Кон крајот на јануари неврохирурзите и лекарите од Научноистражувачкиот институт за медицинска приматологија вградија во мозок на павијан невроимплант што го враќа видот. Уредот се вика ELVIS (веќе пишувавме за него). Направен е за да им го врати видот на слепите лица на возраст од 24 до 65 години. Притоа апаратот може да се користи како кај луѓе кои го изгубиле видот поради одредени околности така и кај оние кои се слепи од раѓање (човекот сепак мора да биде возрасен со формиран мозок).
Делумно враќање на видот се постигнува со имплантација на невроимплант кој до кората на големиот мозок ги пренесува контурите на околниот свет од камера прикачена на човечка глава (или, во нашиот случај, на павијан). Камерата е поставена на обрач што може да се стави на главата преку ден и да се симне навечер пред спиење. Во апаратот има предавател кој ја чита сликата и ја пренесува преку безжична мрежа до невроимплантот во мозокот.
Во тек се претклинички испитувања на уредот врз животни. Научниците ја вградија електрониката во мозокот на мајмунот и по зараснувањето ќе ги започнат тестирањата. „Планиравме околу 10 тестови. Сè започнува од утврдување на обликот на геометриски фигури. За време на тестот мајмунот ќе има задача со помош на новиот вид да вметне предмети (триаголник, топка, коцка) во соодветните отвори. Тоа е само првиот тест кој ќе ни покаже како невроимплантот се адаптирал на мозокот на мајмунот“, изјави Денис Кулешов, директор на лабораторијата Sensor Tech.
Приматите се избрани за тестирање бидејќи според научниците нивниот мозок по структура наликува на човечкиот и е најпогоден за ваков тип на тестирање.
„Ние не го ослепивме животното ниту пак му нанесовме некаква траума. Му дадовме друг компјутерски вид, кој можеме да го вклучиме од далечина и во целосен мрак да му овозможиме да ги гледа контурите на предметите “, истакна Кулешов.
Компјутерскиот вид радикално се разликува од она на што сме навикнати во секојдневниот живот. Со правилен вид човекот може да разликува бои и детали на предметите, додека имплантот (во оваа фаза на технолошкиот развој) дозволува само контурите на предметот да се пренесат до кората на големиот мозок.
„Околината изгледа како да е исцртана со црн маркер. Ќе ги видите контурите на предметите без детали. Едноставно кажано, ќе видите пред себе човек, но не и кој е“, објасни Кулешов.
Според него, „контурите“ ќе им овозможат на слепите слободно да се движат по улица и да го користат јавниот сообраќај без помош на кучиња или роднини. Компанијата планира да го реши проблемот со „деталите“ со помош на вештачка интелигенција.
„Ќе додадеме гласовен асистент кој ќе ви каже дали пред вас е Елена или Михаил. Во чипот ќе се наоѓа база на податоци за вашите роднини и познаници, со помош на која компјутерот ќе може да препознае кој се наоѓа пред вас“, додаде инженерот.
Тестирањето на волонтери ќе започне во 2024 година. По завршувањето на тестовите и сертификацијата ELVIS ќе се појави на рускиот и на странскиот пазар.
Комплетниот клинички циклус (апаратот, операцијата, рехабилитацијата, болничката нега) ќе чини пет милиони рубли (околу 70000 американски долари). Во светот има пандани на рускиот уред, но нивната примена за пациентот е многу поскапа.
„Во Русија заинтересираните ќе можат да се пријават државата да им ја плати операцијата. Во странство операцијата ќе се плаќа“, рече Кулешов.
Секој што сака може да се подложи на операција, како во Русија, така и во странство. Технологијата на лабораторијата Sensor Tech ќе биде достапна во медицинските установи кон крајот на 2020-тите - почетокот на 2030-тите.
Повеќе информации за новиот уред и за тоа како тој се разликува од европските и американските апарати со истата намена можете да дознаете овде.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче