Путин кажа кој може да стане господар на светот

Global Look Press
Претседателот на Русија Владимир Путин изјави дека оној кој има монопол во сферата на вештачката интелигенција може да носи брзи одлуки со подобрување на ефикасноста на управувањето и така да стане „господар на светот“.

„Механизмите на вештачка интелигенција овозможуваат во реално време брзо да се носат оптимални одлуки врз основа на анализа на гигантски обем на податоци, што дава огромна предност во поглед на квалитетот и ефикасноста“, нагласи рускиот претседател на советувањето посветено на развојот на технологиите во областа на вештачката интелигенција.

Според неговите зборови, „ако некој може да обезбеди монопол во сферата на вештачката интелигенција, тогаш последиците на сите нам ни се јасни – тој ќе стане господар на светот“, пренесува агенцијата ТАСС.

„Борбата за технолошко лидерство – пред сѐ во сферата на вештачката интелигенција – веќе стана арена на глобалната конкуренција. Брзината на создавање нови производи и решенија расте со геометриска прогресија“, истакна тој.

Шефот на руската држава нагласи дека тој правец е еден од клучните во технолошкиот развој, бидејќи тој ќе ја трасира иднината на целиот свет. Според неговите зборови, таквите проекти се без преседан во историјата според нивното влијание врз економијата и продуктивноста на трудот, врз ефикасноста на управувањето, врз образованието, здравјето и секојдневниот живот на граѓаните. Путин потсети дека многу земји веќе разработиле сопствена стратегија за развој на вештачка интелигенција.

„И ние, се разбира, треба да обезбедиме технолошки суверенитет во сферата на вештачката интелигенција. Тоа е крајно важен услов за успехот на нашиот бизнис и економијата, квалитетот на животот на граѓаните на Русија, безбедноста и одбранбената моќ на нашата земја. Не се работи само за алгоритми за одредени задачи од потесната струка, потребни се токму универзални решенија чија примена дава максимален ефект, и тоа во секоја сфера“, нагласи рускиот лидер.

Претседателот на РФ во врска со тоа постави задача значително да се зголеми финансирањето на научните истражувања во областа на вештачката интелигенција. „Потребно е повеќекратно да се зголеми финансирањето на истражувањата во сферата на вештачката интелигенција, да се создаде стимул за приватните инвестиции и развој на корпоративната наука, истражувањата и проектите“, објасни Путин.

Меѓу задачите кои треба да се решат во најскоро време шефот на руската држава на прво место ја стави „создавањето на принципиелно нови фундаментални начела, математички методи, принципи на работа на вештачката интелигенција, меѓу другото, и по аналогија со човечкиот мозок“.

„Русија треба да стане еден од клучните играчи во решавањето на најкомплексните научни задачи со учество на научниците од целиот свет. Оваа работа може да се врши и во рамките на меѓународните математички центри“, заклучи Путин.

Тој истовремено потсети дека во 2020 година ќе се отворат меѓународни математички центри во Москва, Санкт Петербург и Сочи.

Во декември 2018 година Путин изјави дека од сите дејности кои се развиваат во современиот свет особено интересни му се генетиката и вештачката интелигенција.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња