Новиот руски имплант ќе им го врати видот на слепите лица

Артjoм Геодакjaн/TASS
„ELVIS” овозможува на мозокот да му се „приклучи“ камера и сликата да се испраќа директно нему, без помош на очите. Оваа технологија веќе до 2027 година ќе им го врати видот на 37 милиони слепи лица ширум светот.

Руски експерти од лабораторијата „Сензор-Тех“ и Фондот за поддршка на слепоглуви „Соединение“ го направија првиот невролошки имплант во земјата кој е вградува во мозокот и на оние што не можеле да гледаат им ја враќа таа способност. Апаратот беше претставен кон крајот на јуни во иновативниот центар „Сколково“.

Што прави овој имплант

Уредот го доби името „ELVIS” (скратено од electronic vision). Однадвор, изгледа како рајф од „Cyberpunk 2077“ или „Војна на ѕвездите: Старата република“, кој се става на главата и зајакнува нечии способности. 

Всушност, токму тоа се случува и во реалноста: хирурзите во кората на големиот мозок на човекот му вградуваат специјален невролошки имплант и го поврзуваат со електрони со деловите на мозокот задолжени за видот. По неколку месеци закрепнување, човекот добива рајф со камера што ја става на главата и која ја пренесува сликата на околината директно до мозокот, заобиколувајќи го окото. Имплантот може да им го врати видот како на луѓето кои се слепи од раѓање, така и на оние кои го изгубиле видот во несреќен случај.

Имплантот мора да се менува еднаш во десет години, а може да го добијат лица од 24 до 65 години. Нема да им се вградува на деца. Според научниците, за вградување на имплантот е потребен возрасен, целосно формиран мозок.

Што ќе види слепото лице 

Иако овој проект звучи многу футуристички, тој нема да може да обезбеди вид во класична смисла со детали, бои и слики. Камерата испраќа до мозокот блесоци светлина кои ги опкружуваат предметите во околината и ги пренесува нивните контури до мозокот. Човекот ќе може да ги види силуетите и контурите на објектите пред себе, но не и  нивниот детален изглед.

„ELVIS“ ќе им овозможи на слепите лица да ги забележуваат предметите околу себе и слободно да се движат по градот и во сообраќајот без помош на водич.

Во која фаза се наоѓа проектот

Во моментов компонентите на апаратот се тестираат на глодари. Потоа технологијата ќе биде проверена на мајмуни, а во 2023 година имплант ќе добијат првите десет слепи доброволци.

Колку чини лекувањето 

Апаратот ќе влезе во сериско производство во 2027 година. Почетната цена на операцијата и поставувањето на камерата ќе биде 10 милиони рубли (околу 138000 долари). Откако „ELVIS“ ќе стане дел од државната поддршка и здравственото осигурување на населението, цената за враќање на видот ќе падне на 5 милиони рубли (околу 69000 долари).

Операцијата ќе биде достапна како за руски граѓани, така и за странци.

Слични апарати во странство 

„Американците веќе ги вградија првите шест импланти на волонтери и им го вратија видот. Лекувањето во САД денес чини 145000 долари“, изјави за Russia Beyond раководителот на проектот „ELVIS“ Денис Кулешов.

Ширум светот десетина научни тимови и стартапи се занимаваат со развој на систем што ќе им овозможи на слепите лица да им се поврати дел од видот со помош на импланти. Според него, далеку стигнале тимовите од Шпанија (CORTIVIS), Холандија (NESTOR) и Австралија (Monash University). Во најголем дел во моментов се вршат тестирања врз животни за да се провери дали покрај нивниот нормален вид можат да забележуваат и блесоци светлина.

Што го прави специфичен рускиот имплант

„Во проектот ELVIS успеавме да најдеме решение за главната маана на многу вакви импланти: за ниската резолуција на бионичкиот вид. Ние користиме комбинација на бионика и вештачка интелигенција за да може слепиот корисник максимално да го користи својот електронски вид“, истакна директорот на проектот.

Според него, додека многу странски проекти едноставно проектираат блесоци и силуети на сегментот на мозокот задолжен за видот, во нашиот систем вештачката интелигенција додава повеќе предлози за тоа каков е објектот и на што наликува.

„Тоа ќе им помогне на нашите пациенти и во процесот на рехабилитација, бидејќи ќе го унапредиме процесот на обука на новиот вид во текот на првите месеци по операцијата“, заклучува тој.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња