Никогаш не сте биле во руско село? Обидете се со помош на симулатор!

Flex Entertainment
Замислете дека сте сами во мала дрвена куќа, никаде нема жива душа, само вашиот двор, запуштена шупа и стотици километри шума наоколу.

Ги отворам очите, надвор веќе се разденило. Станувам од кревет, префрлам преку него прекривка украсена со руски народни шари кои се викаат „хохлома“, на минување фрлам поглед врз својата единствена комода со порцелански сервис и се симнувам на приземје за појадок. Патем задолжителни погледнувам во иконата со свеќи и му се заблагодарувам на Бога пред оброкот.

Долу веќе ме чекаат печката и трпезариската маса со самовар, колачи со фил од вишни и пирошки со зелка. Но, поради некоја причина не можам да ги изедам, можам само да ја подигнам храната и со неа да го гаѓам дрвениот ѕид.

Овде никогаш не е виден телевизор, а особено компјутер, па од досада излегувам на улица и веднаш го слушам црцорењето на птиците и штурците. Во дворот ме пречекува празен бунар, стара шупа и единственото живо суштество - бик кој тажно гледа некаде настрана.

Токму така изгледа играта „Симулатор на осаменост на руско село“ на рускиот независен девелопер Flex Entertainment. Играта излезе на Steam на 9 април 2021 година. Во неа нема чудовишта (ако не се сметаат стаорците во напуштените куќи), нема комплицирани дејствија или потраги, само напуштено село во непозната руска провинција и можност да ја почувствувате таа атмосфера како единствениот негов жител.

„Порано овде вриело од луѓе, но немало можности за вработување и забава, ниту некакви перспективи, така што прво заминале младите, а потоа и сите други. Вие сте единствениот кој не ги оставил широките полиња, густите шуми и утринското капење во реката заради седење во канцеларија и мрачен живот во човечки мравјалник од осумкатници од панел блокови. Од аспект на процесот во играта, ова е класичен симулатор на одење во декорации што се препознатливи за луѓето од Заедницата на независни држави“, објаснува креаторот на играта на нејзината страница на платформата „Стим“.

Во суштина, станува збор за класичен „симулатор на одење“ каде што единствената цел е да го обиколите сопствениот имот, да ги прочитате натписите на ѕидовите на напуштените објекти или да лутате низ густата шума во текот на летото, преку мочуришта, реки и дрвени мостови. Ако го засилите звукот до крај, може да ви се пристори дека не сте сами во селото, бидејќи цело време ќе ви се чини дека слушате чекори и некакво чудно крцкање. Можеби како и вашите поранешни соседи ќе се обидете да избегате в град, но тоа нема да ви појде од рака, бидејќи се чини дека шумата е бескрајна, а бидејќи немате мапа, многу е тешко да се вратите дома.

Играчите на „Стим“ се жалат дека играта нема доволно дејствија, бидејќи не можат да се качат на печката, да се напијат водка или да се бањаат во парната бања. Вистина, креаторите на играта не ни предвиделе каква било забава, туку само тотално впуштање во атмосферата на зафрлено село некаде далеку во руската провинција.

„Авторот на играта прикажува и покренува многу актуелна и исклучително важна тема за изумирањето на руското село во нашата земја, како и проблемот на осаменоста и одвоеноста меѓу луѓето, како и нивната неспособност и недостатокот на желба самите да ги пребродат тие бариери“, пишува во својот коментар гејмерот krtdn.

„Симулатор на осаменост во руската провинција“ е достапен на „Стим“ само на руски јазик. Цената на играта е 59 рубли (0,79 долари).

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња