Извор: Русија планира да вади руда на Месечината

NASA/ZUMAPRESS.com
Русија планира во периодот од 2031 до 2035 година да префрли на Месечината четири автоматски вселенски апарати, соопшти за РИА „Новости” извор од руската ракетно-космичка индустрија.

„Станицата „Луна-30“ ќе префрли на површината на Месечината лунарен брод за повеќекратно користење чија задача е давање поддршка на мисиите со екипаж. Станица „Луна-31“ на Месечината ќе префрли тежок лунарен модул со маса до пет тони, опремен со неопходните средства за експлоатација на ресурсите на Месечината“, објасни соговорникот на агенцијата.

Освен тоа, станицата „Луна-32” на Земјиниот сателит ќе префрли тешки модули со маса до шест тони за изградба на полигон на Месечината, а лансирањето на орбиталниот апарат „Луна-33“ ќе ги обезбеди комуникациските врски и навигацијата, додаде изворот за РИА „Новости”.

Руската лунарна програма

Како што соопшти генералниот директор на „Роскосмос” Дмитриј Рогозин, планирано е 2021 година на Месечината да биде испратена станицата „Луна-25”, 2023 година орбиталниот апарат „Луна-26”, а уште по година дена станицата „Луна-27”.

„Луна-25” ќе бара воден мраз на јужниот пол на Земјиниот сателит, а исто така ќе тестира технологија за меко слетување. Тоа ќе биде прва руска мисија по 40-годишна пауза. Имено, последната советска станица „Луна-24” е лансирана 1976 година.

Орбиталниот апарат „Луна-26”, од друга страна, треба да изведе картографирање и далечинско истражување на површината на Земјиниот сателит, додека површинската станица „Луна-27” ќе земе примероци за проучување на почвата на јужниот пол на Месечината.

Во 2027 година е планирано на Месечината да се испрати станицата „Луна-28” која на Земјата треба да врати криогени примероци од почвата од јужниот пол на природниот сателит на Земјата, а 2028 година ќе биде испратена „Луна-29” со лунарен модул.

Според информацијата од Централниот научноистражувачки институт за машиноградба во состав на „Роскосмос”, првата руска експедиција со екипаж на Месечината би требало да биде лансирана 2031 година, а потоа е планирано вакви летови да се организираат еднаш годишно.

Прочитајте повеќе: Зошто СССР не испрати човек на Месечина?

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња