Креаторите на „Спутник Vˮ објавија извештај за сите ТРИ фази на испитувањата. ГЛАВНИ ЗАКЛУЧОЦИ

Getty Images
Првата регистрирана руска вакцина ја докажа својата ефикасност, објави реномираното научно списание The Lancet. Во основни црти ви пренесуваме што потврдија, а што не потврдија испитувањата.

Институт „Гамалејаˮ, креатор на првата официјално регистрирана вакцина против коронавирус, најпосле ги објави резултатите од сите три фази клинички испитувања во реномираното медицинско списание The Lancet. Во истражувањето учествуваа вкупно 19886 доброволци. Во Русија веќе почна масовна вакцинација со „Спутник Vˮ, а во овој момент оваа вакцина е одобрена во уште 15 земји. Еве што до денес со сигурност се знае за оваа вакцина:

Нивото на антитела на коронавирус кај вакцинираните лица е 1,3 до 1,5 пати повисоко отколку кај лицата кои прележале инфекција од коронавирус.

Антитела на коронавирус по вакцинација се потврдени кај 98% доброволци, а клеточен имунитет кај сите учесници во испитувањата.

Во групата лица кои ја примија вакцината се разболеа 16 лица, што е  0,1%. Во групата која прими плацебо се разболеа 62 лица (1,3%). Тоа значи дека просечната ефикасност на вакцината е 91,6%. Тоа е неколку пати пониско од нивото кое креаторите на вакцината претходно го споменуваа, во втората фаза испитувања. Тогаш се зборуваше за ефикасност од 95%.

Значајно е што 1611 учесници во испитувањата кои ја примија вакцината беа постари од 60 години (од нив речиси половина со придружни заболувања) и дека ефикасноста на вакцината во таа група беше малку повисока од просечната: 91,8%.

Па сепак, вакцината има 100% ефикасност против среднотежок и тежок облик на болеста. Сите такви случаи после 21 ден од моментот на вакцинирањето се појавија во плацебо-групата.

Во групата на вакцинирани имаше 45 случаи на нуспојави, но тие не беа поврзани со вакцинацијата, потврди независниот одбор за следење на податоците (IDMC).

Во текот на испитувањата се забележани четири смртни случаи: три меѓу вакцинираните и еден во плацебо-групата, но е потврдено дека ниедна смрт не беше последица од вакцинацијата. Во вакцинираната група пациентите се разболе 4 и 5 ден после првата инјекција. Истражувачите заклучија дека починатите лица биле заразени пред почетокот на истражувањата, иако ПЦР-тестот бил негативен.

Испитувањата покажаа дека поголемиот дел од оние кои беа вакцинирани, а сепак се разболеа од коронавирус, се разболеа пред примањето на втората доза (тоа е аденовирусна вакцина која се дава во две етапи). Тоа значи дека заштитата е забележителна отприлика 16-18 дена после првата инјекција.

Не се забележани случаи на алергиска реакција ниту на анафилактичен  шок. Меѓу несаканите појави се забележани синдроми на настинка, болка на местото на убодот, главоболка и општа слабост. Се смета дека тоа се умерени и безопасни странични ефекти. Кај 94% од вакцинираните тие имаа лесен облик.  

Што понатаму?

Конечна анализа на резултатите допрва претстои, со оглед дека засега периодот на набљудување после првата инјекција беше 48 дена. Останува да се проследи како „Спутник Vˮ се однесува долгорочно, 180 дена после вакцината. Тоа истражувачите допрва треба да го утврдат. Засега тоа е невозможно да се каже за која било од постојните вакцини.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња