Зошто Русија го уништи својот стар сателит и какво оружје примени

Меѓународна вселенска станица/ НАСА
Москва вели дека ги демонстрирала своите можности за одбрана во вселената, а експертите сметаат дека за „полниот погодок“ е одговорен системот С-500.

На 15 ноември 2021 година Русија го уништи својот сопствен сателит поради што беше осудена од вселенската команда на САД.

Според Американците, Москва применила антисателитска ракета со директно пресретнување (DA-ASAT) и во отворениот космос направила 1.500 фрагменти кои можат да ги загрозат другите сателити во орбитата.

Москва својот потег го објасни со потребата со тоа дека оди во чекор со активноста на американската војска во космосот.

Изјава на Министерството за одбрана на Русија

Руските медиуми добија официјална изјава од Министерството за одбрана во која се вели дека е успешно изведено ракетно тестирање во кое е уништен неактивниот сателит под назив „Целина-Д“ (вака овој сателит го нарекува Министерството за одбрана на Руската Федерација, додека Американците и другите медиуми го користат називот „Cosmos-1408“).

Според изјавата од Министерството за одбрана, тестирањето е руски одговор на новата американска вселенска стратегија и на американските тестирања на најновите модификации на беспилотни вселенски летала Х-37.

„Соединетите Американски Држави формираа вселенска команда во 2020 година и официјално усвоија нова вселенска стратегија. Една од нејзините главни цели е 'создавање сеопфатна воена доминација во вселената'“, соопшти во вторникот руската воена команда.

Лунарниот модул Apolla 17, Challenger, по маневрите за спојување со командантот Јуџин Серано и пилотот на лунарниот модул Харисон Шмит на бродот. Белите точки околу лунарниот модул се остатоци од степен на ракетата S-IVB со носачот на ракети Saturn.

Министерството за одбрана на РФ исто така тврди дека американската страна интензивно, но незабележливо создава и ги тестира своите нови офанзивни можности од различни видови во орбитата, вклучувајќи ги и најновите модификации на беспилотното вселенско летало Х-37.

Воената команда на РФ додаде дека ваквите дејствија се третираат како закана и дека тие не можат да се спојат со декларираните цели за мирољубиво користење на вселената.

„Имајќи го предвид ова, Министерството за одбрана извршува плански активности насочени кон зајакнување на одбранбената способност со што се исклучува можноста за ненадејно загрозување на безбедноста на земјата во вселенската сфера и на земјата со примена на постојните и на перспективните странски вселенски технологии“, се вели во соопштението од министерството.

Кои системи за вооружување ги примени Русија за соборување на сателитот?

Министерството за одбрана на Русија официјално не открива кој систем е применет за уништување на стариот советски сателит.

Најновиот зенитен ракетен систем С-500 пред пробно боево гаѓање на брза балистичка цел на полигонот Капустин Јар. Според податоците од средствата за објективна контрола целта е погодена. Стоп-кадар од видеоснимката на Министерството за одбрана на РФ.

Во овој момент Русија поседува само два системи кои можат да уништат објект во вселената – тоа се С-500 и најновиот С-550.

„Можеме да претпоставиме дека ова беше вистинско борбено лансирање на зенитно-ракетниот систем од петтата генерација С-500 кој може да избира конкретни цели во блискиот космос и да ги уништува“, вели Игор Коротченко, главниот уредник на списанието „Национаљнаја оборона“.

Според него, резултатите од тестирањата покажуваат дека С-500 неутрализира ново маневарско орбитално оружје кое се користи повеќекратно и кое може да носи секаков вид вооружување, вклучувајќи и нуклеарно.

„Русија сакаше да покаже дека е подготвена за отстранување опасности што ѝ се закануваат од блискиот космос. Треба да се истакне дека С-500 и С-550 се исклучиво одбранбени системи. Нивната задача е да реагираат на нови видови воени закани кои ќе се материјализираат во следните пет години во Земјината орбита“, нагласува Коротченко.

Дали се ова единствени проби?

USA-193. Ракета Delta II со сателит на Националниот уред за извидување (NRO) успешно полета од космодромот Complex-2 во воздухопловната база Ванденбург, Калифорнија.

Не, не е.

САД и Кина веќе имаат извршено слични проби во текот на последниве децении.

„Вакви проби изведе Американската воена морнарица кога собори еден од своите сателити со сопствена противракетна ракета, а исто така кинеската армија која од копно лансираше ракети со цел да уништи еден од своите сателити“, вели за порталот Russia Beyond Александар Храмчихин, поранешен заменик-директор на Институтот за политичка и воена анализа.

Првото вакво тестирање го изведе кинеската армија во 2007 година. Таа го уништи апаратот во орбитата на висина од 865 километри. Така настанаа над 3.000 фрагменти кои можат да се забележат во вселената, а денес многу од нив сè уште се наоѓаат во орбитата.

САД во 2008 година го уништија расипаниот сателит за набљудување USA-193. За разлика од претходните проби, оваа беше малку подобро организирана. Имено, сателитот се наоѓаше во ниската орбита и набргу требаше да влезе во атмосферата, така што поголем дел од фрагментите релативно брзо ја напуштија орбитата.

И покрај тоа, експертот претпоставува дека уништувањето на сателити во вселената е опасно зашто фрагментите можат да ги оштетат вселенските станици и другите сателити во орбитата.

„Кога некоја земја сака да отстрани сателит од орбитата, таа рачно го спушта и го потопува во југоисточниот дел на Тихиот океан заедно со другите неактивни сателити“, вели Храмчихин.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња