Супер-ракетоносецот Ту-160М го изведе својот прв пробен лет

Министерство за одбрана на РФ
Првиот модернизиран стратешки бомбардер Ту-160М го изведе денес својот прв лет, соопштија од информативната служба на воздухопловната компанија „Туполев“. Авионот помина 34 минути во воздух, летајќи на висина од 1500 метри.

„Денес, на аеродромот КАЗ кој го носи името на С. П. Горбунов (филијала на ПАО „Туполев“) е реализиран првиот лет на опитниот модернизиран бомбардер-ракетоносец Ту-160М, кој е направен врз база на својот претходник Ту-160. Леталото помина 34 минути во воздух, летајќи на висина од 1500 метри“, соопштија од компнијата „Туполев“, пренесе веб-порталот „Интерфакс“.

„Во текот на летот беа вршени неопходните проверки на најсовремените системи и опремата интегрирана за време на работите над модернизацијата на авионот. Според информациите на пилотите кои управуваа со леталото, целиот лет протече во нормални услови, системите и опремата функционираа без никакви проблеми“, рече портпаролот.

Тој додаде дека со леталото управувал врвен екипаж со извонредно искуство во летање.

Како што понатаму се наведува во соопштението, леталото кое денес го изведе својот пробен лет ја напуштило фабриката кон крајот на ноември минатата година и било испратено на летачко-технички тестирања во специјализирана станица на Казањскиот воздухопловен завод. Таму авионот ја поминал фазата на копнени и воздушни тестирања.

Министерот за одбрана на РФ рече дека по наредба на Врховниот командант на руската армија В. В. Путин, Казањскиот воздухопловен завод добил задача да го обнови производството на модернизираните летала за стратешка намена Ту-160М.

„Овој авион ќе биде опремен со нов офанзивно-навигациски комплекс, современи и сигурни комуникациски системи со засилена заштита од електронски пречки, уникатен пакет на оружје што ќе ги прошири неговите борбени способности при употреба на убојни средства со конвенционални и нуклеарни боеви глави. Исто така, ќе се обнови и погонската на леталото со интеграција на моторот од втора серија НК-32, со што ќе се зголеми неговиот оперативен долет и ќе се продолжи ефективното време на летање“, рече Шојгу, пренесе веб-порталот РИА „Новости“.

Според Путин, договорот потпишан на 25 јануари 2018 година за испорака на бомбардери Ту-160М предвидува производство на 10 авиони по цена од 15 милијарди рубли по авион, со што целосно ќе се пополни капацитетот на фабриката до 2027 година. Покрај тоа, Путин изјави дека новиот суперсоничен стратешки бомбардер Ту-160 „Петар Дејнекин“ ќе ја зајакне нуклеарната тријада на Русија. Министерството за одбрана на РФ има план да модернизира вкупно 16 стратешки авиони на овој стандард, како и проекција која вклучува нарачка на 50 летала од овој тип.

Ту-160 спаѓа во најголемите авиони во историјата на воената авијација. Тоа е суперсоничен бомбардер кој има променлива геометрија на крилата. Според својата тежина, тој е еден од најтешките авиони во светот. Неговата максимална полетна маса достигнува 275 тони, додека капацитетот на неговиот оддел за бомби во трупот достигнува дури 45 тони убоен товар. За споредба, американските стратешки бомбардери можат да носат во својот труп помеѓу 22,7 тони (B-52) - 34,0 тони (B-1B). B-2 „Spirit“ има капацитет на внатрешните спремници до 27 тони убоен товар. И покрај тоа, Ту-160 може да достигне максимална брзина од 2230 км/ч и да се искачи на висина од 21000 метри.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња