„Ракеташите“ со полна пареа: Наскоро пристигнува првиот комплет ракетни системи ПВО С-350 „Витјаз“

Wikipedia
Во тек е интензивна обука на одбрана група „ракеташи“ кои до крајот на оваа година треба да го примат во оперативно дежурство првиот комплет ракетен систем ПВО С-350 „Витјаз“.

Ракетниот систем за противвоздушна одбрана С-350 „Витјаз“ првпат ќе ѝ биде испорачан на руската војска до крајот на оваа година. Првите корисници на овој систем во структурата на руската армија ќе биде Центарот за обука во Ленинградската област. Ова на новинарите им беше пренесено во прес-службата на Министерството за одбрана на Руската Федерација.

„Во 2019 година единиците на Воздушно-космичките сили првпат ќе го добијат најновиот ракетен систем за противвоздушна С-350 „Витјаз“. Единиците кои се наоѓаат во состав на Центарот за обука на ракетните сили на ПВО во составот на ВКС ќе бидат првите кои ќе го усвојат овој комплекс“, се вели во соопштението на Министерството за одбрана кое го пренесува интернет-порталот ТАСС.

Во рамките на Центарот за обука е формирана група ракеташи кои ќе поминат специјална подготовка за прием на новата техника. Точниот датум кога С-350 „Витјаз“ ќе ѝ биде испорачан на руската армија не е познат, освен дека тоа секако ќе биде до крајот на оваа година. Неодамна и рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу навести дека во 2019 година ќе биде реализирана првата испорака на ракетниот систем за ПВО С-350 „Витјаз“ на единиците на руската армија.

Што се однесува до опремувањето на единиците за противвоздушна одбрана во 2018 година, таа може да се оцени како многу успешна. „Ракеташите“ кои се наоѓаат на Крим, во Хабаровскиот крај, Арктичкиот регион, Ленинградската и Калининградската област добија нови бригадни комплети ракетни системи со голем дострел С-400 „Триумф“ и хибридни ракетно-топовски системи со мал дострел „Панцир-С1“. Притоа овие единици за ПВО за само година дена изведоа повеќе од 200 вежби, од кои 20 беа со боево гаѓање.

С-350 „Витјаз“ претставува ракетен систем со среден дострел и спаѓа во орудијата од нова генерација. Развиен е од познатиот концерн „Алмаз-Антеј“. Се употребува за борба против широк спектар воздушни објекти на далечини до 60 км. Притоа ракетата може да собори цел која се движи на висина до 30 км. Системот може подеднакво ефикасно да се употреби против аеродинамични, но и балистички цели. Една лансирна единица на ракетниот систем С-350 „Витјаз“ е вооружена со 12 ракети (9М100 и 9М96) со мал и среден дострел. Треба да се напомне дека руските конструктори за овој систем ја развија и ракетата 9М96Е2 која има двојно поголем дострел во далечина од стандардните ракети. Нејзиниот максимален дострел изнесува 120 км. Во план е овој систем да ги замени основните верзии на системите БУК и С-300 кои се наоѓаат во вооружувањето на руската армија.

Погледнете кои системи руските „ракеташи“ ги добиваат наредната година

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња