Русија го претставува новиот дрон-бомбардер од висока технологија

Макета на офанзивниот и извидувачки дрон „Гром“ на изложбата „Армија-2021“

Макета на офанзивниот и извидувачки дрон „Гром“ на изложбата „Армија-2021“

Kirill Borisenko (CC BY-SA 4.0)
Овие машини со вештачка интелигенција ќе бидат предводници на армадата дронови-камикаѕи и автоматски ќе им издаваат наредби.

Кон крајот на септември рускиот производител на беспилотни летала (компанијата „Кронштадт“) соопшти дека нејзиниот најнов дрон „Гром“ е подготвен за учество на тендер што Министерството за одбрана го распишува за набавка на беспилотни летала со средна висина (класа MALE – medium-altitude long-endurance). Министерството за одбрана на РФ во блиска иднина ќе ги објави точните датуми на започнувањето на тендерот.

„Овие беспилотни летала ѝ овозможуваат на армијата сите најнови ракети и бомби за ловечки авиони да ги исфрла од дрон и да ја уништува линијата на непријателската одбрана под силен оган со системите за ПВО“, соопштуваат од компанијата „Кронштадт“ за Russia Beyond.

Главната цел на компанијата беше да направи беспилотно летало кое би било на удар на првите непријателски ракетни напади и на тој начин да го „расчисти“ патот за ловците од петтата генерација и за најновите бомбардери со екипаж.

„Ова е брз дрон кој може да го користи истовремено целото современо авионско вооружување. Ние сме подготвени да го модифицираме беспилотното летало во согласност со барањата на нарачателите“, ни изјавија од компанијата.

Според соопштението за медиумите „Гром“ може да стане дури и предводник на армадата дронови-камикаѕи.

Порталот Russia Beyond претходно пишуваше за технологиите на беспилотната армада која интензивно ги развива концернот „Калашников“. „Гром“ може да стане нивен предводник. Тука ќе пронајдете повеќе податоци за специфичните карактеристики на беспилотните летала и нивната примена во идните вооружени судири.

Што знаеме засега за „Гром“?

„Гром ќе може да управува со одред од десет дронови во текот на извидувањето и на вооружените операции во зоните на борбените дејствија ширум светот.

„Тоа ќе биде нешто како летачки центар, 'голем мозок' со масовни ненаведувачки бомби и ракети кој испраќа борбени податоци на помалите дронови-камикаѕи, а тие експлодираат за време на судирот со целта“, вели за Russia Beyond Иван Коновалов, директор за развој во Фондот за унапредување на технологиите на 21 век.

Како што истакна експертот, електрониката и вештачката интелигенција на „Гром“ ќе може да ги усогласува дејствијата со ловците Су-35 и со авионите од петтата генерација Су-57, а исто така и да примаат податоци поврзани со мисијата.

Овој дрон ќе може да носи 2 тони муниција и да лета на висина од 12 километри.

Распонот на крилата изнесува 10 метри, долг е 13.8 метри. Ќе може да лета 700 километри со еден резервоар.

„Тој ќе биде направен по стелт-технологија со аеродинамика на сите конструкциски елементи, а исто така и со широка интеграција на материјали кои апсорбираат радарски зраци“, изјави Коновалов.

Според него, појавата на овој дрон ќе ѝ овозможи на Русија да му се приклучи на елитниот клуб светски сили кои поседуваат дронови од класата MALE (со средна висина и долга издржливост).

„Тоа ќе биде мултифункционален беспилотен систем, оспособен за долгорочни извидувачки мисии, за учество во конфликти и за напад од воздух на добровооружен непријател“, изјави експертот.

Одредот на беспилотни летала ќе се користи за уништување на непријателска оклопна техника концентрирана на едно место. „Големиот брат“ ќе има и опрема за радиоелектронско попречување која може да ја „заслепи“ непријателската одбрана и да ги заштити помалите дронови од напад нa непријателската ПВО.

Вооружување

Како дополнување на дроновите-камикаѕи „Гром“ против копнените цели ќе можат да се применуваат и надзвучни универзални модуларни ракети со мал дострел Х-38. Овие проектили се предвидени за уништување цели кои не се лесно ранливи, и тоа на растојанија помеѓу 3 и 70 километри.

Ракетите имаат фугасна или пробојна боева глава тешка 250 килограми. Високата прецизност на погодување се овозможува благодарение на термовизиските полуактивни ласерски системи за наведување. Дронот може да лансира ракета Х-38 додека се движи со брзина од 54 до 1.620 километри на час. Освен тоа, самиот проектил може да развие брзина поголема од два маха.

Во арсеналот на „Гром“ ќе има и наведувачки авионски бомби КАВ-250 и КАВ-500, предвидени за уништување широк спектар цели, меѓу другото и објекти од непријателската инфраструктура.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња