Што сè може најмоќниот руски автомат

Офанзивниот автомат ШАК-12 (АШ-12) со калибар од 12.7 милиметри на Меѓународниот военотехнички форум „Армија 2019“ во конгресно-изложбениот центар „Патриот“.

Офанзивниот автомат ШАК-12 (АШ-12) со калибар од 12.7 милиметри на Меѓународниот военотехнички форум „Армија 2019“ во конгресно-изложбениот центар „Патриот“.

Виталиј Белоусов/Sputnik
Неговиот куршум пробива тврди ѕидови, смртно е опасен, дури и ако само го закачи непријателот. Нашиот дописник лично го испроба ова оружје и ги подели своите впечатоци со нас.

Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) уште во 2001 година го нарача новиот автомат кој би можел ефикасно да пробива тврди ѕидови и најцврст панцир. Потребата за ново оружје беше согледана по терористичкиот напад во училиштето во Беслан, кога терористите држеа како заложници 1.100 луѓе (од кои 777 деца).

За да ги задоволи потребите на Спецназ руските инженери направија оружје кое користи најмоќна муниција за автоматска пушка на светот – куршуми со калибар 12,7х55 милиметри.

АШ-12 (ШАК-12)

Изработувачите на оружје направија автомат според системот „булпап“ (рамката со муниција е во пределот на кундакот, зад петлето) АШ-12 со цел во голема мера да се надминат можностите на моделот АК-74 во блиска борба.

Офанзивниот автомат ШАК-12, Десетта меѓународна изложба на вооружување и воена техника Milex-2021 (23 до 26 јуни 2021 година), Минск, Белорусија.

„Најголемиот проблем за време на создавањето на ова оружје беше да се направи автомат чиј куршум пробива ѕид и го ликвидира терористот без разлика во кој дел од телото ќе го погоди. Муницијата на АШ-12 е страшна дури и само ако се погледне. Доколку споредите куршум од АШ-12 и од АК-74, вториов изгледа како чиода“, вели за Russia Beyond Иван Алексеев, поранешен офицер на Спецназ.

Тој додава дека овие два автомати се направени од различни причини и за различни операции. АК-74 е предвиден за ефикасна примена во најсурови климатски услови и за уништување на целта на оддалеченост од 300 метри на отворен простор.

„Неговото зрно лета со голема брзина и има добра пробивност. Сепак, тоа е полесно и не е доволно робусно да пробива тврди препреки. Куршумот АШ-12 е помоќен на помали растојанија. Тој има потешко и поробусно зрно кое пробива ѕидови, но затоа на поголемо растојание ги губи балистичките својства“, истакнува експертот.

Според него, АШ-12 не е погоден за ликвидација на непријателот на оддалеченост од 150 метри.

Кога станува збор за огнената моќ, муницијата со калибар од 12,7х55 милиметри е една од најсмртоносните на пазарот.

„Ова оружје има огромна ударна моќ. Непријателот паѓа, без разлика каде ќе го погодите. Тоа е навистина страшно оружје и тешко оној кој ќе се најде на нишанот“, додава тој.

Поранешниот припадник на Спецназот истакнува дека ова оружје во свое време било добро прифатено и главно се користело во контратерористочките операции на Кавказ.

Поглед одблизу

Јас лично имав можност да се запознам со АШ-12 на почетокот на септември на едно стрелиште во Подмосковје.

Излезе дека оружјето е прилично големо и дека е неверојатно тешко за еден автомат (речиси 6 килограми со придушувач). Не беше згодно да се ракува со него во стоечка положба и затоа легнав и од тој став пукав во целта.

Од друга страна, борбениот комплет на овој автомат е неверојатно моќен. Секое пукање со тешката муниција од 12,7х55 милиметри буквално ги распрснува тулите на парчиња, а од движењето на кундакот остануваат модринки на рамото.

Современите верзии на АШ-12 имаат шини, озгора за оптика и оздола за ламба или за фрлач на гранати. Оружјето се испорачува во комплет со два придушувачи кои лесно се монтираат и се отстрануваат, Еден поголем, кој по величината одговара на моделот АШ-12 и еден помал. Интересно е што поголемиот придушувач го урамнотежува оружјето и го олеснува нишанењето од поголема оддалеченост.

АШ-12 е малку погруб и механички поедноставен од американските еквиваленти кои се направени на платформата АР-15 и користат муниција .450 Bushmast или .50 Beowulf. Американците ги користат овие платформи главно за лов, додека руската платформа е направена за потребите на припадниците на специјалните единици и може да ги поднесе најсуровите борбени и временски услови.

По тестирањето во стрелање сфатив две работи. АШ-12 е без сомнение оружје за посебни ситуации, и тоа од повеќе причини – поради тежината, размерите и огромната огнена моќ. Тоа не е погодно за отворање оган на отворен простор зашто мобилната единица со лесни автомати ќе биде во предност. Од друга страна, АШ-12 буквално прави отвор во ѕид, така што тоа е одлично дополнение за единиците кои имаат задача да го избркаат непријателот од утврдена положба.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња