„Врз основа на крстосувачката ракета „Оникс“ конструиравме нова варијанта која ја носи ознаката „Оникс-М “. Овие ракети ќе можат да остварат ефективен дострел до 800 км“, наведува интернет-порталот „Взгљад“.
Според изворот, „ракетата е опремена со поефикасен систем за наведување и со голема прецизност може да уништи како цели на морската површина, така и копнени цели“. Покрај тоа, оваа ракета ќе има и зголемен степен на отпорност на противелектронските средства на непријателот, пренесува порталот marsonline.
Друг извор од рускиот воено-индустриски комплекс соопшти дека новата верзија на ракетата требало да биде тестирана уште во првата декада на септември. Тестирањето е планирано во водите на Баренцовото Море на полигон на Северната флота. „Меѓутоа, пробните лансирања не беа реализирани поради неопходноста од дополнителни проверки на опитните примероци на овие ракети“, рече овој извор. Сè е поместено за наредните два месеци. Изворот додаде дека модернизираната ракета ќе биде опремена со конвенционална, но и со нуклеарна боева глава.
Димензиите на ракетата и нејзините летечко-технички карактеристики останаа на нивото на базичниот проектил. Основната верзија на ракетата тежи 3000 килограми и е долга осум метри. Калибарот на боевата глава е 670 мм. Ја движи таканаречен Ramjet мотор кој тежи 200 килограми. Со него ракетата може да достигне брзина од околу 3000 км/час. Извозната варијанта на ракетата со ознака „Јахонт“ може да погоди цел на 300 км, додека верзијата на ракетата која е исклучиво наменета за потребите на руската армија ја носи ознаката „Оникс“ и има дострел до 600 км.
Во првиот дел на траекторијата ракетата се наведува инерцијално со радарски висиномер, додека во завршницата на траекторијата, во зависност од големината на целта, командата над ракетата ја презема моноимпулсна радарска глава за самонаведување која може да зафати цел на далечина од 75 км.
Вооружена е со пробојно-деструктивна боева глава. „Оникс-М“, покрај конвенционална, ќе може да носи и нуклеарна боева глава.
Претходно развојната компанија НПО „Машиноградба“ (интегрален дел на корпорацијата „Тактичко ракетно вооружување“) соопшти дека планира модернизација на суперсоничната крстосувачка ракета „Оникс“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче