Путин во школа за програмирање поздравен од виртуелната телевизиска водителка Елена

Скриншот

Претседателот на Русија Владимир Путин денеска ја посети школата  за програмирање основана од „Сбербанк“. На шефот на руската држава во „Школа 21“ му беа прикажани достигнувањата од областа на вештачката интелигенција. Путин беше поздравен од виртуелната телевизиска водителка Елена, дигитален аватар на „Сбербанк“ создаден со помош на технологии за вештачка интелигенција.

На претседателот на Руската Федерација му беа покажани постигнувањата на компанијата VisionLabs од доменот на компјутерската визија, препознавањето на лица и објекти. Путин, исто така, се запозна и со системот за анализа на сообраќајните текови во Москва и технологиите за потрага по осомничени лица на јавни места.

Според првиот човек на компанијата VisionLabs Александар Ханин, нивниот систем покажал исклучително добри резултати за време на Светското првенство во фудбал минатата година. Со негова помош биле приведени 62 лица по кои биле распишани потерници.

Врз основа на таа технологија оваа компанија им нуди на училиштата решенија кои ги прават пропусниците и контролата на документи излишни. Благодарение на таквиот систем учениците можат слободно да поминуваат низ турникетите, притоа максимално безбедно и удобно, рече Ханин.

На шефот на руската држава му беше покажан систем за автономно управување со надземен сообраќај развиен од групата компании Cognitive Technologies, како и систем кој овозможува гласовно пополнување на медицинска документација, препознавајќи ги сите медицински термини и кратенки. Путин, исто така, се запозна и со можностите на невронските мрежи во обработката на медиумските содржини, меѓу другото и со подобрувањето на фотографиите (Mail.ru). Корисниците би можеле да ја употребат оваа технологија за обработка на фотографиите за маршот Бесмртниот полк.

Компанијата „Јандекс“ ги претстави достигнувањата на полето на вештачката интелигенција и сферата на транспортот кои можат да го контролираат, меѓу другото, и нивото на замор на возачот.

На претседателот Путин му беа претставени и неколку иновативни производи,меѓу кои е и невронскиот шлем, кој на пациентите со повреди на главата им овозможува да заздрават. Лабораторијата на „Сбербанк“ дојде до решенија кои на лекарите им овозможуваат брзо поставување на дијагноза на мозочен удар, пренесува агенцијата ТАСС.

Како што претходно изјави Владимир Путин, Русија во наредните пет години треба да стане лидер во областа на компјутерскиот развој, меѓу другото, во областа на сајбер-безбедноста. Шефот на руската држава се заложи за зголемување на финансирањето во сферата на вештачката интелигенција.

Прочитајте повеќе: Путин кажа кој може да стане господар на светот

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња