„Летечкиот Кремљ“: Со што лета Путин?

Михаил Климентјев/Sputnik
Нуклеарен команден пункт, спортска сала и строги правила – дознајте сè што може да се дознае за рускиот претседателски авиони.

Тој треба да биде уникатен, направен во Русија, целосно безбеден и, пожелно е, да е огромен. Така уште кон средината на 20 век беше замислено „леталото број 1“, односно претседателскиот авион. Од 1996 година оваа работа ја извршува ИЛ-96-300ПУ. Само во него лета Владимир Путин на своите патувања во земјата и во странство.

Зошто токму Иљушин ИЛ-96-300ПУ?

ИЛ-96-300ПУ е голем авион. Долг е 55 метри, распонот на неговите крила е 60 метри. Развива максимална брзина од 900 километри на час и има четири млазни мотори (додека многу странски патнички авиони имаат по два). Исти мотори имаат и авионите од серијата на Туполев Ту-204 и Туполев-214, кои се два најчести комерцијални авиони во Русија, многу личат на Боинг 757.

Ова летало има стандардна патничка верзија за 300 патници. Проектиран уште во осумдесеттите години од минатиот век во Воронешката фабрика за авиони, Ил-96 за првпат полета на комерцијален лет во декември 1992 година. Сепак, „Аерофлот“ во целост го напушти овој модел во 2014 година, додека другите комерцијални авиокомпании не планираа ни да го набават. Фабриката има произведено вкупно 25 авиони и поголем дел од нив се наоѓаат во составот на воздухопловниот парк на специјалниот летачки одред „Русија“ (ќерка на „Аерофлот“), кој им стои на услуга на претседателот и на владата.

Објаснувањето зошто токму овој патнички авион му одговара на претседателот е едноставно. Патничкиот авион Ил96 се смета за најперспективен руски модел и своевиден врв на руската конструкторска школа. Но, за авиокомпаниите претставуваше голем трошок зашто четирите мотори бараат двојно повеќе гориво и трошоци за одржување од странските модели.

Затоа за претседателскиот авиопарк ова беше она што е потребно. „Овој авион има четири мотори. Дури и ако откажат два, тој може да лета горе, да се спушта, да маневрира и да го извршува летот“, вели генерал-мајор Владимир Попов на Јутјуб-каналот. Дури и со само еден мотор претседателскиот авион може да мине 800 километри и да слета.

„Постојат низа причини зошто денес како владин авион се користи Ил-96“, објаснува заслужениот пилот на Русија Владимир Таланов. „Како прво, тоа е навистина мошне сигурно и безбедно летало, што ја потврдува и неговата повеќегодишна експлоатација. Освен тоа, тоа е елемент за престиж за руската држава. Не може лидер на секоја земја себеси да си дозволи да лета на 'свој' авион, кој е направен со силата на сопствената земја“.

Претседателскиот Ил-96 беше усовршуван пет пати од моментот на неговото настанување, а последен пат тоа се случи пред неколку месеци.

Што има внатре?

На прв поглед претседателскиот авион по ништо не се разликува од другите авиони од паркот „Русија“, освен по малото руско знаме на опашот. Затоа однатре ова е апсолутно уникатно превозно средство со највисоки стандарди кога станува збор за комуникациските системи и безбедноста, поради што го доби називот „летачки Кремљ“.

Опремен со специјални комуникациски системи, тој е во состојба да испраќа кодирани пораки од која било височина во која било точка на светот со сите комуникациски канали. Ознаката „ПУ“ во називот значи „пункт на командата“ (опремен, меѓу другото, и со „нуклеарен тастер“). Поседува радарска, радиотехничка, оптичко-електронска и визуелна контрола. Целата опрема постои во два примерока за случај на вонредна ситуација, а некои типови апаратура постојат и во неколку примероци. За проектирањето на распоредот на просториите и на техничката опрема беа задолжени стручњаците за воздухопловна опрема на австриското одделение на компанијата Diamond Aircraft Industrie. Притоа податоците за тоа што конкретно од опремата се наоѓа во авионот се заштитени како државна тајна. Многу повеќе се знае за обичните нешта што го прават животот во претседателскиот авион.

Во авионот навистина постојат услови за работа и за живот кои не се ништо полоши одошто оние во Кремљ: работен кабинет за претседателот, неколку соби за состаноци, конференциска сала, соба за одмор за претседателот и салон за гости, мини спортска сала, трпезарија, бар, туш-кабини и посебен медицински блок за реанимација и за да давање итна помош. Сè е дизајнирано во светли тонови со детали во боите на руското знаме, а за украс се користат слики на историски теми кои ги изведоа мајсторите од Павло-Посадската фабрика за свила.

Како изгледа сето тоа луѓето можеа да видат уште во 2018 година, кога Путин му дозволи на башкирскиот ученик Арслан Каипкулов да прошета низ леталото. Имено тој сонуваше да сними видео за претседателскиот авион.

Проценките за тоа колку чини сево ова се разликуваат. Во 2013 година администрацијата на претседателот нарача два вакви авиона: еден за 3.8 милијарди рубли (52 милиони американски долари), другиот за 5.2 милијарди рубли (71 милион американски долари). Додека британскиот таблоид „Дејли мејл“ објави дека авионот всушност чини 390 милиони фунти (500 милиони американски долари според тогашниот курс).

Колку ИЛ-96-300ПУ поседува Путин?

Всушност, поимот „летало број 1“ не се однесува само на еден авион. Секогаш постојат неколку исти резервни авиони: со обезбедување, со соработници, со новинари. Резервниот авион го следи „главниот“ со задоцнување од 15-20 минути. Во случај на дефект и на слетување на главниот авион, резервниот треба да ги преземе патниците и да ги превезе понатаму.

Од 1977 година важи правилото да не лета еден, ами два резервни авиони (резерва на резервата). Правилото беше воведено откако Москва ја посети претседателот на САД Ричард Никсон, а Леонид Брежњев реши да го повози во Ил-63 (претходно претседателите го користеа овој авион). Патниците ги зазедоа местата, но моторот на авионот не запали. Преминаа во резервен авион, но и тој не полета.

Притоа, сите „претседателски авиони“ оваа функција можат да ја извршуваат најмногу 15 години од производството. Кога ќе истече овој рок, авионот преминува на користење во други ресори, а претседателот добива нов авион.

Строги правила

Во претседателскиот авион важат строги правила, а најважно од нив е дека сè мора да биде исправно и да функционира. Ова се однесува како на авионот, така и на екипажот. „Дури и ако само едно седиште не може да се спушти, ние често го менуваме авионот и не летаме“, објаснува Константин Терешченко, поранешен главен пилот на Путин. Додека другите авиокомпании имаат простор за таканаречено складирање на неисправности (кои не ја загрозуваат безбедноста), и авионот сепак лета, тоа не се случува кога станува збор за претседателскиот авион.

Уште едно задолжително правило е дека авионот мора да функционира автономно како подморница. Тоа значи дека техничкото одржување и поправката на авионот број 1 го извршува исклучиво неговиот екипаж и туѓи раце на други аеродроми не можат да го допрат.

„Доколку станува збор за државна посета, летаат главниот авион, резервен авион и предна група. Во предната група се шест членови на техничкиот екипаж, во резервниот се четворица, а двајца се во главниот авион. Бригадата од осум лица може да го расклопи и да го состави целиот авион. Тие се подготвени за тоа“, вели поранешниот пилот.

Контролорите на летот, пак, се исти како и за цивилната авијација. Само што за време на летот на главниот авион се ослободуваат термини, се остава растојание од другите авиони пред и потоа. Исто е и со резервниот авион, но во помала мера. Според Терешченко, додека некогаш оддалеченоста на главниот авион од другите можеше да биде два часа лет, денес е неколку пати помала.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња