Во овој момент во Русија се гради сигурно најсилната флота на светот составена од мразокршачи. Ова на заседанието на советот на Руското географско друштво го изјави првиот човек на Руската Федерација В. В. Путин, пренесува веб-порталот ТАСС.
„Русија ја гради најмоќната флота мразокршачи на светот, вклучувајќои такви гиганти како што се бродовите „Лидер“, какви што сè уште никој нема изградено“, рече рускиот претседател.
Атомскиот мразокршач од класата 10510 „Лидер“ е наменет за спроведување транспортни бродови со капацитет од над 100 илјади тони и ширина над 50 метри по сите делови на Северноморскиот пат. Овој мразокршач црпи енергија од погонски блок кој се состои од два реактори кои генерираат енергија од околу 730 мегавати. Оваа енергија се пренесува на четири големи пропелери кои го движат бродот. Максималната дебелина на мразот што овој брод може да ја скрши при брзина од 2 јазли е 4,3 метри. Со брзина од 12 јазли „Лидер“ крши санти мраз дебели 2 метри. Екипажот се состои од 127 морнари, а предвидениот период на експлоатација е 40 години. Вкупниот депласман на бродот е 73380 тони.
Мразокршачот од класата „Лидер“, кој според замислите на неговите конструктори ќе биде најмоќниот брод од оваа класа во светот, ќе може во целост да ги исполни и највисоките барања. Исто така, треба да се напомене дека во Санкт Петербург во моментот се градат три мразокршачи од класата „Арктик“, од кои првиот брод е веќе спуштен во вода и се наоѓа на тестирање. Сепак, ова се мразокршачи кои спаѓаат во пловилата од третата генерација и кои и покрај тоа немаат соодветна конкуренција во светот. Мразокршачот од класата „Лидер“ спаѓа во бродовите од четвртата генерација, на кој дури ни страшни санти мраз дебели повеќе од четири метри не му можат ништо. Овој брод е клучен за безбедно функционирање на Северниот морски пат, кој во иднина ќе биде клучен за функционирањето на глобалната економија. Се работи за најкраткиот морски пат помеѓу Азија и Европа, а тоа значи дека и транспортот на стоки ќе биде неспоредливо поевтин, што може да биде многу важно за земјите кои „кубурат“ со своите буџети, и генерално со куповната моќ на своето население.
Според рускиот претседател, во наредните години пловидбата по Северниот морски пат би можела да стане можна практично во текот на целата година.
Путин исто така додаде дека на 13 април оваа година се сретнал со неговиот фински колега, со кого разговарал за активностите во рамките на Арктичкиот совет. „И покрај сите тешкотии што ги имаме денес на меѓународен план, истражувањата на Арктикот, интересот за Арктикот останува непроменет“, подвлече рускиот лидер. Тој спомена дека на Арктикот најочигледно се гледаат климатските промени што се случуваат на планетата, што ја зголемува важноста на таквите истражувања. Путин забележа дека никој не може со целосна точност да ги предвиди последиците од климатските промени. Претседателот како друг важен фактор го наведе активниот економски развој на Арктикот.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче