Русија претстави нова армада дронови-камикаѕе (ФОТОГРАФИИ)

Kalashnikov Group
Тоа ќе биде нечујна армада дронови што носат бомби и можат да ги потопат најновите воени бродови.

Концернот „Калашников“ ги претстави на воената изложба „Армија 2021“ новите дронови со мали димензии кои носат бомби. Изложбата се одржа на крајот на август во Подмосковјето.

Ова е најновата модификација на проектот „КУБ“ од 2019 година. Се работи за рој дронови, од кои секој носи бомба тешка 3 килограми. Ројот може незабележливо да се приближи до непријателски брод (или кон која било друга непријателска цел) и да го уништи.

Компанијата штотуку го заврши државното воено тестирање и направи специјален лансер кој истовремено собира 15 дронови. Лансерот може да биде монтиран на помали моторни чамци или лесна оклопна техника во зони на борбени дејствија.

„Овој дрон е баражна бомба која може да биде со часови во воздух или веднаш да полета кон целта во јато слични дронови и да ја уништи. Дронот е мал и нечуен благодарение на електричниот мотор кој практично не испушта звук, за разлика од сличните уреди од странско производство“, вели Никита Хамитов, раководител на специјални проекти на компанијата Zala Aero Group, која во концернот „Калашников“ е задолжена за создавање овој систем на вооружување.

Тој објасни дека овие дронови може да се користат против сите видови цели, на вода и на копно, па дури и во воздух.

Рускиот „КУБ“ се разликува од неговите западни еквиваленти по низа карактеристики.

„На пазарот нема толку слично оружје. Странските компании се стремат да направат дронови кои носат бомби тешки 80 килограми. Тие се моќни во споредба со нашите „птички“, но се поскапи и погласни. Ние сакавме да направиме мало и незабележително оружје што може да функционира во рој“, истакнува Хамитов.

Благодарение на таа разлика, „КУБ“ е единствен на пазарот на оружје, па компанијата планира во иднина да го претстави на меѓународната сцена. Меѓутоа, не е познато кога тоа ќе се случи, бидејќи се планира најпрвин да се исполни нарачката на Министерството за одбрана на Русија и со овие дронови да се снабди руската армија.

Како функционираат ваквите дронови во зона на борбени дејствија?

„Последен пат слични дронови-камикаѕе беа применети за време на ерменско-азербејџанската војна во Нагорно Карабах. Тогаш Азербејџан обилно користеше беспилотни летала што носеа бомби и со нивна помош ја уништуваше ерменската оклопна техника противракетните системи и предизвикуваше хаос во нивните редови“, вели Иван Коновалов, директор за развој во Фондот за унапредување на технологиите на 21 век.  

Се покажа дека тие камиказе дронови се многу ефикасни. Дури и руските војници беа изненадени од нивното дејство за време на сириската војна.

„Терористите во Сирија неколку пати со дронови ја нападнаа нашата воена база во Хмејмим. Нивните инженери направија мали хеликоптери како детски играчки, им закачија бомби и ги испратија на нашата база“, раскажува Коновалов.

Воената база Хмејмим беше заштитена со ракетен систем „Панцир-С1“, самооден ракетен систем со среден дострел „земја-воздух“ и противвоздушни артилериски системи. Оружјето е дизајнирано за уништување крстосувачки ракети, авиони-ловци од петтата генерација и други скапи воени цели, но не беше ефикасно против голем број дронови од кои секој чини 15 долари и носи помала бомба.

„Проектилите за „Панцир-С1“ чинат илјадници долари. Тоа можат да бидат наведувани ракети и артилериски проектили. Со нивна помош беа соборени дроновите на терористите, но базата остана незаштитена од напади со високотехнолошки системи на воздушно оружје“, истакнува експертот.

После тоа, руските воени експерти сфатија дека е неопходно да се создава поевтино оружје против дронови. Компаниите направија самооден противвоздушен топ со калибар 57 мм кој може да испукува картеч и има нови радиоелектронски системи кои можат да ги онеспособат дроновите во лет. 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња