Што се знае за супертајното оружје за новите подморници?

Андреј Лузик/TASS
Повеќенаменските нуклеарни подморници „Јасен“ и „Бореј“ ќе бидат опремени со најбрзите и најдалекустрелните торпеда на светот. Секоја подморница со вакво оружје ќе стане вистински морски џин.

Русија на почетокот на март го заврши тестирањето на „пробните примероци“ на идните торпеда за нуклеарните подморници „Јасен“ и „Бореј“, изјави Борис Обносов, шеф на корпорацијата „Тактичко ракетно вооружување“.

Овие проекти се реализираат во согласност со програмата за модернизација на арсеналот на руската армија до 2022 година. За две години овие торпеда треба веќе да бидат воведени во експлоатација зашто на оружјето од претходната генерација веќе му истекува работниот век.

Со кои торпеда се сега вооружени подморниците?

Во овој момент руските подморници се вооружени со торпедата „Шквал“ од крајот на минатиот век.

Супербрзата подводна ракета (ракета-торпедо) „Шквал“

Таа развива брзина од 375 километри на час, што практично е незамисливо за подводната техника. Да земеме пример, најсовремениот брз брод не развива брзина поголема од 60 километри на час.

Тоа значи дека практично е невозможно да се избега од „Шквал“. Ова торпедо евентуално може да се уништи само со противторпедна ракета.

„Брзината што ја развива Шквал носи и низа проблеми. Ова торпедо е најбрзото подводно оружје на светот, но е и најгласно, така што лесно се препознава меѓу бродските и подморничките сонарни системи кои ги откриваат непријателските цели на длабочина“, вели за Russia Beyond Вадим Козјулин, професор на Академијата за воени науки.

Според него, инженерите се труделе по секоја цена да направат најбрзо подводно оружје на светот и затоа го имаат овој пропуст.

„Во подводна борба најефикасно е она оружје што сонарните системи на непријателските подморници не можат да го откријат. Колку е потивко лансирањето и движењето на торпедото, поголема е шансата да го уништи непријателот“, додаде Козјулин.

Тој истакна дека лансирањето на „Шквал“ по отворањето на торпедниот силос ја тресел подморницата и се слушал со километри наоколу. Поради тоа било неопходно да се замени со поефикасно и со помодерно оружје.

Какви торпеда добиваат подморниците?

„Шквал“ ќе биде заменет со торпедниот систем „Футљар“ („Футрола“)

Универзалното длабоководно самонаведувачко торпедо „Физик“.

Како што соопштија конструкторите, новите подводни ракети се побрзи, имаат поголем дострел, а што е најважно, потивки се.

Новите торпеда однадвор личат на зелена цевка со сплескан „нос“ (како кај бомбардерот Су-34, кој поради својот „клун“ го има добиено прекарот „пајче“ или „клунар“). „Футљар“ во опашката има „пердуви“ за маневрирање на голема длабочина.

„Футљар“ има аксијално-клипен мотор и тоа е она по што најмногу се разликува од претходниот модел.

„Научниците успеаја значително да го намалат шумот што го прави торпедото. Тоа го постигнале со подобрување на кондицијата на погонскиот сегмент и одот на клиповите во однос на осовината“, вели за Russia Beyond резервниот морнарички капетан од трета класа Дмитриј Литовкин.

Врз основа на соопштенијата на воените стручњаци се знае дека „Футљар“ ги уништува непријателските бродови и подморници на оддалеченост од 60 километри, а се движи со брзина од 65 јазли (практично 120 километри на час).

„Дострелот на Футљар ги надминува показателите на најмодерното американско торпедо Mk48 mod. 7 Spiral“, додава тој.

Литовкин објасни дека „Футљар“ ќе го добијат подморниците од проектот 955 од типот „Бореј“ и проектот 885 од типот „Јасен“. „Бореј“ ќе има комори за 40, а „Јасен“ за 30 торпеда. Според тоа, секоја подморница од новата генерација ќе добие помеѓу 30 и 40 торпеда од класата „Футљар“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња