Автомат Коробов ТКБ-022ПМ во Државниот музеј за оружје во Тул
Vitaly V. Kuzmin/www.vitalykuzmin.netОва е првиот советски автомат кој е направен со цел по многу карактеристики да го надмине АК-47, но тоа не се случи.
Во декември 2021 година го ставивме на сопствено тестирање ова оружје на нашиот канал на Јутјуб, но претходно сакаме да ви раскажеме сè за овој автомат кој можеше да биде подобар од моќниот АК и да стане главно оружје на советската армија.
Многумина не знаат дека руските инженери по Втората светска војна го ставија на тестирање автоматот со чуден изглед, со магацин сместен во дршката.
Тоа беше првото пробно оружје со ознака ТКБ-022 во кое дел од дршката беше искористен како магацин за на тој начин да се намали габаритот на оружјето. Со тоа секако е намалена и вкупната тежина и должината на автоматот кој користи моќна муниција со калибар од 7,62х29 милиметри. Од друга страна, кандидатот за статус на главен автомат на советската војска од истата причина не беше лесен за ракување.
Не е ни чудо што ваквото оружје на военото тестирање ја изгуби битката кога се фати во костец со новиот моќен автомат АК-47.
15 години подоцна Коробов ќе го претстави целосно преработениот ТКБ-022 со магацин во самиот кундак. Овој тип автомат се нарекуваше булпап и беше мошне популарен кај европските дизајнери на оружје во средината на 20 век.
„Ова техничко решение му овозможи на Коробов дополнително да го намали габаритот на своето оружје и да го направи уште попрецизно во споредба со АК-47. Тоа беше прилично добро оружје без тресење (што е важен проблем кај сите автомати со калибар 7,62х29 милиметри), но ТКБ-022 имаше и сериозен недостаток кој не беше прифатлив во војувањето во текот на 20 век – не беше доволно сигурен“, вели Максим Попенкер, историчар на оружје и автор на книга за автоматските пушки.
Според него, ТКБ-022 не го минал тестот на отпорност, односно на оган од неподмачкано, „замрзнато“, врело, калливо и правливо оружје.
„Тоа беше првиот случај кога некој советски инженер имаше технички подобро решение од автоматот Калашников. Од друга страна, неговиот автомат беше полош според карактеристиките кои се потребни за масовно користење“, истакнува Попенкер.
Се смета дека ТКБ-022 е технички сложено и необично оружје. Инженерите за деловите на овој автомат велеа дека е тоа „челично оригами“ со фино осмислена механика која беше исклучително тешко да се вклопи во производниот процес.
Таквата „префинетост“ на оружјето беше возможна само во идеални услови на експлоатација. Поради тоа ТКБ-022 не беше вброен во советскиот воен арсенал, но затоа еквивалентните модели си го најдоа своето место во единиците за специјални намени на НАТО.
„Булпап“ конструкцијата им овозможува на конструкторите да ја зголемат должината на цевката за 20 до 30 сантиметри. Поедноставно кажано, борбените карактеристики на оружјето растат со геометриска прогресија, а корисникот од другата страна добива лесно и прецизно оружје со кое лесно се ракува во мал простор.
„На СССР му беше потребно оружје за регуларната армија, а ТКБ-022 ја изгуби битката со АК на военото тестирање и сега се чува во ризниците на Тулската фабрика за оружје. Од друга страна, сличните верзии на оружјето од седумдесеттите години на минатиот век се користат во вооружените сили на Австрија“, вели експертот.
Основен еквивалент на моделот ТКБ-022 е австрискиот „Steyr“ AUG. Ова оружје многу го користи полицијата на земјите од НАТО, и добро е познато кај гејмерите благодарение на играта Counter Strike.
„AUG е чувствително оружје, исто како и ТКБ-022. Идеално е за градски услови, но ниту една единица не го зема кога заминува во рурално подрачје. Автоматот е направен од полимер и има механизми кои се прецизни и ефикасни, но се 'деликатни' и се чувствителни на прав“, нагласува Попенкер.
Моделот ТКБ-022 влезе во историјата како прв советски „булпап“ кој беше попрецизен и поергономичен од автоматот Калашников.
Денес некои негови технолошки решенија се интегрирани во автоматот ШАК-12 со голем калибар што го користат единиците за специјални операции на ФСБ. Тука можете да дознаете повеќе за ова оружје.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче