Што се зборува за системот С-550?

Максим Блинов/Sputnik
Интернетот е преплавен со теории на заговор за вистинската намена на системот за ПВО С-550. Ги замоливме воените експерти да ни ги изнесат претпоставките кои се најблизу до вистината.

Новиот систем за ПВО С-550 ќе се разликува од претходните системи С-400 и С-500 по поголемиот дострел во откривањето цели и по поголемиот дострел на ракетите, а исто така и по тоа што ќе ги пресретнува сите видови цели, изјави Сергеј Чемезов, прв човек на државната корпорација „Ростех“ на Меѓународниот саем на воздухопловство Dubai Airshow.

Следниот ден по изјавата Русија успешно ја тестираше ракетата која од Земјата гаѓа објекти во блискиот космос и со неа уништи еден стар сателит (тука можете да ги дознаете причините кои го натераа Министерството за одбрана на РФ да изврши ваква проба).

Според мислењето на воените експерти, применет е новиот систем С-550. Министерството за одбрана на РФ, меѓутоа, не ги обелодени податоците за тоа како изгледа новото оружје и кои се неговите тактичко-технички карактеристики.

Во овој момент воените експерти имаат некои сопствени теории за системот С-550.

Теорија број 1: Мобилна верзија на ракети базирани во вкопани силоси со кои е заштитена Москва.

Определени експерти претпоставуваат дека С-550 е дополнителен елемент на мобилниот систем за ПВО С-500 „Прометеј“, односно први мобилен систем кој ќе ги пресретнува балистичките и хиперсоничните ракети во космосот.

„С-550 може да биде дополнителен елемент на системот 'Прометеј'. Претходно претставниците на Вооружените сили изјавуваа дека С-500 ќе соборува балистички нуклеарни глави, но и сателити во орбитата. Според сè, воениот врв одлучил да ги подели овие функции и различни цели да соборува со различни модели оружје, со цел да ја зголеми прецизноста на погодокот“, вели Дмитриј Литовкин, главен уредник на списанието „Независимое военое обозрение“,

Тој смета дека С-550 е нова фаза на развој на веќе постоечкиот советски систем за противвоздушна одбрана А-235 „Нудољ“ кој е направен да соборува цели во ниската орбита.

А-235 „Нудољ“

„Нудољ е ракета која е базирана во вкопани силоси. Тоа се огромни ракети кои се сместени само во силоси околу Москва и можат да уништуваат потенцијални нуклеарни цели во орбитата“, вели експертот.

Аналитичарот смета дека С-550 може да биде мобилна верзија на ракети кои претходно биле базирани во вкопаните силоси, но со подобрени карактеристики, така што оружјето од „стар ков“ може да уништува современи цели во космосот.

За разлика од стандардните ракети С-500, „Нудољ“ е долг 20 метри и тежок е околу 33 тони, што може да се спореди со големината на интерконтиненталните балистички ракети. Ова значи дека возило кое носи современа верзија на „Нудољ“ ќе изгледа како камион кој се користи за превоз на интерконтиненталните ракети „Јарс“.

Главната карактеристика на ракетата „Нудољ“ е во тоа што таа за само три секунди развива брзина од 5.5 километри во секунда, а тоа е на границата на хиперсоничната брзина, што значи дека брзо стигнува до целта и дека може да пресретнува други ракети кои летаат со помала брзина.

Теорија број 2: С-550 е уште подобра верзија на системот С-500 кој допрва треба да се појави

Иван Коновалов, директор за развој во Фондот за промовирање на технологии на 21 век, смета дека новиот систем за ПВО потенцијално може да има и поинаква намена.

„Серијата С-550 би можела да биде вооружена со нови ракети кои се идеални за уништување неколку воздушни цели на големо растојание“, вели Коновалов.

Тактички воени вежби на противвоздушната одбрана во Астрахањската област.

Според него, досега ракетите С-500 можеа да служат за уништување поединечни цели во радиус од 600 километри, и тоа балистички ракети и стратешки бомбардери, а С-550 би можел да биде уште подобро решение во случај на масовен напад со помош на ловечки авиони, крстосувачки и хиперсонични ракети.

„Воениот врв можеше да донесе одлука за понатамошна поделба на нашиот противвоздушен штит на неколку системи против сите потенцијални воздушни цели. Тоа можеше да биде направено за да се обезбеди и да се зајакне безбедноста на нашите граници“, претпоставува експертот.

Ракетите за системот С-500 можеле да добијат понапреден погон, што им дава поголема борбена можност.

Тој исто така смета дека воената команда може да работи на зголемување на брзината и на висината на ракетите во системот С-550. Системот би можел да ги опфати современите компјутерски системи за анализа на патеката на непријателските ракети, што би му овозможило да ги пресретнува на оние делници од патеката каде експлозијата нема да им нанесе штета на руските сили и на цивилното население.

Сите воени експерти истакнуваат дека станува збор само за претпоставки зашто во овој момент не постојат официјални коментари поврзани со С-550, а исто така и дека во следниве месеци нема да бидат обелоденети важни податоци за најновото оружје.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња