Како ќе изгледа воената опрема на рускиот војник по 20 години?

Сергеј Фадејчев/TASS
Првите елементи на опремата веќе се тестирани во Сирија.

Новата индивидуална опрема на „војникот од иднината“ се нарекува „Ратник-3“. Таа може да издржи погодок од снајперска пушка, да спречи детонација на противпешадиска мина, навечер да го скрие војникот од термовизиските камери, а дење да служи како добра камуфлажа која се „претопува“ со теренот. Елементите на споменатиот комплет и неговите потсистеми веќе се тестираат во борбените дејствија во Сирија. Се очекува дека определени предмети од оваа време наскоро ќе почнат масовно да се испорачуваат во руската армија. Тоа нема да биде само специјално маскирно одело, панцирни елечиња, средства за врска и приказ на ситуацијата на теренот, ами и смарт-оружје кое му покажува на стрелецот каде се наоѓа целта и како тој ефикасно може да ја неутрализира.

Прв увид во новата борбена опрема

Новата опрема беше претставена на изложбата „Армија 2021“ во експозицијата која беше затворена за посетители. Велат дека министерот за одбрана Сергеј Шојгу бил восхитен од она што го видел. Концернот „Калашников“ му покажал на министерот оружје интегрирано со неутронска мрежа. Таа не само што отвора оган, ами згора на тоа и „разговара“ со стрелецот и му сугерира во кој момент е најдобро и најефикасно да го испука куршумот. За овој совет не е одговорен самиот автомат, ами оптичкиот и електронскиот систем за набљудување и обележување на целта кои се вклучени во индивидуалниот комплет за заштита на војникот.

MP-155 Ultima

Претходно „Калашников“ за цивилниот пазар претстави оружје кое изгледа прилично футуристички, како да е земено од филмот „Војна на ѕвездите“. Станува збор за таканаречената смарт-пушка МР-155 Ultima. Деталите кои се разработени за време на правењето на оваа пушка подоцна се пренесени на боевото оружје, На презентацијата на пушката претставниците на концернот рекоа дека МР-155 Ultima има пренослив пресметувач со дигитален дисплеј. Смарт-пушката е синхронизирана со различни електронски уреди, има тајмер, индикатор на бројот на преостанатите куршуми и бројот на испукувања.

Што користат денес руските војници?

Во овој момент руската армија ја има втората генерација на системот „Ратник“ која ја носи ознаката „2“. Тој се состои од пет интегрирани елементи кои обезбедуваат уништување на целите, заштита, управување и одржување на виталните функции на организмот и акумулатор. Секој од овие елементи има свои модуларни потсистеми кои можат да се менуваат во зависност од климатските услови и од ситуацијата на теренот. На пример, во средниот појас на Русија војниците користат камуфлажа во која преовладуваат зелената и црната боја. Во Сирија оваа опрема е во виолетово-светлозелено-сиви нијанси кои овозможуваат војникот да се „претопи“ со песокливиот терен. Поради необичната комбинација на бои војниците овој комплет на шега го нарекуваат „прасица“. На Арктикот војниците носат ист комплет во црно-бела боја.

Комплет борбена опрема „Ратник“ во различни варијанти и заштитна опрема за екипажот на оклопните возила 6Б48 „Ратник-ЗК“.

Производителот истакнува дека покрај камуфлажата комплетот на униформата обезбедува и максимално комфорни услови за одржување на виталните функции на организмот. Униформата може непрекинато да се носи најмалку 48 часа. Ткаенината е натопена со специјална супстанца која пропушта воздух и ја одбива влагата. Проектирана е и зимска варијанта. Таа од летната се разликува по тоа што во неа се предвидени топлотни елементи и загревањето. Само е потребно да се вклучи акумулаторот и индивидуалната печка започнува да работи.

Сите елементи од комплетот можат да се комбинираат. Стандардната варијанта има комбинезон и панцирен елек кој штити од директен погодок од снајперска пушка. Таа е тешка околу 10 килограми. Максимална варијанта има шлемот, офанзивниот панцирен елек од шестата класа на заштита и оклопот со штитници за размена и за колкови. Таа е тешка околу 20 килограми. Сè на сè, комплетот нова борбена опрема може да покрие околу 90% од површината на телото на војникот.

За уништување на непријателот на располагање стои цел арсенал автомати, пушки и митралези. Во зависност од родот на војската војникот може да има: автомат АЕК-971, најновите модели на автоматот „Калашников“, а тоа се АК-12 и АК-15, или митралез „Печенег“. На располагање се и новата снајперска пушка 6В7М со калибар од 12,7 милиметри и новиот автоматски фрлач на гранати со држач 6Г27 „Балкан“ со калибар од 40 милиметри. Покрај тоа, ќе се појави и нов артилериски систем со калибар од 23 милиметри за уништување лесно оклопена техника и утврдени непријателски објекти. Со него во комплет одат и електронски нишани, монитори на шлемот кои му овозможуваат на војникот да отвори оган од скриено место, што би се рекло „зад аголот“, без да ѕирка од ровот.

Што треба да добијат руските војници?

Штандот на државната корпорација „Ростех“ на изложбата „Русија стремеж во иднината“, Централна изложбена сала „Манеж“.

И покрај тоа што е под печатот на државна тајна, „Ратник-3“ можеше делумно да се види на спомената изложба „Армија-2021“. На штандовите на руските компании стоеше антропоморфен робот со шлем кој целосно му ја покриваше главата, како моторџиска кацига, со интегрирани монитори кои на заштитното стакло прикажуваат 3Д слика, и со панцирен елек од композитни плочки кои личат на крлушки од рептил. Сето ова е дополнето со егзоскелетот од титаниум. Со негова помош војникот може на плеќите да носи практично уште една своја тежина. Рекламирани се и паметните војнички чизми кои го предупредуваат војникот на противпешадиска мина пред него, а воедно емитуваат сигнали кои го попречуваат функционирањето на нејзиниот бесконтактен детонатор.

Тешко е да се каже во каков вид војската ќе го добие сето тоа. „Ратник“ од втората генерација чини 200.000 рубли (околу 3.000 американци долари за комплет за еден војник). Ниту еден стручњак денес не може да прогнозира колку ќе чини комплетот од третата генерација, со оглед на тоа што тој има современа електроника и е направен од композитни материјали и од легури на титаниум. За волја на вистината, можеби тоа и не е најважно. Воените стручњаци се прагматични и го купуваат само она што им е навистина потребно во дадениот момент. Најпрво маскирната униформа и средствата за индивидуална панцирна заштита, потоа стрелечкото вооружување и на крајот електронските и оптичките средства за водење борба. Ова последново денес во целост го поседуваат само припадниците на силите за специјални операции, припадниците на десантно-падобранските единици и командирите на тенковските и на артилериските единици.

Припадник на вооружените сили на Руската Федерација со таблет на тактички комплекс за извидување, управување и врска „Стрелец“ на полигонот Молкино за време на тактичките вежби во рамките на ненадејната проверка на борбената подготвеност на силите од јужните региони на земјата.

Однадвор овие уреди изгледаат како обични таблети, На нив се прикажува мапа на теренот со координатни цели и предлози како тие да се уништат. Тоа може да биде автоматска пресметка на насоката и брзината на ветрот за тенкистите и за артилерците, а може да бидат и податоци за тоа кои хеликоптери и авиони со какво вооружување се наоѓаат во зоната на дејствувањето на Силите за специјални операции (ССО) и десантно-падобранските единици. Доволно е војникот само да го впери ласерскиот далномер и со допир на прстот (може и во ракавици) на дисплејот да избере една од неколкуте видови летала што ги има на располагање, и проектилот автоматски пука и лета кон целта.

Приемникот за овие податоци на авионите и на хеликоптерите се нарекува „Гефест-24“. Станува збор за компјутер кој е поврзан со секој војник на земјата и кој работи автономно, односно независно од пилотот. Пилотот по добивањето сигнал од земјата треба само да ја потврди подготвеноста за примена на оружје. Сето останато електрониката го прави сама. Токму со ова се објаснува високата ефикасност на старите авионски проектили без системот за високопрецизно наведување што Воздушно-космичките сили на РФ го применуваат во Сирија.

Авторот е одговорен уредник на списанието „Независимое военое обозрение“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња