„Панцирите“ уништија колона оклопни возила со рафален оган од своите топови

Олга Соколова/Russian Look/Global Look Press
Единиците за противвоздухопловна одбрана кои се наоѓаат во состав на Северната флота (Арктик) изведоа боево гаѓање со цел одбрана на крајбрежниот појас од десант на условниот непријател. „Во вежбата учествуваа батерии кои се наоружани со хибридниот топовско-ракетен противвоздухопловен комплекс со краток дострел „Панцир-С1”.

Овие средства успешно ги извршија сите задачи поставени со сценариото на оваа вежба така што ги уништија целите кои ја имитираа техниката на условниот непријател. Конкретно, во текот на вежбата се поставени мети кои имитираа оклопни транспортери оддалечени околу 3 илјади метри од огнената позиција со „Панцирите“. „По овие цели дејствуваа автоматските топови 2А38 калибар 30 мм”, соопшти информативната служба на Северната флота, пренесува рускиот веб-портал „Интерфакс“.

Вежбата е реализирана на арктичкиот остров Котелни, истакнаа од штабот на Северната флота. Во соопштението понатаму се нагласува дека „во составот на тактичката група на Северната флота на островот Котелни, покрај противвоздухопловниот комплекс „Панцир-С1“ се наоѓаат и системи „Бастион“ кои се наоружани со суперсонични противбродски ракети „Оникс”. Овие системи сигурно обезбедуваат безбедност на руската зона на Арктикот, како и на акваторијата на Северниот морски пат кој се наоѓа во зоната на одговорност на оваа тактичка група“.  

Основната намена на крајбрежниот ракетен систем „Бастион“ е ефикасна борба против површински бродови без оглед на нивниот тип и класа, вклучувајќи тешки крстосувачи и носачи на авиони, поморско-десантни групи, конвои, самостојни бродови и површински радио-контрастни цели, во услови на масивно електронско попречување и заситеност со средства на ПВО/ПРО.

Основната верзија на ракетата е тешка 3000 килограми и долга осум метри. Калибарот на боевата глава е 670 мм. Ја движи тнр. „Ramjet” мотор кој е тежок 200 килограми. Со него ракетата може да достигне брзина од околу 3000 км/час. Експортната варијанта на ракетата која ја носи ознаката „Јахонт“ може да погоди цел на 300 км, додека верзијата на ракетата која е исклучиво наменета за потребите на руската армија ја носи ознаката „Оникс“ и има дострел до 600 км.  

Во првиот дел на траекторијата ракетата се наведува инерцијално со радарски висиномер, додека во завршницата на траекторијата, во зависност од големината на целта, командата над ракетата ја презема моноимпулсната радарска глава за самонаведување која може да зафати цел на далечина од 75 км. Наоружана е со пробојно-деструктивна боева глава.

Во последно време се присутни информациите дека Русите работат на модификација на оваа ракета. Проектилот што ќе ја носи ознаката „Оникс-М“  покрај конвенционална, ќе може да носи и нуклеарна боева глава. Нејзиниот максимален дострел е проектиран на 800 км. Габаритите на ракетата и нејзините летечко-технички карактеристики останаа на нивото на основниот проектил.

96К6 „Панцир С1” е противвоздухопловен хибриден ракетно-топовски систем со краток дострел, наменет за заштита на цивилни и воени објекти од напад со сите современи и перспективни средства за воздушен напад, во сите временски услови, без оглед на времето од денот (ден/ноќ), при масовна употреба на противнички системи за противелектронска борба. Со ракетите може да гаѓа цели на далечина од 20 км/висина 15 км, додека со топовите покрива растојание до 5000 метри. Топови дејствуваат со брзина од околу 4800 гранати во минута. Благодарение на својата универзалност, системот може да се користи против копнени и надводни цели.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња