авионот. Таа изнесуваше 406 км/ч во близина на земјата, а 488 км/ч на висина од 4250 метри.

Во септември и октомври 1939 година беше извршено заедничко фабричко и државно тестирање на варијантата на авионот „Ш-Тандем“ со двајца пилоти. Извештајот од тестирањето беше усвоен на 10 октомври.

Авионот го имаше стандардното вооружување на јуришните авиони од тоа време: 4 митралези ШКАС сместени во крилата со 2400 куршуми, митралез ШКАС во куполата (700 куршуми во комплетот) и 200 килограми бомби.

Авионот не го помина државното тестирање од повеќе причини, почнувајќи од тесната кабина на навигаторот и завршувајќи со лошо решената опрема за слетување и недоволно цврстото предно крило. Покрај тоа, неговото полетување беше отежнато, а реакцијата на кормилото на правецот бавна. Заклучено е дека издигнатото задно крило (во однос на предното) не е добро решение.

Згора на сé, авионот имаше необичен дизајн и слабо вооружување. Во мај 1939 година беше одлучено да запрат сите работи за развој и производство на авионот „Ш-Тандем“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња