Дали на човештвото повторно му се закануваат мали сипаници и други страшни болести?

Getty Images
Бројот на случаите на заболени од мали сипаници (морбили) во целиот свет е загрижувачки. Илјадници луѓе боледуваат и стотици веќе ги изгубија своите животи од болеста која, се чини, засекогаш беше победена. За жал, малите сипаници не се единствената болест која влева страв.

Илејн од Висконсин (САД) имала пет години кога се разболела. Нејзиното тело било толку врело, што девојчето од своето тело веднаш ја фрлало секоја покривка. Во собата било темно, преку очите постојано имала крпа. Подоцна дознала дека на тој начин нејзините родители се обидувале да спречат слепило, една од најсериозните последици од малите сипаници (морбили). „Брат ми се заболе пред мене, така што речиси еден месец поминавме буквално во мрак. Делуваше како вечност“, се сеќава таа подоцна.

Децата биле во карантин. На нивната врата човек од здравствената организација закачил табла со натпис „Никому не му е дозволен влез“. Храна им оставале пред врата, а целото ѓубре било палено.

Оттогаш има поминато над педесет години. Опасниот заразен вирус што Светската здравствена организација (СЗО) го окарактеризира како победена болест сега се врати.

25 април 2019, Њујорк, САД. Деца покрај знак за предупредување за масовна појава на мали сипаници во Бруклин.

Пролетта 2019 година забележани се случаи на заболување дури и во американските држави Вашингтон, Калифорнија, Тексас и Илиноис. Во некои делови на Њујорк прогласена е вонредна состојба. Но, во Европа и во некои други делови на светот ситуацијата се влошува веќе неколку години.

Како се случи сето тоа? „Родителите одбиваат да ги вакцинираат своите деца и себеси, а покрај сето тоа сè поголем е приливот на невакцинирани мигранти во земјите во Европа и во САД“, тоа се главните причини за појавата на малите сипаници во светот што за порталот Russia Beyond ги наведува Сергеј Нетјосов, шеф на лабораторијата за бионанотехнологија, микробиологија и вирусологија на Новосибирскиот државен универзитет.

Дете заболено од мали сипаници

Станува збор за 83.000 заболени во Европа само во 2018 година, што е рекорд во 21 век. Овој број е трикратно поголем одошто во 2017 година. Работата е стасана дотаму што во 2019 година меѓу десетте главни закани за здравјето во светот експертите на СЗО го вброиле одбивањето на граѓаните да се вакцинираат и да ги вакцинираат своите деца.

Дали малите сипаници потекнуваат од Русија?

Некои американски медиуми соопштуваат дека малите сипаници во Вашингтон се појавиле благодарение на заедницата емигранти од Русија и од поранешните советски републики кои зборуваат на руски.

Но, ситуацијата со малите сипаници во Русија не е толку лоша. Вирусолозите велат дека е „под контрола“. Имено, во 2018 година во Русија од оваа болест заболеле 2.538 лица. Од друга страна, вирусот избега од контрола во Украина. Така во Украина во 2016 година само 31% од шестгодишните деца ги имаат примено потребните вакцини против мали сипаници, и тоа е еден од најниските показатели во светот. Поради тоа в 2018 година во Украина мали сипаници добија 54.000 жители, а во 2019 година веќе заболеле 15.000 лица. Северна Македонија во 2018 година по бројот на заболени од мали сипаници се наоѓа на 15 место, додека Србија е на второто веднаш зад Украина. Русија и Португалија го делат 20 место со 16 заболени на еден милион жители. 

21 февруари 2019 година. Медицинска екипа врши вакцинирање против мали сипаници во селско училиште во околината на Лавов, Украина. Од почетокот на 2019 година регистрирани се 20.000 лица заболени од мали сипаници. Од оваа заразна болест во Украина оваа година починаа девет лица, меѓу кои и две деца.

„Мошне често со Русија се асоцираат сите оние што зборуваат на руски, иако тоа се најчесто заедници на емигранти од Средна Азија или од Украина и Белорусија кои исто така зборуваат руски“, вели за порталот Russia Beyond вирусологот Михаил Шчелканов, професор на Далекоисточниот федерален универзитет.

Како што пишуваше „Њујорк тајмс“, болеста се појавува во радикалните верски заедници каде луѓето се настроени против вакцинацијата, како и во емигрантските заедници кои имаат потекло од земјите во кои вакцинирањето е слабо организирано, а тоа се Индонезија, Филипини, Мадагаскар, Индија, Пакистан итн. 

Се смета дека вирусот на мали сипаници е мошне заразен. Позаразен е дури и од еболата, туберкулозата и од грипот. Овој вирус лесно се пренесува по воздушен пат со капки кои се исфрлаат со кашлање или со кивање на заболените. За некој да се зарази со него доволно е да биде во иста просторија со заразено лице. Токму поради тоа засега единствен начин на давање отпор на оваа и на многу болести е создавање колективен имунитет, вели Шчелканов. Овој имунитет е создаден кај најмалку 93-95% од жителите што се вакцинирани.

„Доволно е да се направи десетгодишен прекин во систематската работа на спречување на болеста, односно во превентивната здравствена заштита, и борбата да мора да биде започната од почеток“, смета тој.

Ги прашавме експертите кои „победени“ болести можат да се вратат во исти размери како малите сипаници доколку продолжи тенденцијата на одбивање вакцини.

Рубеола

Вирусот на рубеола исто така лесно се пренесува како и малите сипаници. Згора на тоа се смета дека и двата вируса доаѓаат заедно. Со други зборови, ако се појават мали сипаници наскоро ќе се појави и рубеола, и обратно, вели Шчелканов. Постои дури и заедничка вакцина против овие две болести.

Дури и симптомите на рубеолата се слични дека малите сипаници – треска, исфрлање по целото тело, пречувствителност на светлина... Оваа болест децата ја поднесуваат прилично добро, отприлика како обична настинка, но затоа возрасните многу страдаат. Најзагрозена група се трудниците. Оваа болест кај нив предизвикува тешки компликации кај детето: катаракта, срцеви мани и целосно оштетување на слухот.

Полиомиелитис (детска парализа)

Полиомиелитис е инфекција која кај децата го напаѓа 'рбетниот столб. Жртви на оваа болест биле и Френклин Рузвелт, Артур Кларк и Фрида Кало.

Симптомите се висока температура, повраќање, кијавица и неподнослива болка во мускулите. Тоа трае неколку дена, потоа болката нагло престанува и понекогаш не се чувствува по дел ден. Но, кога болниот ќе се обиде да ја помрдне „излечената“ рака или (почесто) нога, ќе сфати дека не може да го стори тоа.

Можен е и летален исход. Во Њујорк во 1916 година од полиомиелитис починале 2.000 деца. Кон средината на 20 век оваа болест стана вистински кошмар во Северна Америка и во Европа. Спасот го донесе вакцината. Во Советскиот Сојуз, на пример, во 1961 година соопштено е дека болеста е практично целосно ликвидирана.

Заушки (епидемиски паротитис)

За разлика од гореспоменатите вируси, заушките главно не оставаат тешки последици. Болеста обично започнува од треска и воспаление на плунковната жлезда, поради што лицето отекува и тоа трае речиси цела недела. Понекогаш работата завршува во тоа, но во многу случаи доаѓа до компликации.

Со оглед на тоа дека вирусот ги напаѓа жлездите, може да се случи да го нападне и панкреасот и репродуктивните органи. Поради тоа момчињата, на пример, можат да добијат атрофија на тестисите или оваа болест може да предизвика импотенција.

Вакцината за заушки е главно комбинирана (заедно со мали сипаници и со рубеола).

Големи сипаници

Во средниот век големите сипаници ги десеткувале европските градови и села. Секоја година оваа болест убивала стотици илјади луѓе, а на телата на преживеаните до крајот на животот има останато длабоки белези од сипаниците.

Денес се смета дека оваа болест е победена. Последните случаи на зараза во светот е регистриран во 1977 година. „Но, тоа не значи дека поксвирусите (вируси на големи сипаници) се исчезнати и дека повеќе не претставуваат опасност за човекот. На пример, мајмунските сипаници сè повеќе нè загрижуваат“, вели Шчелканов. „Постои веројатност тие да се прилагодат на човекот. Тоа е прашање на време“.

Веќе се имаат појавено некои случаи кога луѓе се заразиле со мајмунски сипаници. Тоа се има случено во Африка, во САД, во Англија и во Сингапур. Релативно добра вест е што вирусот не е толку опасен како вистинските големи сипаници – од него умираат 10% од болните (од вистинските сипаници умираат 20-40%. А поред определени податоци и 90%).

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња