Индија уплати аванс и бара од Русија да ја забрза испораката на С-400

С-400 „Триумф”

С-400 „Триумф”

Министерство за одбрана на РФ/Global Look Press
Забрзана испорака на пет полковски комплети С-400 врз основа на договорот вреден 5,43 милијарди американски долари, потпишан во октомври 2018 година, беше една од темите на 19-та седница на руско-индиската меѓувладина комисија за воена и военотехничка соработка што се одржа во средата под заедничко претседателство на министерот за одбрана на Индија Риџнат Синг и неговиот руски колега Сергеј Шојгу.

Индија веќе ја изврши првата уплата во висина од 850 милиони долари за системите С-400 „Триумф“ и сака Русија да ја забрза нивната испорака, објави во средата, 6 ноември, весникот The Economic Times повикувајќи се на извори, пренесува „Интерфакс“.

Според нив, Синг во четврток би можел да го посети и претпријатието во Санкт Петербург што го произведува С-400. Њу Делхи одлучи да ја забрза испораката откако Индија и Русија неодамна смислија платен механизам со кој може да се заобиколат санкциите на САД против набавката на руските системи за вооружување, објаснува изворот.

„Првата уплата од 15% од вредноста на договорот за купување С-400 беше одложена неколку месеци. Но, сега таа е реализирана, додека останатите плаќања се поврзани со испораката. Русија ѝ соопшти на Индија дека ќе се придржува до првобитниот распоред на испораките. Индија, сепак, сака да се забрза испораката“, рече изворот.

Како што претходно беше соопштено, на почетокот на октомври 2018 година, на маргините на руско-индиските разговори на највисоко ниво, беше потпишан договор за испорака на Индија на ПВО-системот С-400 „Триумф“. Индија ќе добие пет полковски комплети С-400.

Во јуни официјалниот претставник на Федералната служба за военотехничка соработка Марија Воробјова изјави за „Интерфакс“ дека испораките на С-400 на Индија ќе почнат по 2020 година.

Ракетниот систем С-400 „Триумф” е наменет за гаѓање авиони на стратешката и тактичката авијација, балистички ракети, хиперсонични цели и други средства за воздушен напад во услови на радиоелектронско и други форми на војување. Системот е во состојба да погоди аеродинамични цели на растојание до 400 километри, а на оддалеченост до 60 километри балистички цели што се движат со брзина до 4,8 километри во секунда на висини од неколку метри до неколку десетици километри.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња