Американски стручњаци за предностите на „Спутник V“ во однос на американските вакцини

Keystone Press Agency/Global Look Press
Руската вакцина против коронавирус „Спутник“, за разлика од сличните препарати произведувани од американските компании „Фајзер“ (Pfizer) и „Модерна“ (Moderna), не бара исклучително ниска температура за складирање, што е нејзината главна предност. Ова го соопштува ТАСС, повикувајќи се на изјави на стручњаци од три американски универзитети.

„Од она што го прочитав за вакцината, разбирам дека може да се чува на температура што ја одржува обичен фрижидер. Тоа е, се разбира, голема предност, затоа што овозможува испорака на вакцината во земји во кои има многу помали можности за складирање на ултраниски температури“, изјави Даниел Курицкес, раководител на одделот за заразни болести на Медицинскиот факултет на Универзитетот „Харвард“.

Тој рече и дека „Спутник V“ е еден од препаратите кој може долгорочно да помогне во конечното ставање под контрола на ситуацијата со пандемијата на коронавирусот во светот. Тој додаде дека рускиот препарат според својата ефикасност е споредлив со вакцините на „Фајзер“ и „Модерна“ и дека го надминува развојот на вакцината на „АстраЗенека“ (AstraZeneca) и „Џонсон и Џонсон“ (Johnson & Johnson).

„Во третата фаза испитувања нејзината ефикасност веројатно ќе изнесува 91,6%“, изјави Дин Винслоу, специјалист за заразни болести на медицинскиот центар на Универзитетот „Стенфорд“, коментирајќи ја неодамнешната статија за „Спутник V“, објавена во научното списание Тhe Lancet. Тој додаде дека тој показател е малку понизок од оној кај американските вакцини (95%), но го потврди фактот дека рускиот препарат е полесен за складирање, со оглед на тоа дека се ради за ДНК, а не за РНК вакцина. Со него се согласува и Роџер Мекартур, специјалист за заразни болести од Универзитетот „Аугуста“.

Според рускиот Фонд за директни инвестиции, температурата на складирање на „Спутник V“ се движи од +2 до +8 степени Целзиусови. Тоа овозможува складирање и транспорт во вообичаен фрижидер без потреба од „студен синџир“. Вакцината на „Фајзер“ бара температура од најмалку -70 степени, а вакцината на „Модерна“ најмалку -20 степени Целзиусови.

„Спутник V“, развиена во центарот „Гамалеја“, е првата регистрирана вакцина против коронавирус на светот. Според податоците на рускиот Фонд за директни инвестиции, лекот е во моментов регистриран и во Белорусија, Аргентина, Боливија, Србија, Алжир, Палестина, Венецуела, Парагвај, Туркменистан, Унгарија, Обединетите Арапски Емирати, Иран, Гвинеја, Тунис, Ерменија, Мексико и Никарагва.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња