Како советски мразокршач спаси 2000 бели китови (ФОТО)

J.Саљников/TASS
Музиката беше клучниот фактор во уникатната спасувачка операција.

Во 1985 година околу 2000 бели китови останаа заробени во дебелиот мраз кој брзо се затвараше околу нив, заканувајќи се да ги докрајчи. Мразокршачот „Москва“ доби задача да ги ослободи китовите, но тие не сакаа да го следат бучниот брод до отворено море. Тогаш на помош притекнаа генијалноста и музиката.

Ледена стапица

Кон крајот на декември 1984 година локалните рибари и ловци од околината на островот Итигран во Беринговото Море, покрај бреговите на Чукотка и на само 210 километри од Алјаска видоа вознемирувачка глетка: јато од околу 2000 бели китови се најде заробено во мразот во близина на брегот.

Белите китови, познати во Русија и како белуги или поларни делфини, се цицачи кои треба да излезат на површината за да дишат воздух. Доколку останеа опкружени од мразот кој брзо се формираше, тоа ќе значеше сигурна смрт за нив. Без човечка помош, китовите наскоро ќе изумреа.

Малобројното локално население брзо притекна на помош. Локалните жители со недели го кршеа мразот за да спречат формирање на ледена кора на мал базен со вода додека ги хранеа животните со замрзната риба. Сепак, нивните напори не беа доволни, бидејќи мразот неизбежно надоаѓаше кон заробените китови.

Мразокршач 

Благодарение на помошта на локалното население животните преживеаја повеќе од еден месец, а потоа веста за китовите конечно се прошири и властите испратија мразокршач да ги ослободи заробените животни кои полека умираа.

„Мразокршачот „Москва“ се тркаше со времето и се бореше со ниските температури за да стигне до китовите пред да се задушат или умрат од глад во сé помалиот базен со вода“, објави „Њујорк Тајмс“, кој го опиша инцидентот како „една од најнеобичните спасувачки операции во историјата на поларната пловидба“.

Следниот ден целиот свет го следеше развојот на „Операција Белуга“.

Предводен од извидувачки авиони на помош иташе мразокршачот „Москва“, командуван од капетанот Анатолиј Коваленко. Џиновскиот брод најпрвин пресече големи базени во мразот во кои китовите можеа да се опорават и да си ја вратат силата. Но, главната цел беше да се погрижат китовите да не се задржуваат на места каде што наскоро можеше повторно да се формира мраз. Морнарите мораа да ги намамат животните од крајбрежниот појас на отворено море.

Екипажот требаше да смисли начин како да ги наведе китовите да го следат џиновскиот бучен мразокршач што ги плашеше со своите пропелери. Дојдоа на необична идеја и повикаа на помош музика.

Следете ги звуците 

По неколкудневни неуспешни обиди да се извлечат китовите од стапицата, некој дојде до брилијантна идеја.

„Најпосле некој се сети дека делфините реагираат исклучително добро на музика. Потоа музиката почна да ечи од врвот на палубата. Поп-музика, воена музика, класична. Најмногу им се допадна класичната музика. Јатото полека тргна по бродот“, ги цитира „Њујорк Тајмс“ извештаите во локалните советски весници.

Извештаите од тоа време не се согласуваат за видот на музика што морнарите им ја пуштаа на китовите. Некои велат дека тоа бил советски поп, додека други тврдат дека китовите најдобро реагирале на звуците на класичната музика. Без разлика на жанрот, екипажот набрзо увиде дека музичката тактика е полн погодок.

„Нашата тактика е ваква: се повлекуваме наназад, па повторно одиме напред пробивајќи го мразот, правиме премин и чекаме. Тоа го повторуваме неколку пати. Белугите почнуваат да ја „сфаќаат“ нашата намера и да го следат мразокршачот. На тој начин напредуваме километар по километар“, изјави тогаш капетанот Анатолиј Коваленко.

До крајот на февруари сите заробени китови беа ослободени и испливаа на отворено море. Според некои проценки, спасувачката операција ја чинеше државата околу 55000 долари (околу 148000 долари според денешните вредности).

Морски чудовишта: Советските нуклеарни мразокршачи – до Северниот пол и назад

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња