Руски симулатор на универзумот нѐ води во далечни галаксии (ФОТО)

Space Engine
Дали некогаш сте посакале да станете космонаут? Сега можете да го направите тоа седејќи си во вашата фотелја, благодарение на астрономската 3Д програма SpaceEngine креирана од Владимир Ромањук од Санкт Петербург.

Кој барем еднаш во животот не сонувал да отпатува во вселената и да ги истражува милионите галаксии, милијардите ѕвезди и безбројните планети? Знаеме за научнофантастичните книги и филмови, сме ги читале и гледале и сме играле такви видео-игри. Но, немавме виртуелен приказ кој е многу близу до реалноста, ниту слобода да се спуштиме на секоја планета и да уживаме во вселенските пејзажи онолку колку што сакаме.

Сега имаме таква можност и не ни треба доживотна обука, т.е. не мора да станеме космонаут, ниту да си го ризикуваме животот во вселената. Владимир Ромањук, руски астроном и програмер, го посвети својот живот на создавање тродимензионален планетариум што го прикажува целиот универзум врз основа на реални астрономски податоци и прецизно научно процедурално генерирање во согласност со соодветен алгоритам.

Така настана астрономската 3Д програма SpaceEngine, која во моментов е неспоредлива во светот. „Постојат различни програми со симулација на планети, но тие немаат процедурално генерирање и се ограничени на објекти што им се познати на астрономите. Бидејќи колку подалеку се оди од Земјата, има сѐ помалку достапни објекти“, објаснува авторот на програмата. „Процедуралното генерирањечесто се користи во видео-игрите, но тоа обично не се стреми кон научна прецизност и не дава можност за истражување на вселената по сопствена желба и во сите размери - од површината на конкретна планета до галактички кластери“.

Најновата верзија на програмата функционира веќе три години и сега може да се купи за само 465 рубли (7,3 долари). Постарите, бесплатни верзии на програмата SpaceEngine, исто така можат да се преземат, но авторот посочува дека во новата верзија има многу што старите верзии не го поддржуваат.

Авторот вели дека оваа програма сега е неговата единствена преокупација. Започна да работи на неа во 2005 година и во тоа време била страничен проект затоа што Ромањук работел извесно време во Главната астрономска опсерваторија на Руската академија на науки во Пулково. „Не ми се допаѓаше академската работа, а мојот проект напредуваше, така што по некое време решив да се фокусирам на него“, вели тој.

Владимир ја направи оваа програма самостојно, но вели дека има неколку луѓе во тимот кои му помагаат околу кодирањето и администрирањето на онлајн-ресурсите на проектот. Покрај тоа, има многу обожаватели кои прават кориснички додатоци - модели, текстури и каталози.

Симулаторот веќе има илјадници галаксии, но рускиот програмер тврди дека уште многу нешта можат да се подобрат.

„Правам сѐ што е во мојата моќ да го направам приказот што е можно поверодостоен. Во кодот се користат огромен број формули од астрофизиката, но товарот е преголем, така што сѐ уште не е сè идеално“, вели тој.

„Невозможно е еден човек да ги проучи и да ги реализира во кодот сите современи астрофизички теории... Покрај тоа, процедуралното генерирање понекогаш дава непредвидливи резултати, како што е населена планета во непосредна близина на црна дупка“.

И покрај тоа, бројот на поклоници на овој симулатор се зголемува од ден на ден. Владимир вели дека бесплатната верзија на програмата е преземена неколку стотици илјади пати, а верзијата што се плаќа е преземена неколку десетици илјади пати. „Тоа е она што сакав да го видам уште како дете“, пишува во еден коментар.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња