Светска здравствена организација официјално: Русија со статус на земја која ја искоренила рубеолата

Global Look Press

Светската здравствена организација официјално ѝ го потврди на Русија статусот на земја која ја искоренила рубеолата, пренесуваат руските медиуми повикувајќи се на соопштението на Министерството за здравство на Руската Федерација.

Директорот на Европското регионално биро на Светската здравствена организација Жужана Јакаб ѝ врачи по тој повод на руската министерка за здравство Вероника Скворцова соодветен сертификат. Во документот се потврдува дека Русија го запрела ширењето на рубеолата, односно дека во тригодишен период не е откриен ниту еден случај на болеста, како и дека оваа земја дала значаен придонес во постигнувањето на заедничката цел, а тоа е елиминација на малите сипаници и рубеолата во 53 земји на Европа.

Според календарот за имунизација во Русија, вакцинацијата против рубеола за деца стари година дена е задолжителна, а предвидена е уште една на возраст од шест години. Исто така, жените стари од 16 до 25 години кои претходно не ја примиле вакцината мораат да се вакцинираат. Благодарение на фактот дека во многу земји вакцините против рубеола се задолжителни на рана возраст, значително е намален бројот на заболени во целиот свет, па така СЗО во 2015 година обелодени дека земјите на Северна и Јужна Америка ја искорениле рубеолата.

Рубеолата е акутна респираторна заразна вирусна болест која најчесто ги погодува децата и младите луѓе. Проследена е со осип во вид на светлоцрвени неправилни дамки, покачена температура, зголемување на лимфните жлезди и слабост. Иако спаѓа во болести со благи симптоми, и кај мнозинството заболени не остава последици по оздравувањето, во одделни случаи може да дојде до сериозни компликации. Голема опасност може да претставува за бремените жени и во првите месеци на бременоста да доведе до појава на вродени мани кај бебето, кардиоваскуларни проблеми или абортус.

Прочитајте повеќе: Рускиот лек против хепатитис Д во Америка окарактеризиран како „продорна терапија“

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња